euhouse, Author at Europe House - Page 3 of 15

EUROPE HOUSE СКОПЈЕ ГО ПРОСЛАВИ СВОЈОТ 4 РОДЕНДЕН СО АРХИТЕКТОНСКИ КОНКУРС

Скопје, 13 ноември 2023 година

Јуроп хаус Скопје ја одбележа својата четврта годишнина со спој на наследството и визијата за иднината, одржувајќи изложба и церемонија на доделување награди за конкурсот за архитектонски и урбанистички дизајн „Скопје на новата генерација“. На овој настан беше прикажан талентот на младите архитекти кои придонесуваат за урбаниот развој на Скопје.

На натпреварот пристигнаа 12 пријави од 24 млади архитекти, а секој од нив претстави планови за обнова на различни локации во градот. Првата награда ја доби „Лотос за неа“ (“Lotus 4 Her”) на Антонио Грујевски за фонтаната „Лотос“ во Градски парк Скопје. Втората награда ја добија Даниела Василева, Сара Велеска и Сара Трајкова за „Реимагинирање на боените бранови“ (“Reimagining Colorwaves”), за кејот „Димитар Влахов“ покрај реката Вардар. Третата награда им припадна на Натали Велеска, Ален Цветковски и Дона Митровска за нивниот проект „СпајнХ“ (“SpineX”), наменет за ревитализација на улицата „Пластичарска“.

May be an image of 9 people

Настанот се одржа во зградата на Централната пошта во Скопје, место со значително историско значење, што „Europa Nostra“ го стави на листата на седумте најзагрозени културни споменици во Европа. На 26 јули, датум што се совпаѓа со 60-годишнината од разорниот земјотрес во Скопје, „Европа Ностра“, во соработка со Институтот на Европската инвестициска банка, го сврте вниманието кон итната потреба за реставрација на зградата. Ова чувство се одрази и во забелешките на евроамбасадорот Дејвид Гир, нагласувајќи ја важноста за итна акција со цел да се зачува оваа историска градба.

„Денес стоиме овде во Пошта, веројатно најзначајниот пример на бруталистичка уметност; естетика што го обликуваше постземјотресниот архитектонски идентитет на Скопје. Да се потсетиме на културното наследство што треба да се заштити и негува. Денес, Пошта сè уште нема покрив и сѐ поголем е ризикот повеќе да не се користи и да се распадне. Сепак, Пошта, да ги употребиме зборовите на Сартр, не прифаќа пораз! Ниту ние. Решивме да го одбележиме четвртиот роденден на  Europe House токму тука. На Денот на ослободувањето на Скопје.“, истакна амбасадорот Гир.

Во нејзиниот говор, министерката за култура, г-ѓа Бисера Костадиновска-Стојчевска, му се заблагодари на амбасадорот Гир и истакна дека “Ова значајна пригода, на Јуроп хаус Скопје од културен карактер успеа да ги зближи историјата и иднината, со креативноста на студентите по архитектура.” Таа додаде дека овој конкурс оди чекор напред и го премостува минатото со аспирациите за иднината.

Конкурсот „Скопје на новата генерација“ го оценуваше жири од 5 члена од сите пет архитектонски факултети во Скопје, (Меѓународен Балкански универзитет, Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС), Универзитетот МИТ, Факултетот за општествени науки (ФОН) и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје).  Проф. д-р Бојан Карнаков, во име на жирито објасни дека:  „Главната цел на конкурсот е да инспирира иновативни идеи за архитектонски и урбан дизајн што би го зајакнале чувството на заедница во јавните простори на делови од градот врежани во колективната меморија на Скопје; младите архитекти до 35-годишна возраст требаше да се фокусираат на повторно осмислување и/или преуредување на овие делови од градот, со цел да се создаде одржлива и инклузивна средина“.

Победничкиот проект „Лотос за неа“ (“Lotus 4 Her”), изработен од младиот архитект Антонио Грујевски, претставува визионерски пејзаж и реставраторски проект чија цел е зајакнување на зелената одржливост во урбаното ткиво на Скопје, притоа оддавајќи почит на жените-архитекти, пионери во областа, кои одиграа клучна улога во обновата на постземјотресно Скопје во 1963 година. Во својот поздравен говор, Грујевски рече: “За еден месец сме во 2024, а сите политичари и дел од нашите колеги сеуште зборуваат за Скопје 2014. Светот се движи напред. Европа се движи напред. Имаме предизвици со климатските промени, со енергетската независност и со загадувањето. Ова се предизвици на кои што мораме да се фокусираме, и да се придружиме кон визиите на Европската Унија.”

