Culture Matters Series Archives - Page 3 of 15 - Europe House

Крушево: Скриен скапоцен камен

Работната недела ја завршивме во посетата #EUwithYou на Крушево – шармантниот и историски град сместен во живописните предели на нашата земја, а годинава и прогласен за Град на Културата!

Со 1.220 метри надморска височина, Крушево претставува највисокиот град на Балканот. Додека талкате низ улиците на овој планински скапоцен камен, ќе откриете место богато со култура, глетки кои одземаат здив и топло гостопримство.

 

Започнете го вашето патување во срцето на Крушево, каде што главниот плоштад, ве чека со својата уникатна атмосфера. Плоштадот е опкружен со традиционални камени куќи кои се симбиоза на влашката (епирската) и мијачката (галичката) архитектура и симпатични кафулиња, совршени за уживање во шолја турско кафе и во вкусните локални слатки (локуми, пуслици/целуфки, слатко од аронија).

 

Вљубениците во историјата ќе уживаат во истражувањето на наследството на градот. Не пропуштајте го Музејот на Никола Мартиноски, големиот македонски сликар.

Посетете го Мечкин Камен, каде се наоѓа и полетувалиштето за сите љубители на летањето со параглајдери.

Љубителите на природата ќе бидат маѓепсани од недопрените предели околу Крушево. Врзете ги планинарските чизми и тргнете на патување низ планината Баба, која нуди плејада на патеки за сите нивоа на вештини. Потопете се во спокојството на шумите, вдишете го свежиот планински воздух и уживајте во спокојството на недопрената дивина.

Ниту една посета на Крушево не би била целосна без уживање во локалната кујна. Искусете ги традиционалните македонски јадења како тавче гравче, ајвар и пастрмајлија. Градот е познат и по одличното вино, па не заборавајте да го поврзете вашиот оброк со чаша локално произведено вино.

Зад секое сокаче Крушево крие уште една нова приказна! Затоа испланирајте го Вашиот следен викенд во Крушево.

Интервју со Живко Грозданоски

Пишува: Наташа Атанасова

Живко Грозданоски: Чест е да се биде повикан на некои патувања

Годинава во најтесниот круг за наградата Роман на годината влегоа четири романи, меѓу кои и „Писмо за Глорија“ на Живко Грозданоски. Читајќи ја, сфаќав дека со оваа книга Живко прави голем исчекор во пишувањето и особено воочлив ми беше неговиот напредок како писател. Но, колку што бев позитивно изненадена од стилот, структурата и содржината на романот, во исто време толку и се чудев за своевидниот молк за книгата во јавноста. Пишувајќи автофикција и играјќи си со приказните и со измислиците, вистината и лагата, по долгата „подготовка“, Живко во оваа книга ни ја открива и дијагнозата што ја добил пред шест и пол години, прашањата што таа му ги отворила и начинот на кој „Глорија“ му го сменила животот – теми за кои сметам дека и тоа како вреди јавно да се разговара.

Интересно е што в раце држиме автофикциска книга од македонски автор, по не многу време откако Нобеловата награда за литература минатата година ја доби Ани Ерно и со тоа во светот и во соседството почна наголемо да се зборува за овој жанр. Имаше ли предзнаења за автофикцијата пред да почнеш да пишуваш или пишувајќи ги истражуваше нејзините специфики?  

Контурите на поимот „автофикција“ се поматни од оние на поимот „роман“. Иако „автофикција“ е релативно стар збор, првпат спомнат во седумдесеттите, посебниот интерес за него, ми се чини, е од пред четири-пет години, додека нобеловата награда за Ени Арно од лани само дополнително го популаризираше зборот. Но, би рекол дека многумина од нас имаа искуство со автофикција уште пред да почнеме овој „жанр“ да го нарекуваме така: „Куфер за тројца“ (2014), на пример, е исто така автофикција – во голема мера и таа збирка од три новели е инспирирана од мои автобиографски приказни. Така што, можам да речам дека имав искуство со автофикција кога го пишував „Писмо за Глорија“. А имав и некои „предзнаења“ и обѕири – еден добар текст на оваа тема објавен е на Гардијан, на пример. Конкретно за пишувањето на „Писмо за Глорија“ силен импулс ми даде „автобиографијата“ – во наводници автобиографија – на Куци, „Сцени од провинциски живот“. Особено неговата сјајна самоиронија. Куци, патем, вели дека секоја автобиографија е фикција, и секоја фикција е автобиографија.

„Можеш да избегаш од сè: и од градот, и од земјата, и од континентот, и од луѓето ќе избегаш, но – како да избегаш од прогонот на твоето сопствено тело, кое тргнало против тебе?“

„Писмо за Глорија“, стр. 119

Автофикцијата се занимава со раскажувачко истражување на „граничните ситуации“ во животот на обичниот човек. А во „Писмо за Глорија“ и ти пишуваш за овие гранични ситуации…

                                                                                                                                                                                                                                                                   Моето разбирање за изразот „гранична ситуација“ е поконкретно: се поистоветува со сфаќањето на Јасперс – тоа се екстремни настани што водат до драматична промена на нечиј светоглед по пат на искусување неискажливи чувства и душевни состојби. Затоа, би рекол дека интересите на автофикцијата како жанр се многу пошироки од конкретните доживувања на граничните ситуации. Тоа од една страна. Од друга, граничните ситуации не можат да бидат тема на конкретен жанр, затоа што се занимаваат со неискажливи состојби. Но, иако се неискажливи, човек чувствува потреба одново и одново да ги искаже. Тоа се случувало и со Достоевски, и со неговите искуства при епилептичните напади.

„Писмо за Глорија“ е едно длабоко и бавно четиво, кое ѝ пркоси на брзата денешница со наслов „немам време“ и поднаслов „немам фокус“. Пишувајќи ја твојата медитативна и интроспективна проза, имаше ли замислен, идеален читател? Или, едноставно, таа произлезе од желбата да се искористи исцелителната моќ на пишувањето, без да размислуваш кому се обраќаш?

Книгата само условно би ја нарекол „интроспектив проза“: тоа е пред сè фикција. Оној што ја врши интроспекцијата е пред сè лик (и наратор) – што прво се инспирира од мојата животна приказна, а потоа откачува. Инаку, да, имав свој замислен читател, но – на прв поглед – не му бев особено наклонет. Во книгата се цитира Гомбрович: „Јас пишувам против, а не за читателот.“ Но тоа е, секако, игра. Замислениот читател на раскажувачот му е потребен како скапоцена „точка на отпор“, како оној камен од кој ракот се трие за да се ослободи од стариот оклоп, што во случајов е старата приказна. Но, од друга страна, тој читател е и жив човек што се поведува на патување, а тоа водење треба да биде и одговорно кон него, но и пред сè со верба во него. А тоа што голем број од ликовите во книгата се живи личности ме наведе на тоа сериозно да го преиспитувам начинот на кој сите тие се спомнати во романот. Така што, не знаев, но и донекаде знаев кому се обраќам и со кого комуницирам. Терапевтската моќ на пишувањето е важна, но во суштина не е најважна – тоа би било себично.

