„Чудо“, второто поглавје од трилогијата долгометражни филмови на Богдан Џорџ Апетри, е филм кој е тежок за гледање, тежок за сумирање и тежок за критикување. Инспириран од Балзаковата „Човечка комедија“, Апетри раскажува три неповрзани приказни кои никогаш не се шират, но постојано се продлабочуваат.
Дејството во оваа тмурна мешавина од жанрови се одвива во родното село на режисерот во Северна Романија, а е поделено на два дела. На почетокот, централен лик е Кристина (Јоана Бугарин) – деветнаесетгодишна калуѓерка-почетник која еден ден го напушта манастирот под нејасни околности и никогаш не се враќа. Во втората половина, пак, „Чудо“ се претвора во полициски трилер и го следи детективот Мариус (Емануел Парву) во неговите обиди да разбере што ѝ се случило на Кристина, а и самиот да се соочи со тоа. Жанровската формула попатно се распливнува во чудни сцени на интимност, фантазии за одмазда, христијанско морализирање и несигурни расплети.
Апетри открива малку по малку и не секогаш тоа што гледачот најмногу го интересира. Пред сѐ, филмот ги истражува условите под кои човекот станува животно и релативната баналност на криминалот таму каде што владее масовна рамнодушност. Кристина е единствениот лик чии одлуки потекнуваат од самата неа и покрај тоа што тие никогаш не се објаснети. Можеби е мистериозна или можеби е уште еден „плиток“ женски лик – линијата меѓу двете е тенка. Поголемиот дел од времето таа е само објект кому му се нанесува зло, како во една аудитивно експлицитна сцена, која може да биде тешко поднослива за многу гледачи. Како и многу пати до сега во европската кинематографија, режисерското око на Аперти фрла скоро фетишистички поглед на женското страдање – традиција која малку режисери успешно ја избегнале, пред сè поради емотивната потентност на овие сцени.
Покрај сите профили кои ги гради Апетри, во „Чудо“ Романија е лик сам за себе: држава која сè уште живее во рушевините на некогашниот систем и која создала за своите жители, и за ликовите во филмот, општество кое ниту се распаѓа, ниту се движи напред. Дури и воздухот се чини застоен, а криминалот органски, давајќи му на гледачот ретка можност да проследи филм од Балканот кој не е направен за да шокира странска публика.
Сепак, „Чудо“ не го остварува целиот свој потенцијал. Апетри и овој пат не го предизвикува источноевропскиот формат, но е еден од ретките кои се стремат кон едноставност во својата работа. Наоѓајки баланс помеѓу форма и содржина, вистинското чудо е тоа што тој прави балкански филм кој е интересен дури и на второ гледање.
Севдалина Дамевска