Изложбата во Централна Пошта ќе биде отворена за јавноста во наредните три дена, од вторник до четврток, од 12:00 до 15:00 часот.

 

Скопје на најмладата генерација!

Во склоп на 4 роденден на Europe House Skopje  организиравме архитектонската работилница за деца.

Најмладите се запознаа за четирите значајни скопски музеи, – Музеј на град Скопје, Даут-пашин амам, Музеј на современата уметност и Музеј на Македонија и како овие културни институции ја негуваат историјата и уметноста.

Љубопитни, тие се охрабрија да создадат свои минијатурни архитектонски ремек-дела под менторство на архитектите Маргарита Поповска, Милка Черепналковска, Маја Доновски Лукаревска и Мартина Петковска.

За крај, на забавен и интерактивен начин, користејќи разни техники – колажи, цртежи и макети го прикажаа своето решение на поставената задача.

May be an image of 10 people, people studying and table
May be an image of 5 people and people studying

Во соработка со Младите Можат, Europe House мрежата се приклучи на #SocialDay 2023 иницијативата.

Со оваа активност, средношколците беа поканети да заменат еден ден на училиште со 8 часа на работа под менторство на локалните Europe House тимови.

Europe House Veles
Анабела и Димитар- волонтери на Младински центар Велес, се нурнаа во процесот „Oд идеја до реализација“.
Тие имаа можност да бидат дел од секојдневните активности- подготовки, комуникација со соработници како и сите пропратни елементи за успешно реализирање на настани.

Europe House Kriva Palanka
3 групи на волонтери имаа шанса да бидат практиканти во различни области:
1. Во Ранковце се запознаа со работата на The Countryside , чување на животните и нивната улога на пријател на човекот
2. Во #europehousekrivapalanka работеа на организирање настани од логистички аспект и подготовка на просторот за предвидените активности за тој ден
3. Во Кратово, се запознаа со функционирањето на Невладините организации и користењето на опремата и структуирањето на една поткаст епизода која ги опфаќа младинските теми, општеството и културата

Europe House Bitola

Волонтерите се запознаа со начинот на работата, мисијата и функционирањето на локалниот Europe House, како и типот на содржини произведени за млади кои се одраз на европскиот дух. Ентузијазмот на младите волонтери да стекнат нови вештини ја покажаа нивната волја за личен развој и раст.

May be an image of 2 people, people studying and text

May be an image of 2 people

May be an image of 2 people

Четвртиот роденден на Јуроп Хаус Скопје со изложбата „СКОПЈЕ НА НОВАТА ГЕНЕРАЦИЈА“

На 13 ноември, со почеток од 18:30 часот, во знак на 60-годишнината од скопскиот земјотрес, во просториите на  Централната Пошта – Скопје, Јуроп Хаус ќе биде домаќин на прогресивна архитектонска изложба, што произлезе од отворениот конкурс „Скопје на новата генерација“. Амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија, Дејвид Гир на свечената церемонија ќе ги прогласи победниците на конкурсот.

Фазата на пријавување доведе до одлични иновативни урбанистички предлози, каде што секој од предлозите претставува можност за скок кон поинклузивен и ревитализиран град, како и кон модернизација на Скопје. Квалитетот, креативноста и визијата што ја добивме од решенијата на младите архитекти е инспиративна и дава надеж за иднината на градот.

Овој настан ќе биде од отворен карактер и ќе се случува во шалтерската сала на Пошта – Скопје. Сите што ќе го пропуштат главниот настан, ќе имаат можност да ја посетат изложбата и во следните три дена, од 14 до 16 ноември, од 12 до 15 часот.

Дојдете да го прославиме 13 ноември, денот на градот и четвртиот роденден на Јуроп Хаус Скопје со младелачки и смел поглед на новата генерација.

За градот убав пак да никне!

Ве очекуваме!

Детали за настанот

Настан: Четврти роденден на Јуроп Хаус Скопје преку архитектонската изложба „Скопје на новата генерација“

Датум: понеделник, 13 ноември 2023 година

Време: 18:30 часот

Место: Централна пошта – Скопје

Кодекс на облекување: Се препорачува топла облека.

Работилница “Upcycling clothes and mind“

Во рамките на Erasmus+ , ко-финансиран од Европската Делегација, Eco – Logic организираше работилница “Upcycling clothes and mind“ во #europehouseskopje за начините на рециклирање и реупотреба на облека за да се намали токсичниот отпад од гардероба.