„Мора да го запишам ова“, си вели по секоја нова коинциденција, по секое ново мало заокружување на приказната, но чуму тоа собирање белешки, во суштина? Има ли некаква смисла во тој порив, зошто да се храни, кому би му било грижа за неговите лични случајности? Па дури и да ги прекодираовие белешки во некаков ракопис, којзнае колку хаотична приказна би било тоа: зошто некој би се занимавал со неговиот личен хаос?

„Писмо за Глорија“, стр. 146

Зошто реши да раскажуваш во трето лице еднина, а не во прво?

„Писмо за Глорија“ е книга што во голема мера е инспирирана од мојата лична животна приказна. Но, тоа е далеку од мојата лична приказна, и пред сè од тоа како јас неа ја доживувам: „Писмо за Глорија“ е фикција, која мојата животна приказна ја користи само како подлошка: има некои клучни „скршнувања“, претерувања, драматизирања… Мислам дека e многу тешко, ако не и сосем невозможно, во прво лице еднина да пишуваш приказна што ќе биде инспирирана од твојата лична приказна, и тоа „да го протнеш“ како фикција. Иако се обидов во прво лице, брзо се откажав: се чувствував лажно. Не пишувам автобиографија, си реков. И го побарав вистинскиот глас. Го барав сè додека не дојдов до „Укинат театар“ од Булат Окуџава, а потоа и до „Џозеф Антон“ од Салман Ружди, и пред сè до „Сцени од провинциски живот“ од Џон М. Куци. Да, ова е тоа, си реков. Видов колку се забавувал пишувајќи Куци. Колку се дистанцира, често со хумор, од себеси. Па почнав и јас да се забавувам.

Деновиве, возејќи се во автобус ме полазуваат морници помислувајќи на сцената со канцерогенскиот коментар и мултипласклеротичната суптилност со која ја откриваш дијагнозата на Ж., на тој-јас, што е, сепак, ти. По повеќе години чување на болеста подалеку од јавноста, преку романот ја откриваш на сите. Дојде ли со оваа исповедност некакво олеснување? И, да, како си – и душевно и телесно сега откако се ослободи од тежината на чувањето?

Несомнено дојде до олеснување, до некој вид ослободување. Но, тоа олеснување го чувствувам само како мало навестување на едно друго, поголемо ослободување што допрва доаѓа. Овој разговор сега, на пример, исто така го доживувам како една од станиците на патот од тоа поголемо ослободување, и благодарен сум ти. Постои стигма кон многу автоимуни состојби (и кон болестите воопшто, јасно); колективното ниво на свест е ниско.

Јас сум, за среќа, добро. Телесно сум добро: само на левото око се јавува повремена заматеност, а имав и болки на десната рака (за среќа, сега многу поретко). Уморот, исто знае да биде напорен, да ја малтретира психата. Како и да е, состојбата може да биде и „полоша“, но може да е и „подобра“: еден инспиративен пример за тоа е виолончелистот Боб Кафаро.

Често се сеќавам на Апостол Павле, кој благодари за болеста, за која вели дека е „трн“ што го потсетува на вистинскиот пат. Нешто како лед-диода што покажува дека не е спуштена рачната, или дека нема доволно гориво. Интересен е и односот на Достоевски кон болеста. Можам да кажам (брутално упростувајќи) дека поради ова ми се случи препуштање и длабоко мистично искуство („Глорија“) што од корен ми го промени светогледот, начинот на кој гледам на себеси, на оние околу мене, на животот, на смртта… Сега во себе имам една благодарност, една самодоверба, една љубов кон другите за која порано не знаев. Ми се случува и за миг да изгубам трпение, но главно имам прифаќање на нештата, и една луда, манијакална верба во силата и во добрината на другите, во нивната моќ со љубов и со кротост да учествуваат во обликување на околината. Главно сум благодарен за секој нов ден, со возбуда и со љубопитност го посматрам светот наоколу. Како да бев еден човек до 30 години, како да сум друг сега. Имам и епизоди на слабост и на нетрпеливост, јасно, но почесто со зазор помислувам: „еј, да не ми се случеше ова, ќе си останев – и тоа којзнае до кога! – истиот: неинициран преживувач, снаоѓач, сомничав и исплашен, несвесен за вистинската природа, своја и на луѓето, која е љубов, светлина. Често помрачена, од гордост и од малодушност, но сепак, во суштина светлина, радост. Затоа имам разбирање и милост за личните слабости и за слабостите на другите. И често помислувам и на Пјер Паоло Пазолини, на првите стихови од една негова песна: “Solo l’amare, solo il conoscere conta…”. Само да се љуби, само да се спознава вреди.

Во романот ја споменуваш и коментираш Сонтаг, една од моите омилени мислителки, која трипати во животот се борела со ракот и која во есејот „Болеста како метафора“ вели дека дискурсите за болестите треба да се исчистат од сите метафори. Ти сметаш дека тоа, всушност, не е можно. И, да, ние луѓето не можеме без тоа апстрактно и метафорично разбирање на сè што ни се случува, па така и на болестите. Дали Глорија е победоносната метафора во твојот случај?

😊 Да, точно е дека не можеме без апстрактно и метафорично разбирање. Тоа е вткаено во нашиот јазик и во нашиот начин на размислување до тој степен што каков било „обид“ за „требење“ на метафорите би бил крајно смешен. На пример, во твоево прашање велиш дека Сонтаг „се борела“ со рак. 😊 Има конкретни истражувања, од кои произлегува дека најчесто не е пожелно пациентите да го гледаат соочувањето со здравствениот предизвик како „борба“, како „војна“. Затоа што борбата исцрпува, а војната е ужасна. Но, има и други начини да се гледа на здравствените предизвици, на сите предизвици. На пример, се предлага „патувањето“ како метафора. И психијатарот Ирвин Јалом, во книгата „Дарот на терапијата“ предлага терапевтот и неговиот клиент да бидат „fellow travelers” – „сопатници“. А победоносната метафора во мојот случај е – пловидбата. „По природниот тек на нештата“. Тоа е она што периодов, целата оваа година (а и претходно, позадински), целосно ми ги обзема вниманието и сосредоточеноста. Со исклучок на некои „екскурзии“, како патувањето до саемот на книгата во Лајпциг, или ова интервју, на пример – но и тие екскурзии си имаат своја конкретна и јасна цел, токму по тој тек.