Воедно учесниците имаа можност да учествуваат на работилница за везење и да се запознаат со неколку техники, кои можат да ги употребат во секојдневниот живот и да ги разубават постарите парчиња облека, чанти обувки.. едноставно да им дадат нов живот.

May be an image of lace, macrame, jewelry and text May be an image of 2 people and book May be an image of 2 people, people studying and text

Од хоби во пандемија до кожарски занает со потенцијал

По прележан ковид, некаде кон крајот на летото господово 2021, едно попладне скролајќи на „Фејсбук“ без никаква причина, ми излезе реклама: „Како да направиш рачно паричник од кожа“. Веднаш го кликнав линкот, сосема несвесен за „последиците“… Се отвори страница со некои основни, почетни чекори како се изработува еден паричник. Се изначитав на англиски, имаше и фотографии од процесот на изработка и си помислив: „Ова e добар вентил за ново хоби. Имам парчиња кожа во дуќан кај татко ми, кој е тапетар веќе 35 години. Ќе се обидам…“

Првиот модел што го изработив беше предизвик да видам колку сум способен за овој занает. Успешно го изработив, криво-лево што велиме ние во Ресен, но сепак ми беше голема мотивацијата да продолжам понатаму. Инаку, тапацирањето ни е семеен занает со кој се занимавам скоро 20 години, од тинејџерските денови го почнав со татко ми и сè уште го работиме заедно…

Вака започна мојата приказна за рачна изработка на паричници, торбички, ранци и други модни додатоци од кожа. Деновите што следуваа беа целосно исполнети со пребарување по интернет, гледање видеа, потрага за набавка на кожа, алати и сè што е потребно за изработка на паричници… Во нашата земја немаше и сè уште нема од каде да се купат овие нешта и морав да ги нарачувам од странските земји. Кожа, пак, успеав да најдам во Куманово, кај луѓе што работеле во кожарницте… Желбата и мотивацијата за работа растеа секој ден, сè повеќе… Случајно најдов и курсеви од професионалци каде што се објаснува секој чекор за изработка на паричници. Го совладав успешно и стекнав нови знаења околу процесот.

Овој занает ми го исполнува слободното време, секој момент го користам за да изработам некој нов модел на паричник, торбичка, приврзок…. По две години поминати со овој занает, се чувствувам поисполнет од кога било досега. Покрај тоа што ми прерасна како додаток во семејниот буџет, стекнав и многу нови пријателства кои ги одржувам. Новите пријатели, пак, ме препорачуваат на нивни пријатели. Сè уште го креирам мојот бренд на квалитетни изработени парчиња и го промовирам на социјалните мрежи како „Фејсбук“ и „Инстаграм“ и се надевам дека во иднина ќе прерасне во препознатлив и ценет бренд на квалитет, не само кај нас, туку и во светот.

Пласманот на моите производи е онлајн, на социјалните мрежи, повеќе од една година функционирам вака и луѓето веќе почнаа да ја препознаваат квалитетната рачна изработка од природна кожа. Искрено се надевам дека и во иднина клиентите ќе можат да го видат и почувствуваат производот во сопствени раце пред да го купат во некоја продавница или на некој базар за ракотворби.

Поддршката на малите занаети е многу важна, а јас ја имам, пред сè, од семејството, пријателите и новите клиенти кои се задоволни од производот што ќе го купат. Секојдневно добивам позитивни коментари и критики за моите производи. Засега сум задоволен од тоа како пошироката јавност реагира на нив.

Ги охрабрувам сите што имаат замисла за некој занает, да не губат време и премногу да размислуваат како ќе биде, дали ќе успеат… Веднаш да почнат да го работат она што најмногу ги исполнува и ги прави среќни, а тоа што ќе го изработат, да го направат посветено и со многу внимание. Тогаш успехот сам ќе дојдe.

Прв базар на мали еколошки бизниси во нашата земја

Заедно со “Yes for Less” го организиравме првиот базар на мали еколошки бизниси во нашата земја!

Настанот не беше само обичен базар, ова беше и можност за дружба и запознавање со еко заедницата која освен поединци вклучува и бизниси кои иако мали, постојано и несебично го даваат својот придонес за поодржлива иднина.