 

Мора да се дојде до вистинската метафора, многу зависи од тоа. Но, ако „војна“ е погрешна, штетна метафора, кои се вистинските?

Долго ќе си го поставува тоа прашање, а потоа ќе ја сретне Глорија, и неговиот живот ќе почне да плови по она што тој ќе го нарекува Природниот тек на нештата. Значи, можеби „пловидба“ е подобра метафора од „војна“?

„Писмо за Глорија“, стр. 122

 

Во книгата „Не умирам“ („The Undying“), авторката Ен Бојер, која го опишува своето искуство со ракот на дојка, вели дека секоја сериозна болест доаѓа со нов речник на зборови. Кои се најважните зборови што влегоа во твојот речник по добивањето на дијагнозата?

Да, и книгата „Ранетиот раскажувач“ од Артур В. Френк почнува со приказна за личност која вели дека откако ѝ бил дијагностициран некаков синдром морала „да научи да мисли поинаку“. А тоа го подразбира и „инструментот“ за мислење, т.е. јазикот. И кај мене се случи истото: кај мене влегоа не само нови зборови и изрази, туку цел еден систем, нов светоглед. За почеток, за да се сфати мојот искрен однос кон оваа состојба – МС се смета за „состојба“: тоа е посоодветно од „болест“ – треба да се има на ум една вистина што мислам дека ја имам прочитано во суфи-приказна: „суфи е да гледаш како наближува неволја, и да се радуваш“. Ова е тешко сфатливо, но тешко сфатливи се и оние зборови на Исус: „љубете ги непријателите свои“. Да се има хронична состојба може да биде и некој вид повик – да се биде посветен на некои вакви, можеби необични, „наивни“ вистини. А тоа, самото по себе, за мене е радост, возбуда. Можеби звучи лудо, но интуицијата ми вели дека чест е да се биде повикан на некои вакви, ретки патувања.

Клучните зборови што влегоа во мојот „нов речник“ се „љубопитност“ и „можности“ (наспроти „предрасуда“), потоа и (радикална) „ремисија“, па „заедништво“, и уште повеќе „служење“, „верба“, „благодарност“, „радост“, „љубов“, „прошка“ „препуштање“… Ако Ен Бојер спомнува „нов речник“, а Артур В. Френк вели дека „Ранетиот раскажувач“ е негов „прибор да преживување“, за мене „по природниот тек на нештата“ и сите изрази во него ги доживувам како мапа, како светилник. Како штит и меч. Или, мојот нов „оперативен систем“.

Твојот благодарен (и благороден, би додала) пристап кон работите беше видлив изминативе години. Во тој контекст, сакам да ја споменам честитката за Влада Урошевиќ при освојувањето на наградата Роман на годината, во чиј најтесен круг беше и „Глорија“. Од една страна, целосно ми е разбирлив таквиот однос со оглед на тоа на тоа какво великаниште е Урошевиќ, но од друга страна, како сите на момент да нè збунува таа искреност, како да не сме навикнати на неа…

Искрено, мене ме изненади изненаденоста на другите. А многу спонтано ми дојде таа радост за наградата на Урошевиќ, и едноставно сакав да го споделам тоа. Ја имав прочитано неговата „Вистинита, но не многу веројатна приказна…“, и го објавив моето мислење. А тоа дека не сме навикнати на таков гест… тоа е можеби така затоа што почесто навикнати сме на гордост – во најразлични облици. И тоа е така насекаде, не само „кај нас“. Затоа мене, заради мојата лична добросостојба клучно ми е да зборувам и да пишувам за – и пред сè по – она што го нарекувам „по природниот тек на нештата“. Тоа е мојот „кохерентен свет“, во кој се кријат „безброј можности“, како што вели Јасперс: свет што настанува откако (по искусувањето на неописливите чувства) човек ќе успее да спои „рефлексија, имагинација и формативна мисла“. Ова можеби не е сосема јасно, но… сè во свое време. 😊

Помина половина година од објавувањето на „Писмо за Глорија“. Каков е твојот однос кон твоето дело со текот на времето? Живееш ли уште со него во мислите?

Ова прашање ме потсетува на книжевната средба со Георги Господинов во Лајпциг пред некоја недела. Откако го допишал „Засолниште во времето“, романот во кој една од централните теми е деменцијата, авторот бил да се види со некој пријател невролог, и му се пожалил дека се плаши дека ги има сите симптоми на деменција. Неврологот му рекол дека тоа е очекувано: тој е сè уште внатре во ликот, и ќе му треба малку време за да си дојде на себе. И ова не е ништо ново, но многу ме потсети на мојата моментална состојба: и јас како сè уште да не сум излезен од Ж. А тој е во голема мера „негативец“. На едно место нараторот за него вели „Сè што можеше да погреши – сè погреши, секаде каде што можеше да не успее – секаде не успеа.“ Се смеев кога го пишував ова, а штом човек може да напише нешто слично во книга инспирирана од личната приказна, тој очигледно има извесна самодоверба. Но, јас верувам дека емпатијата, позитивна или негативна, е принципот по кој функционира општеството, а човекот е поводливо суштество, па ризик е да се сочувствува со „лоша“ слика за себе, и логично е да треба време потоа „да се излезе“ од тоа. Но, трезвено се посматрам. И гледам како доаѓаат фини нешта.

Со што се китиме?

Пишува: Марија Милошевска, етнолог и мултимедијална уметница

Самото суштествување подразбира творење, креирање, оживување на нешто. Во процесот на креирање на културата накитот претставува еден вид систем од наследени форми изразени преку симболи, со чија помош луѓето комуницираат, опстануваат и го развиваат своето значење и знаење за светот, но и за својот живот.

Накитот е безвремен симбол на идентитетот, статусот и митологијата во човековата култура. Уште од камено време, па сѐ до денес, накитот игра значајна улога во материјалната и духовната ориентација на човекот.  Ова навраќање во каменото време кај архаичниот човек е само компарација и потсетување на репродукцијата на првобитниот чин во повторувањето на еден митски примерок или дејствие, т.н. накит-украс-китење. Заземањето на територијата на телото, со цел да се накити или да се искористи како простор, преку самиот чин на ритуалното украсување со дадената форма придонесува самата форма да стане реалност.

Преку чинот на ритуалното украсување накитот го претвора хаосот во космос, давајќи суштина, дефиниција и меморија за одредена реалност.

Накитот служи како центар на надворешната сила, припишувајќи ги значењето и искуството преку симболиката, потеклото или самиот материјал. Накитот е буквално алка или синџир во создавањето на културата преку верувањата, култот, значењето и обичаите кои ги поврзуваат предметот и личноста. Луѓето ги полнат своите ковчези со бисери, срца, потковици и детелинки, создавајќи материјален спомен за нивното постоење, а самиот страв од заборавање или „вечниот“ потсетник е тоа што нè тера да се украсуваме со сентиментални вредности.