May be an image of 3 people and text that says 'APRIL 22 APRIL APRIL APR". sor MPRIL APRIL 22 APRIL APRIL 22 22 APRIL 22'

Одржлива мода и аксесоари, природна козметика, нега и лична хигиена, предмети за домот, беа само дел од производите кои посетителите можеа да ги најдат на базарот.

May be an image of matchbook and text

Изговорите дека еколошките алтернативи не постојат или е тешко да се најдат после овој базар не се веќе оправдување. Се гледаме во некои други слични настани од овој карактер!

 

Марко Трпески: Давам тригер за влез во книжевни светови

Разговараше: Наташа Атанасова

Марко Трпески е наш млад дизајнер, чие име можеби не го знаете, но затоа книга со негови корици сигурно сте држеле в раце. Кориците што ги дизајнира тој имаат еден „марковски“ печат што е тешко да не се забележи и кога еднаш ќе станете свесни за него, понатаму редовно ќе ги препознавате новите книги на кои Марко им ја скроил облеката.

Големо задоволство ми е што во рубриката #КуќаЦелСвет, која ја правиме во соработка со „Блен.мк“, гостин ни е токму тој. Неговиот најнов проект Shuffleism, кој всушност е ветување дека 365 дена по ред ќе објавува свои дизајни-коментари, беше поводот за ова интервју, во кое разговаравме и за дизајнот на корици, и за односот кон трендовите и вештачката интелигенција, за ланската „Метафора 1“ и новите „Метафора 2“ и „Ние, чувари на приказната“, кои треба да излезат до крајот на годината. Сè на сè, одлична можност да го запознаете Марко и како уметник (дизајнер и писател), и како човек.

Марко, имаш завршено маркетинг. Како дојде до тоа патот да те одведе кон дизајнот, па плус тоа да го споиш со книгите и да станеш навистина плоден дизајнер на корици?

Марко, имаш завршено маркетинг. Како дојде до тоа патот да те одведе кон дизајнот, па плус тоа да го споиш со книгите и да станеш навистина плоден дизајнер на корици?

Во мојот случај прво беше цртеж, па реч, па грижливо одржување на редот во скромната библиотека на мајка ми проследено со гласна желба и јас еден ден да напишам книга. Следуваа неброени прошетки низ страниците на нејзините книги, смела констатација дека на тие страници им недостасуваат „слики“, па повторно цртеж како клуч од засолниште низ најтешките поглавја на мојот живот, сè до моментот кога решив тие слики да ги претворам во концепти и да разберам како тие концепти функционираат низ призма на психологијата на потрошувачите и понудувачите и сето тоа да биде „креативно“. Најсоодветно место за овој подвиг ми се гледаше катедрата по Маркетинг. Потоа (тогаш велев случајно) следуваше стипендија на академијата за графички дизајн во „Семос“ за стрип-табла, која за малку ќе останеше во фиока. Потоа следуваше и соработката со „Антолог“ и можноста да придонесам на каков било начин за книжевноста кај нас. Романтична приказна, нели! 😊

ПОРТФОЛИОТО НА МАРКО

Денес работиш како фриленс-дизајнер, што е навистина смело, со оглед на тоа што сам треба да се грижиш за целиот процес, од наоѓање работа до наплата и плаќање придонеси… Што позитивно ти нуди ваквиот начин на работа, што се имаш определено за него?

Да, веќе речиси десет години функционирам како фриленсер, т.е. уште кога духот на времето сè уште се колнеше во концептот на „сигурна работа“. А јас, пак, многу рано во животот научив дека сигурноста е привид, молчешкум договорена општествена илузија. Сфатив и дека стремежот кон неа најчесто има мазохистичка природа, затоа што единствено изгледен и сигурен е самиот крај, па понесен од оваа идеја и синхроницитетите кои ја следеа, сите сили ги насочив кон процесот, т.е. кон сето она што е некаде измеѓу почетокот и крајот и решив да уживам во работата во сите искачувања и падови, подвизи и грешки. Уживајќи во возбудата која ја носи љубовта кон тоа што го работиш, речиси несвесно ја прифаќаш можноста да ги запознаеш сите свои димензии, што е огромен бенефит. А само по себе е и можност одново и одново секојдневно да учиш што суштински значи одговорноста. Мене концептот на „фриленс“ ме научи и времето да го гледам низ малку поинаква призма, а ми овозможи и да не се претворам во машина која безпоговорно ќе произведува во рамките на некој тренд.

Како ти тече процесот на дизајн на корица на една книга и колку си задоволен од размерот на вложеното време и креативност, заработката и сатисфакцијата по една издизајнирана корица?