Најскапоцената вредност на накитот е во неговата емотивна и чувствителна поврзаност која ја надминува неговата парична вредност. Всушност, накитот добиен преку наследството што го носиме на нашето тело ја носи тежината на нашата историја и нашите корени. Негувањето на наследениот накит истовремено значи и предавање или пренесување на дел од традицијата на идните генерации. Споделувањето на традицијата и културата е многу повеќе од линеарна и хронолошка активност, преку визуализирање на културата како мрежа и традицијата како нешто што активно се пренесува и циркулира низ таа мрежа.

Во денешната технолошка револуција промените во материјалниот свет одразуваат промена во состојбата на духот и свеста и затоа е важно да одржуваме рамнотежа помеѓу материјалното и духовното и истовремено да ја негуваме сентименталната вредност и чувствата кои нè поврзуваат со нашите корени и наследство.

Се раѓаме со злато и со буква. Со бурмите ја ветуваме љубовта, на вратот ги нижеме медалите, на рацете ги ставаме амајлиите, а спомените за корените филигрански се извезени на обетките, кои пак го одекнуваат моменталниот звук на постоењето – животот.

 

-Марија Милошевска, етнолог и мултимедијална уметница

Ласко Џуровски: Македонската кирилица заслужува бескрајна почит од сите нас

Јазикот е жива материја која го одразува начинот на кој живеат луѓето што го зборуваат. А јазикот, во денешно време, со развојот на дигиталните технологии, својот живот повеќе од кога и да е порано, го живее како текст, преку писмо. Затоа, односот кон писмото, кон нашето македонско кирилично писмо и неговиот изглед во медиумите – печатените, телевизијата, електронските е одраз на односот и почитта што ја имаме кон нашиот јазик и кон тоа што сме.

Човек кој со децении се грижи за зачувување, негување и развој на македонското кирилично писмо е Ласко Џуровски. Неговата работа во областа на крајно маргинализираната дисциплината на графичкиот дизајн, типографијата, е посветена и на создавање писма и фонтови на македонска кирилица, што во овој период на негирање на македонскиот јазик, добива значење поголемо од кога и да е.

Како оддавање почит за неговото дело што непроценливо ја збогатува нашата култура, ова последно интервју во 2022 година го правиме токму со него.

Разговараше: Наташа Атанасова

Како се доживувате себеси повеќе – како графички дизајнер или како типограф?

Всушност се доживувам како „две во едно“, графички дизајнер и типограф. Тие две области се нераскинливо поврзани, испреплетени, едната не може без другата. Нема добар графички дизајн без добра типографија и обратно, нема добра типографија без добар графички дизајн.

Користен фонт: Croma © Ласко Џуровски, TOTEMtype

Што претставува за Вас типографијата?

Типографијата е уметност на дизајнирање букви со кои пишуваме текстови што пренесуваат визуелно оформени информации. Таа ги вклучува во себе различните стилови на фонтови, преку кои создава изглед и структура што пренесуваат емоции и испраќаат визуелни пораки. Накусо кажано, типографијата е она што на текстовите им вдахнува живот.

Користен фонт: Ganger © Ласко Џуровски, TOTEMtype

Од периодот кога имате почнато да се занимавате со типографија до денес, кои се најзначајните и за Вас најинтересни фази низ кои има поминато оваа дисциплина на графичкиот дизајн?

Тоа е фазата на премин од класичната типографија која користеше излиени оловни букви, во дигиталната типографија која направи своевидна револуција во визуелизацијата на текстовите. Вистинска графичка револуција! Дигиталната типографија отвори нови хоризонти во сите области, како во софтверските компании кои креираа интуитивен софтвер за изработка на фонтови на многу софистициран начин, така и во областите на издаваштвото, дизајнот на амбалажа, на медиумите, буквално во сите области кои се базирани на визуелна комуникација. Одеднаш типографијата вплови во рајските води на креацијата кои овозможија она што до вчера не можеше да се замисли да стане реално, опипливо, применливо. Дигиталната типографија потполно го промени светот на презентација на текстовите и отвори некои нови видици кои тежнеат кон совршенство, кое пак, во типографијата, како и во другите области, е недостижно.

На илустрацијата се користени авторски фонтови на Ласко Џуровски

Постои ли пишана историја за типографијата и типографите низ минатото на македонското поднебје? Дали Ве интересирале, дали сте барале вакви информации и што би споделиле од нив како значајно/интересно?

Јас не сум сретнал досега такво нешто, барем не во форма која е потполно и студиозно посветена на македонската типографија, односно на македонското кирилично писмо. Секако дека ме интересираат нејзините корени, постојат илјадници страници пишани документи кои се неизбришливо сведоштво за нашата писменост, за нашиот идентитет, за нашата напатена Македонија и нејзината вековна борба за културна рамноправност во светот на цивилизираните народи. Верувајте, во тој свет на културен натпревар меѓу народите, ние поседуваме многу уникатни пишани документи и предмети кои се сведоштво за она што сме биле и претставуваат насока и основа за она што се стремиме да бидеме, во секој поглед. Зарем постои нешто што посилно ги растреперува дамарите во нашите гради од безвременските стихови кои се вградени во генетскиот код на секој Македонец, како што се: „Зурли штом диво ќе писнат…“, „Откако Ленка остави кошула тенка, ленена…“, „Зајди, зајди…“ и сл.

Користен фонт: Altan © Ласко Џуровски, TOTEMtype

Каков е нашиот однос како индивидуалци кон нашата македонска кирилица денес? А што е со институциите – постои ли грижа за зачувување, негување и развој на нашата кирилица од нивна страна?

Никаков. Жал ми е што морам тоа да го кажам. Кирилицата е оставена на забот на времето кој ја нагризува од сите страни, особено во ова време кога се негира сѐ што е македонско, но попусто, кирилицата е безвременска, бесмртна, ВЕЧНА. Можат да се потпишуваат договори, хартијата трпи сѐ, но никој не може да го избрише она што ни е запишано во душата. Македонската кирилица ќе постои и кога нас и многу генерации после нас ќе ги нема, таа е основната нишка вткаена во нашиот генетски код. Зар може да постои народ ако не остави трага, пишано сведоштво за своето постоење? Кога го велам ова мислам на пишаните патеки кои ги трасирале нашите преродбеници, нашите првоучители – Кирил и Методиј. Таа трага која ја оставаме во времето е напишана со наша, македонска кирилица која заслужува бескрајна почит од сите нас за да ја поставиме на исто рамниште со сите светски писма како неизоставен дел од светското културно богатство.

Што се однесува до институциите, не гледам дека кај нив постои загриженост за македонската кирилица, особено за нејзината егзистенција во дигиталната типографија која незапирливо оди напред отворајќи неограничени можности за кои нашите институции воопшто не се свесни дека постојат. Тие, со својот инертен однос оставаат македонската кирилица да чмае закопана длабоко во минатото наместо да засвети со сета своја раскош и богатство содржани во нејзината едноставност – секој глас една буква. Би бил најсреќен ако некоја од нашите институции може аргументирано да го демантира ова мое тврдење.

Изрека од серијалот „Муабетите со дедо ми Наце“ кој се објавува на профилот на Ласко Џуровски на Фејсбук. Користен фонт: Clone Serif © Rosetta

Но, затоа, Вашиот личен ангажман на ова поле е огромен. Водите ли евиденција, можете ли да ни кажете како изгледаат писмата и фонтовите што ги имате направено во бројки?

Не водам евиденција, тоа изискува премногу време со оглед на сложеноста на она што го работам. Решив дека сепак е поцелисходно тоа време да го посветам на изработка на фонтови кои зборуваат самите за себе. Ќе споменам само еден податок, мојот фонт SkolaSans почнувајќи од неговата промоција во 2013 година па сѐ до денес е преземен од интернет повеќе од милион пати, зборувам во светски рамки, што ме прави особено горд затоа што мојата креација ја употребуваат огромен број корисници. Ако веќе им препуштиме на фонтовите сами да зборуваат можам да го кажам следново: мојот фонт Clone Rounded е дел од типографската понуда на Adobe (https://fonts.adobe.com/fonts/clone-rounded), поставен е таму рамноправно со фонтовите изработени од најголемите имиња на светската типографија како што се Ерик Шпикерман (Erik Spiekermann), Метју Картер (Matthew Carter), Зузана Лицко (Zuzana Licko), Гзавие Дупре (Xavier Dupré), Давид Брежина (David Březina)… Тоа ми причинува огромна чест и задоволство. Clone Rounded се дистрибуира во светски рамки преку компанијата која е посветена на изработка и дистрибуција на мултијазични фонтови на светскиот пазар, Rosetta (https://rosettatype.com/CloneRoundedPE). Овој фонт во 2016 година беше избран меѓу најдобрите 20 фонтови во светот од страна на Typographica (https://typographica.org/typeface-reviews/clone/). Еве, ексклузивно за вас ќе откријам и една тајна, годинава започнав да работам на надградена верзија на овој мој најуспешен фонт кој прераснува во типографски систем составен од 72 фонтови. 🙂 Clone Serif, на кој работам во моментов, е „најмладиот“ член на овој типографски систем и тој ќе биде интернационално промовиран во 2023 година. Инаку, досега имам креирано повеќе од 500 авторски фонтови.

Изрека од серијалот „Муабетите со дедо ми Наце“ кој се објавува на профилот на Ласко Џуровски на Фејсбук. Користен фонт: Clone Serif © Rosetta

Каде наоѓате најмногу инспирација за создавање нови фонтови?

Насекаде околу нас, од книгите, од графитите, од фирмите напишани на дуќаните од старите мајстори фирмописци, од типографијата присутна на ѕидовите во црквите, на иконите, од оригиналните ракописи на нашите поети, писатели… Типичен пример за тоа е фонтот Аманет кој настана врз база на фотографија од напис на ѕидот од една македонска црква во околината на Прилеп. Аманет содржи оригинална и специфична типографија во која е вткаено богатството на форми и орнаменти карактеристични за нашево поднебје. Тој фонт е бесплатен и секој кој е заинтересиран за негова употреба може да го преземе од овој линк.

Фотографија користена како референца за креирање на фонтот Amanet © Ласко Џуровски, TOTEMtype

Пред повеќе од година го објави твојот фонт направен според ракописот на Рацин, кој го имам видено веќе како живее во една книга („Збор по збор“, во издание на „Гаврош“) – што е супер! Кажуваше дека правиш фонтови и според ракописот на Конески, Вапцаров… Кои други писатели/поети „се во игра“ да добијат свој фонт? 😊

Да, Рацин е еден од фонтовите кој го креирав со многу љубов и огромна почит кон делото на Коста Солев Рацин, „црвениот поет“, кој знаеше на уникатен начин да ја наслика со зборови македонската душа. Се надевав дека ќе добијам можност да гостувам на манифестацијата Рацинови средби во Велес, со цел да им го подарам овој фонт за да ги публикуваат Рациновите песни напишани со него. Исто така, тој би бил достапен за слободно преземање од нивната интернет страница. За жал, таа моја желба никогаш не се оствари. Сепак, фонтот Рацин си го доби заслуженото место во македонската типографија. Сведок сум на прекрасни дела во кои тој се употребува, на мое големо задоволство. Како потврда на ова осамна мурал насликан на потпорниот ѕид, во близина на Саат кулата во Велес, на кој се испишани стихови од „Ленка“, со мојот фонт креиран врз база на Рациновиот ракопис. Автор на муралот е уметникот Бранкица Јордановска. Сосема е „нормално“ во нашава Македонија вакви работи да поминуваат незабележано, за жал. Инаку, пред извесно време започнав да работам на фонт базиран на ракописот на Блаже Конески, обезбедив доволно материјали и изработката е во тек. Не можам да кажам кога точно ќе биде завршен. Кога се работи за креирање на фонтови врз база на ракописот на некоја личност многу е значајна базата на пишани документи која можете да ја обезбедите, колку повеќе оригинални документи се достапни, толку е полесно да се генерира дигитален фонт базиран на оригиналниот ракопис.

Мурал во Велес на кој е користен фонтот Racin © Ласко Џуровски, TOTEMtype

Издавачкиот центар „Три“ во поновите книги истакнува кога користи Ваш фонт, што е практика за пофалба. Го следите ли македонското издаваштво? Што би можеле да кажете за изгледот на внатрешните текстови и за типографијата на кориците?

Да, оваа практика е за вистинска пофалба. Издавачкиот центар „Три“ исклучително го почитувам заради професионалниот однос кон употребата на типографијата во нивните изданија. Мислам дека оваа практика би требало да ја следат и другите македонски издавачки куќи. Што се однесува до типографијата на кориците од изданијата на македонските издавачи ситуацијата е „шарена“, сведок сум на извонредни типографски решенија но исто така и на сосема разочарувачки. Се надевам дека ситуацијата во тој поглед ќе се подобрува, се разбира, ако на типографијата ѝ се посвети вниманието кое го заслужува, особено на македонската кирилица.

Неколку книги во издание на „Три“ на чии корици се користени фонтови на Ласко Џуровски

Има ли на повидок помлади наследници дизајнери навлечени на типографија со кои заеднички може да се продолжи да се збогатува македонската кирилица?