Секој дизајн-процес, без разлика дали е тоа корица или друг материјал, мора да биде искрен, затоа што тоа е единствен одговор на довербата која клиентот ти ја дава на дланка. Втората намирница во мојот дизајн-процес е интуицијата. Да се слуша интуицијата значи и да се слуша сублимиран код испратен од сите сознанија и свесни и несвесни кои сме ги акумулирале со текот на времето. Најчесто, мое е само прецизно да ја артикулирам. Рационализацијата се обидувам да ја оставам за крај за да се изостри, прецизира и доведе до максимумот во соодветното време и простор.

Вложеното време, креативност и заработката најчесто не се за на иста вага во оваа професија, поготово не на нашиот пазар. Веројатно затоа што идејата за професијата се продава со некаков сертификат за технички вештини и со квоти на заработка спакувани во светкавата хартија на трендот, но никако не е за жалење. Сатисфакцијата, патем, е неизмерна! Замислете можност да бидете вие оној кој ќе даде тригер за влез во световите на канонските автори.

 

Корици на книги дизајнирани од Марко Трпески

Графичкиот дизајн подразбира да се биде во чекор со времето. Каков е твојот однос кон модата при дизајнирањето? И дали користењето на вештачката интелигенција (ВИ) ја гледаш како минлива мода или како неодминлива иднина?

Веројатно ќе се согласиме дека графичкиот дизајн е применета современа уметност, што само по себе подразбира одговорност во чии рамки графичкиот дизајн треба да одговори на потребите целната група. Додека модата и трендот нужно не подразбираат современост, туку се првенствено статистички алатки, а во дизајнот претставуваат и согласност заради прифаќање и најчесто лесна материјална исплатливост со неминовни нусефекти како што се униформираност и неинвентивност.

Неодминлива сегашност, би рекол за ВИ, иако самиот концепт ми се чини дека е предвремено роден (понуден на широко користење) случајно или намерно – оценете сами. Mногу недоречености и недостатоци се врзани со ВИ, поготово во поглед на графичкиот дизајн и уметноста. На пример, голем нејзин недостаток е немањето етичка норма ниту регулатива од каде алгоритмите учат (тужби и случаи еден куп), непочитувањето на авторските права, неможноста да се направи ресет. Но со самото тоа што е вештачка не може да биде виновна ниту за тековните, ниту за импликациите кои претпоставувам дека следуваат. А тука се и нашите одговорности, т.е. во равенството неодминлив е и човековиот фактор и начинот на кој тој ја користи ВИ. Имено, наместо алатка за олеснување на работата од дискусиите и моето искуство гледам дека има некоја тенденција да се претвори во инкубатор за оние кои не можат да постават јасна граница помеѓу продукцијата и репродукцијата. Најсимптоматично ми е што без размислување оној кој задал команда се именува како автор на делото.

Извадоци од „Метафора“ од Марко Трпески

Минатата година ја издаде твојата прва авторска книга „Метафора“, која е спој на ликовната и книжевната уметност. Дали таа настана како резултат на своевиден увид дека дизајнот повеќе не може да ти биде единствен канал на (креативно) изразување?

Па, во суштина, дизајнот ми е само доминантен израз, но не и единствен начин на креативно изразување. Имам јас неколку хобија, кои во голема мера служат како автотерапија, т.е. интимен монолог пред огледалото на творбата а и на сепството. На пример, тука е пишаниот збор уште пред „Метафора“, макрофотографијата, наивното макетарство, од пред некое време и обработката на дрво итн. Технички, „Метафора“ настана по увидот дека фиоките и фолдерите во моето опкружување стануваат пренаселени од неприкажани приказни, а таа беше зачната во рамките на концепт и не морав многу да интервенирам, само ги построив илустрациите и текстуалните минијатури, што беше последна заповед на мојот авторитет над нив и им дозволив да живеат меѓу читателите и толкувачите.

„Метафора“ ја гледам како твој сублимиран поглед на современите состојби – оние на умот, на перцепцијата, на реалноста и времето во кое живееме, преточен и низ визуелен, и низ книжевен медиум. Поглед низ маглата на сонот (некогаш на таа пред заспивање, на таа при расонување или, едноставно, преку маглата на заспаноста). А сонот е игрив и надреалистичен и полн симболи кои ни кажуваат многу, само ако сакаме да ги слушнеме. Како ти се чини ова мое доживување на книгата?