Има само обиди, не сум сретнал некој кој навистина сериозно сака да се занимава со оваа работа. Во 2013 година јас организирав типографска работилница, „Типокујна“, на која се обидов да го пренесам моето знаење за креирање фонтови на неколкумина дизајнери кои учествуваа на неа. И покрај успешните резултати и креирањето на десетина кирилични фонтови кои сѐ уште се користат, ниеден од учесниците не продолжи посериозно да се занимава со типографија. Што се однесува на Вашето прашање за „збогатувањето на македонската кирилица“, тоа е приказна сама за себе. По мое мислење, грижата за македонската кирилица треба да биде еден од приоритетите на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Министерството за култура на Република Македонија и Министерството за информатичко општество и администрација. Овие институции немаат воопшто никаква иницијатива ниту пак програма за едукација во областа на дигиталната типографија и македонската кирилица како дел од неа. За да се уверите во ова мое тврдење ве охрабрувам да се јавите во која било од спомнатите институции и да побарате писмен документ на кој е детално претставен изгледот на македонските кирилични букви на еден од стиловите кои постојано се користат на дигиталните медиуми, еве, на пример, нека биде тоа Slab Serif фонт. Пред тие да ви одговорат, а бидете сигурни дека воопшто нема да ви одговорат, ќе ве игнорираат, ви кажувам што ќе добиете како одговор—НИШТО. 🙁 Тажно. Затоа, би го зaвршил овој разговор со апел до сите Македонци, насекаде во светот: развојот на технологијата ни дава можност и моќ, ние самите, да се избориме македонската кирилица да биде рамноправна со останатите светски писма, кирилични и латинични. Македонскиот јазик и македонското кирилично писмо се наше непроценливо културно богатство. Тие се загрозени пред сѐ од самите нас, кога зборуваме и пишуваме неправилно и несоодветно. Затоа, да ги употребуваме правилно, да ги афирмираме и потврдиме во светот како скапоцена придобивка од една стара култура и цивилизација која заслужува почит и поклонение.

Користен фонт: Shaker © Ласко Џуровски, TOTEMtype

БОНУС-ПРАШАЊЕ: Во ракописните исписи наменети за социјалните мрежи ракописното „ш“ го пишувате со цртичка. Еднаш имаше и дебата на Ваш пост за тоа дали треба да се пишува со или без цртичка. Каков е Вашиот став и Вашето образложение?

Технологијата сама го даде одговорот на ова прашање и секоја понатамошна дебата на оваа тема станува беспредметна. Имено, Open Type фонтовите содржат опција (Features) која овозможува секоја буква (карактер) да има повеќе верзии. Тоа ни дава можност да креираме алтернативен карактер за малата ракописна (script) буква „ш“ кој ќе содржи долна црта. Значи, фонтот содржи две различни решенија за истата буква – едно без долна црта и друго со долна црта. Употребата на малата ракописна буква „ш“ со долна црта го решава проблемот на нечитливост кога таа ќе се употреби до малата ракописна буква „и“ или помеѓу две букви „и“, на пример во зборот „напиши“. За да ја избегнеме оваа несакана ситуација, можеме да програмираме постапка која потполно автоматски ќе ја замени буквата „ш“ без долна црта со буквата „ш“ со долна црта, и тоа само на оние места каде што таа се наоѓа пред, помеѓу или после малата буква „и“. Вака, проблемот се решава на сосема едноставен и елегантен начин. Ова е само еден сегмент во кој технологијата за креирање дигитални фонтови ги решава тековните проблеми и недоследности кои се јавуваат при употребата на македонската кирилица на дигиталните медиуми. Но, тоа е веќе друга тема која бара многу повеќе простор за нејзино детално елаборирање.

Користен фонт: LobsterMK © Ласко Џуровски, TOTEMtypе

Насловна фотографија: Жарко Чулиќ

Оливера Ќорвезироска: Критиката е патоказ на книжевноста во времето и просторот

Разговараше: Наташа Атанасова

Кога пред три години, по повод излегувањето на романот „Аб’т“ правев интервју со Оливера Ќорвезироска, прашањата кои ги имав за неа како критичарка, ги оставивме за некој следен разговор.

И, сега, кога ја видов излезена од печат нејзината најнова книга со критички текстови „На полпат (критика или молк)“, знаев дека дојде времето за тој разговор.

Во книгата се сместени текстови за последните дела на триесетина современи македонски, девет истакнати регионални писатели и за последниот роман на Арундати Рој. Напишана со препознатливиот стил на Ќорвезироска, „На полпат“ ќе ве натера да се присетите и уште еднаш да размислите за книгите што сте ги читале или, ако не сте ги читале, ќе ве заинтригира да ги земете за да видите дали би се согласиле со нејзините критички ставови. Во мојот случај, книгата уште еднаш ми потврди дека книжевната критика ни е неопходна, исто како што ни се неопходни и разговори за неа.

Колку е значајна книжевната критика за една културна средина, а колку за самата книжевност?

Мошне е значајна, или барем треба да биде, и во едната и во другата сфера. На поширок општествен план, критиката е значајна за да ја позиционира книжевноста што поцврсто како неодминлив сегмент на културата воопшто; а на потесен план, на планот на самата книжевност, критиката е значајна, или барем треба да биде, за да ја поддржи и да ја трасира вистинската творечката енергија кон вистинскиот пат, а помалку вистинската творечка енергија кон споредните патишта. Критиката во идеални услови треба да функционира како патоказ, како сигналитика на книжевноста во одреден простор и одредено време.

 

Верувам дека критиката треба секогаш да остане во сенката, во дебелата ладовина на добрите приказни, дури и тогаш кога сенката се издолжува и станува идентична на таа што ја создава.

(„На полпат“, стр. 69)

Мојот впечаток за ситуацијата со книжевната критика кај нас во моментов е дека од една страна ја имаме професионалната академска (и елитна) критика која се прашувам дали некој ја чита, а од друга страна „рецензиите“ на интернет, чија крајна цел најчесто е продажба: продажба на книгата како предмет или продажба/самопромоција на човекот што го напишал текстот. Дали идентитетот на книжевната критика, онаква каква што ја знаевме до пред дигиталната доба, е во криза?

Можеби, но не знам на што точно мислите кога велите „идентитет на книжевната критика“. Книжевната критика не е нешто трајно и конечно, таа, како и сѐ друго, е менлива, а она што треба да остане како нејзин императив или цел, е поврзаноста / блискоста со книжевноста. Треба истрајно, дури и настојчиво, да се работи на симетријата во нивниот однос. Академската критика е важна, таа си постои и е читана од тие на кои им е наменета. Највидлив е недостигот на новинската книжевна критика: брзата, смела и верна критика што им оди зад петиците на книгите, што им помага на читателите да се ориентираат во преобемните и честопати недоволно јасни книжевни продукции, но и да го дооформат својот вкус. „Рецензиите“ што ги спомнувате вие, ставајќи го зборот во наводници, се нешто сосем друго и воопшто не мислам на нив во овој контекст. Тие најчесто се гол, бесрамен маркетинг, самопромоција, калкулација, умилкување на потенцијалните, непрофилирани читатели, наместо нивен коректив.

На средина од ситуацијата што ја наведов во претходното прашање би требало да се најде издржаната критика наменета за поширока публика, на приемчив јазик и достапна преку масовен медиум. „На полпат“ е книга со издржани критички текстови, напишана со прекрасен јазик и чие читање е уживање. Останува уште прашањето дали книгата денес (имајќи ги предвид малите тиражи кај нас) е соодветен медиум за таквата критика да стигне до широката публика?

Мора да признам дека не се оптоварувам со тиражите на книгите, главно сум фокусирана на нивната вредност. Борбата за тиражи испреврте сѐ пред себе и ги доведе книжевните „работи“ во безредие. Поради сето тоа, важно ми е она што го мислам за актуелните книги дома и во регионот, да го кажам преку текстови и анализи, преку претставувања и согледби, а не со прокламативни општи зборувања, предефинирања и преобјаснувања. Она што го правиме, по дефиниција, многу подобро нѐ претставува од она што го зборуваме, зборуваме, зборуваме… Постојано читам, често пишувам за прочитаното, објавувам на постојните портали со кои чувствувам естетска и културна припадност, во книжевната периодика, или, едноставно го собирам напишаното и го објавувам во книга. Порано, кога постоеја вистински дневни весници и вистински културни редакции, објавував рецензии на неделно ниво (во „Вечер“, „Утрински весник“, „Слободен печат“…), што значи за една година рецензирав и по повеќе од педесет книги. Тоа беше мошне напорно, но сметам и мошне корисно.

Суштински гледано, ваквата постапка на објавување критика или проза на сопствен приватен профил е исто како шивачка да излезе сосе својата машина од работилницата и среде плоштад да крпи, шие, коригира што кому му треба. Излегувањето на занаетот од дуќанот е сериозен проблем за професионализмот во нашата земја. Како едноставно веќе да го нема. Секој е стручен за сè, никој од нас не живее од она што вистински го знае.

(„На полпат“, стр. 197)

Што значи да се биде (и да се остане) критичарка кај нас? А плус да се биде и писателка? 

Не знам што значи да се биде, ниту што значи да се остане. Јас само го работам со страст она што го сакам и, се надевам, она што најдобро го знам.

Професорката Елизабета Шелева во еден труд за критиката вели дека во нашата книжевна средина владее изместен бонтон и прилично лицемерна култура на незамерување со цел избегнување на некој иден судир на интереси. Каков е твојот став за ова тврдење, а во однос на книжевната критика кај нас?

Не се занимавам премногу со такви нешта. Ниту создавам ниту расипувам пријателства со критика. Сериозно следам домашна и регионална книжевност и се обидувам да го коментирам она што го читам, брзо и прецизно. Исто така се обидувам актуелната домашна продукција да ја ставам во поширок, барем регионален контекст, да повлекувам паралели. Следствено на тоа, во „На полпат“ од вкупно 44 текстови, 32 се за конкретни наслови од домашни автори (добитници на најзначајни книжевни награди, но и млади книжевни гласови), 11 за наслови од регионални автори, главно препораки за превод, и еден текст за новиот роман на Арундати Рој, намерно, за да се поврзат домашната и регионалната книжевност – со светската. Додека ја подготвував книгата за печат, речиси сите наслови од регионалната книжевност што ги препорачував за превод, веќе се преведоа на македонски јазик (Дарко Цвијетиќ, Лана Басташиќ, Кристијан Новак, Дамир Каракаш…) и си дозволувам да помислам дека барем малку сум придонела за тоа.

Дали си имала непријатни ситуации како резултат на твоите критички ставови со авторите на делата за кои си пишувала? И дали ти се јавува(ла) потреба за автоцензура? На кој начин се бориш со неа?

Не. Не сум имала непријатни ситуации, барем не толку непријатни за да ги помнам. Не се борам, не се плашам од туѓи реакции, се трудам да бидам доследна на сопствените принципи, аргументирам, пишувам јасно и недвосмислено, не се кријам зад кажаното, не се додворувам, не манипулирам со своето книжевно мислење и тоа што немам непријатни ситуации си го припишувам себеси како стекната заслуга. Кога не сакам да пишувам за нешто – молчам. Дури и кога нештото ми се допаѓа… Молкот е тешка вештина. Понекогаш дури и потешка од зборувањето и пишувањето.

Критиката сака да интерпретира, таа не сака да сака; сака да коментира, не сака да меморира. Меморирањето е сакање. Нема интерпретација на песна ако таа веќе ви се вовлекла под кожа или ви се забила в срце; нема интерпретација на песна, ако сте ја запомниле без намера и напор да го сторите тоа.

(„На полпат“, стр. 164)

Секоја критика, колку и да претендира на објективност, не може да ја избегне субјективноста. А каде што е субјективноста, таму е и егото. Колкава е одговорноста на критичарот да го заузда своето его давајќи вредносни судови?

Ова е прашање за помлади луѓе кои почнуваат да се занимаваат со критика. Ваквите недоумици се далеку зад мене. Не постои апсолутна објективност, ниту објективност без ронка субјективност, но постојат и правила за односот помеѓу едното и другото. Постојат и покуси и подолги јажиња, синџири,.. свилени врвци за нашите лични вкусови. Едно е книжевен вкус, друго – книжевна компетенција.

Како долгогодишен критичар, кои тенденции во современата македонска книжевност би ги истакнала како најрелевантни за времето во коешто живееме, а кои како највозбудливи за тебе лично?

Помодноста во книжевноста што нѐ заплиснува во бранови не ја сметам за голема опасност, ниту за сериозен ризик. Секој бран остава зад себе и по некоја прекрасна школка. Бисер. Последните години имав чувство дека сите пишуваат кратка проза. Поети, прозаисти,.. почетници, водечки писатели, книжевни класици, доајени во сосем други жанрови. Еве, на пример, во антологијата на микрофикции „Џинџуџе во земјата на афионите“ што годинава ја објави „Темплум“ (приредувачи се Никола Гелевски и Владимир Мартиновски) има дури 73 застапени македонски автори кои работеле или работат во овој жанр. Ако ги има во толкав број во антологија, замислете колкумина реално пишуваат микропроза. Би го спомнала и трендот/бранот на куси романи, повести или дури и новели меѓу кои имаше и такви кои ги понесоа најзначајните награди за роман во земјава. Трендовите пребрзо ја матат водата, но тоа, пак, исто така мошне брзо помага да испливаат на површина и многу други нешта. И најлоши, но и најдобри. Последнава година во регионот сѐ почесто се појавуваат мошне екстензивни романи, како некаков тренд на навраќање на „големите дела“ од претходните векови и книжевни формации. Не би ме изненадило тоа да им се „случи“ и на македонските автори веќе во наредната година, веќе во наредните книги. Брановите, дури и книжевните, пред да остават школка, бисер зад себе, несомнено првин нѐ освежуваат.