Уживам во различните доживувања на „Метафора“, тие се нејзина суштина и животна енергија. Токму тоа е и нејзината цел – да жонглира со перцепциите на читателот, да осцилира помеѓу сонот и јавето, помеѓу свесното и несвесното. Инаку, да, „Метафора“ е паноптикум на симболите на духот од времето кои мене ми се чинеа релевантни за напомена, истовремено и лаичка интуитивна психологизација на духот на времето. Има тука многу слоеви, т.е, за секој кој ќе се осмели по малку.

Илустрации од новата „Метафора 2“, која треба да излезе од печат до крајот на годинава

Дел од страниците на „Ние, чувари на приказната“, замислена како интерактивна книга во која читателот ќе го напише својот текст до илустрациите.

Годинава подготвуваш да издадеш уште две книги – „Метафора 2“ и „Ние, чувари на приказната“. Ќе ни откриеш по нешто за секоја од нив?

Па да, полека но сигурно влегувам во фаза на финални подготовки на двете книги. „Метафора 2“ останува во препознатлив манир, со архетипски вињетки и текстуални минијатури, овојпат од пред огледалата, затоа што метафората го одржува колективното свесно во живот. Додека „Ние, чувари на приказната“ е сосем поинаков концепт, тоа е еден вид игра во книга, книга чија суштина е да се испишува одново и одново во соработка со читателот. „Ние, чуварите на приказната“ треба да претставува една работна тетратка за сонувачи, со знаци покрај патот на мечтите, со знаци и симболи кои ќе бидат препуштени на слободно толкување на оној кој ќе се осмели да ја допишува книгата чија манирска одредница повторно е надреализмот.

Дел од SHUFFLEISM, проектот-ветување со дизајни-коментари.

Твојот креативен и критички настроен ум блеска и во новиот проект „Shuffleism“, кој на Инстаграм го опишуваш како „Logos not Logic“ и „специјализирана продавница за АРТфактите на нашето постоење“. Проектот, засега, се состои од визуелни коментари на разно-разни маркетинг појави. Како се роди и каква е твојата слика за него?

Shuffleism e креативен предизвик, ветување, критика, каталог. Ветување дека 365 дена ќе се обидувам секојдневно да создавам слики од навидум случајна мешавина на искористени рециклирани дребулии (симболично комплекси), неслучајно понесен од актуелностите со манир повторно во рамките на метафоричното и надреалното, ветување дека погончето за симболи ќе создаде каталог од АРТфакти кои, како што милувам да кажам, ја калибрирале мојата призма на светоглед во соодветниот простор-време, ветување кое ќе ме одржува во креативен и критички ангажиран набој и мене, а и оние кои ќе му дадат можност на Shuffleism.

БОНУС ПРАШАЊЕ: Кои ти се најомилените корици што ги имаш дизајнирано?

Не би издвојувал, вели некој непретенциозен глас. Другиот почнува да си набројува и тоа ретроспективно, „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ – Владимир Јанковски, „Телото во кое треба да се живее“ – Петар Андоновски (наградена на овогодинешниот Саем на книгата), серијалот на Франц Кафка во издание на „Антолог“, серијалот на Меша Селимовиќ исто во издание на „Антолог“, „Глад“ – Џамал Уариачи, „Гласот на господарот“ и „Киберијада“ – Станислав Лем … ќе продолжам да набројувам во себе 😊.

Омилените корици на Марко

Доделување на Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“

Во Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, установа со исклучителна важност за културата и образованието, ризница на уметнички и научни остварувања, свечено се одржа јубилејното 10-то доделување на Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“.

May be an image of 2 people and text

Наградата ја доби Благоја Јовановски за дел на превод на делото од англиски јазик „Волшебникот“ од Колм Тојбин, ирски автор.

Амбиентот, целосно адаптиран да прилега на манифестацијата, го охрабри евроамбасадорот Дејвид Гир накратко да се обрати на македонски јазик пред присутните, потенцирајќи ја исклучителната важност на литературата и културната размена. Свое обраќање имаше и претседателот на организациониот одбор на наградата „Вавилон“, Милан Дамјаноски.

May be an image of table, lighting, indoors and text that says 'BARCELONE ACANTILADO'

Пред официјалниот старт на настанот, Амбасадор ја искористи можноста да се запознае со работата на институцијата и македонското културно наследство. Настанот се заокружи со проекција на краток документарен филм во чест на 80-годишнината од првиот училиштен час по македонски јазик.

 

Subscribe To our newsletter!