Преспанскиот регион – ренесанса на духот

Ресен град помеѓу Преспанското и Охридското езеро, каде почнуваш да го насетуваш мирисот на медитеранот со сите свои колоритни пејзажи. Ресен опколен од спокојот на водата и вкусот на сочните јаболка е приказна за сите сетила која нè враќа кон себе, кон ренесансата на духот.

Ресен е мало и шармантно гратче, но со значајни културни одбележја, како што е Културниот дом „Драги Тозија“, кој бил изграден од 1905 – 1912 година како сарај на бегот Ахмед Нијази-бег, еден од водачите на младотурската револуција. Во неа денес се наоѓа Ресенската керамичка колонија, дом за многу светски познати грнчари, како и постојаната поставка на делата на македонската сликарка Кераца Висулчева. Со архитектурата, сарајот одзема здив, а ресенчани прават сè за да му се спротивстават на забот на времето кој остава траги. Заминувате од сарајот и размислувате колку сме богати со културно наследство, за кое малкумина знаат и дел од нив многу достоинствено го чуваат.

Напуштајќи го Ресен, по пат опколен со сите бои на палетата од флората која те опкружува, се отвора стаклен хоризонт на одразот од облаците во Преспанското езеро. Оттука започнувате да го храните духот со сите убавини на природата.

Прва постојка – село Курбиново, црква Св. Ѓорѓија, 12 век. најпознат по т.н Ангелот од Курбиново. Стилот на уметникот зад фреските, кон крајот на XII век ќе биде пренесен и употребен во катедралите во градовите од италијанскиот регион Тоскана, каде што подоцна, врз основа на овој тип на фреско-сликарство, ќе се развие и светски познатата италијанска ренесанса. – Приказна која ја знаат мештаните, а ние имавме среќа да ни ја раскаже еден од нив. Недалеку подолу бевме срдечно поздравени и од трло кози, кои беа многу љубопитни околу нашиот фотографски објектив. Па, многу вешто го „украдоа“ сето внимание и за брзо тие станаа ѕвезди на нашето патување.

Следна постојка – село Љубојно. Љубојно нè шармираше уште кога ги дознавме легендите за името на селото. Првата е Шекспировска Ромео и Јулија, но со среќен крај: Лошите меѓусоседски односи на жителите од две населби, не им дозволиле на момчето и девојката кои се заљубиле да ја остварат својата љубов, па тие побегнале и создале своја населба која ја нарекле Љубојно. А, второто предание е за првонаселената меанџика Љуба, која точела многу убаво вино. Кога муштериите влегувале во меаната гласно велеле „Љубо, вино“. Денес, Љубојно е село со архитектура за восхит, со неколку околни манастири и го има на дланка Преспанското езеро.

Низ овие места се чини времето како да застанало, но за посетителите времето летнува. И додека ги средувате впечатоците, овие тивки места, незабележително оставаат длабока трага во духот и повикуваат на акција за освестување за тоа колку многу сме богати!

Како што би рекол нашиот Горан Стефановски:

„Не можете вие да барате од мене да не се чувствувам како дел на најдлабокиот и најстар свет, кога Хераклеја ми е дома, кога Охрид ми е дома, кога Виа Игнација, единствениот автопат што постоел во Европа меѓу 5 и 15 век минувал покрај куќата на баба ми во Битола. Не може баш сè да е кај вас, а баш ништо да не е кај нас.“

*Посетата на Преспанскиот регион беше во склоп на EУ со Тебе во Ресен.

„Чудо“: За Романија, Господ и жените

„Чудо“, второто поглавје од трилогијата долгометражни филмови на Богдан Џорџ Апетри, е филм кој е тежок за гледање, тежок за сумирање и тежок за критикување. Инспириран од Балзаковата „Човечка комедија“, Апетри раскажува три неповрзани приказни кои никогаш не се шират, но постојано се продлабочуваат.

Дејството во оваа тмурна мешавина од жанрови се одвива во родното село на режисерот во Северна Романија, а е поделено на два дела. На почетокот, централен лик е Кристина (Јоана Бугарин) – деветнаесетгодишна калуѓерка-почетник која еден ден го напушта манастирот под нејасни околности и никогаш не се враќа. Во втората половина, пак, „Чудо“ се претвора во полициски трилер и го следи детективот Мариус (Емануел Парву) во неговите обиди да разбере што ѝ се случило на Кристина, а и самиот да се соочи со тоа. Жанровската формула попатно се распливнува во чудни сцени на интимност, фантазии за одмазда, христијанско морализирање и несигурни расплети.

Апетри открива малку по малку и не секогаш тоа што гледачот најмногу го интересира. Пред сѐ, филмот ги истражува условите под кои човекот станува животно и релативната баналност на криминалот таму каде што владее масовна рамнодушност. Кристина е единствениот лик чии одлуки потекнуваат од самата неа и покрај тоа што тие никогаш не се објаснети. Можеби е мистериозна или можеби е уште еден „плиток“ женски лик – линијата меѓу двете е тенка. Поголемиот дел од времето таа е само објект кому му се нанесува зло, како во една аудитивно експлицитна сцена, која може да биде тешко поднослива за многу гледачи. Како и многу пати до сега во европската кинематографија, режисерското око на Аперти фрла скоро фетишистички поглед на женското страдање – традиција која малку режисери успешно ја избегнале, пред сè поради емотивната потентност на овие сцени.

Покрај сите профили кои ги гради Апетри, во „Чудо“ Романија е лик сам за себе: држава која сè уште живее во рушевините на некогашниот систем и која создала за своите жители, и за ликовите во филмот, општество кое ниту се распаѓа, ниту се движи напред. Дури и воздухот се чини застоен, а криминалот органски, давајќи му на гледачот ретка можност да проследи филм од Балканот кој не е направен за да шокира странска публика.

Сепак, „Чудо“ не го остварува целиот свој потенцијал. Апетри и овој пат не го предизвикува источноевропскиот формат, но е еден од ретките кои се стремат кон едноставност во својата работа. Наоѓајки баланс помеѓу форма и содржина, вистинското чудо е тоа што тој прави балкански филм кој е интересен дури и на второ гледање.

Севдалина Дамевска

Subscribe To our newsletter!