Бранко Прља Archives - Europe House

Бранко Прља: Авторските права се преценети, а улогата на уметникот е да инспирира

Разговараше: Наташа Атанасова

Бранко Прља е ултраплоден автор за кого треба многу повеќе да се знае и во широките читателски кругови. Иако низ годините го гледавме како шета низ жанровите, константа беше неговата љубов кон уметноста, науката и технологијата, која се чини дека кулминираше со издавањето на првата македонска графичка новела илустрирана со вештачка интелигенција. Станува збор за адаптација во стрип-варијанта на неговиот (според мене најдобар) роман „3 минути и 53 секунди“. Освен што е уметник, Бранко е и посветен уредник и новинар (Арно.мк), како и активист во областа на екологијата. Човек кој неуморно вложува и ѝ (се) дава на нашата заедница за општо добро. И вистински избор за соговорник во рубриката #КуќаЦелСвет, реализирана во соработка со „Europe House – Скопје“.

Во изминативе 20 години, од објавувањето на твојата прва книга, секоја година објавуваш барем уште по една. Дали станува збор за пребујна инспирација или за челична самодисциплина?

Поголем дел од книгите на Бранко Прља

Годинава е 20-годишнина од мојата прва објавена книга и по тој повод правев пресметки дека имам издадено 40 книги (први изданија) досега. Можеби тоа се чини многу, но малку е во споредба со еден домашен автор како Александар Кујунџиски, кој за 45 години издаваштво има објавено 140 книги!

Мојата дисциплина се состои во едноставно правило: секоја година правам листа на книги кои ќе ги објавам и проекти со кои ќе се занимавам и се држам до распоредот. Некогаш роковите кои си ги наметнувам не ми одат во прилог зашто, како и сите, морам да заработувам независно од тоа и постојано се соочувам со „земски“ проблеми. Некогаш самиот себеси си правам премногу притисок за да ги остварам „задачите“. Немам издавач или договор кој ми стои над глава за да ги правам овие нешта, не заработувам од книгите, ниту сум славен. Едноставно, ако сум си задал задача да направам нешто што е во основа збогатување на културата на една нација, сметам дека морам да го направам. Тоа е нешто едноставно посилно од мене, некој внатрешен порив кој го имам од детството. Уште рано открив дека го имам она што го нарекуваат „бујна фантазија“ и таа едноставно не ми дава мир. Книгите се само начин да ја канализирам да ме остави на раат, инаку не можам да функционирам нормално во реалноста.

Низ годините се шеташе низ повеќе жанрови, како раскази, измислени вести, едукативна проза, дистописки романи… Како доаѓаше до тоа да си кликнете со секој од овие жанрови во одредени периоди и потоа да се разидете?

Кога се зафаќам со некоја тематика ја црпам до крај. Притоа читам, истражувам, дознавам сè што можам за тоа и станувам здодевен и на себеси и на другите. На пример, ако сум сега заинтересиран за вештачката интелигенција, тоа е единственото на што мислам и за што знам да зборувам со луѓето, ништо друго не ми е интересно. „Кликот“ доаѓа од нешто што сум прочитал, видел, слушнал… и тогаш веднаш знам дека тоа ќе биде следната сфера на интерес. Во тоа навистина уживам и најчесто по долго истражување, наеднаш го филтрирам она што сум го научил во една креативна експлозија која не можам да ја контролирам, ниту се обидувам многу да ја насочувам, едноставно се препуштам. Тоа е мојот процес кој досега функционираше.

Кога ќе ја исцрпам темата и некоја друга стане фокус на интересот, тогаш сосема ја заменува. Така било со литературните жанрови и со експериментите кои сум ги правел во нив, едноставно си ги тестирав сопствените граници и можности. Тоа за мене е некој вид предизвик кој „морам“ да го направам ако сакам да имам мир во животот. Кога ќе почувствувам дека немам што повеќе да дадам во таа област, едноставно ја напуштам.

Графичка новела „3 минути и 53 секунди“

За време на Саемот на книгата годинава ја издаде првата македонска графичка новела направена со помош на вештачка интелигенција „3 минути и 53 секунди“. Со оглед на тоа што книгава се појави околу една година од почетокот на масовизираната употреба на ВИ благодарение на платформите со „open AI“, го сметаш ли ова за свој подвиг?

Графичката новела за која зборуваш требаше да биде завршена до декември 2022 година, тоа беше дел од моите годишни планови кој (не) се оствари на интересен начин. На почетокот на годината си зададов план дека ќе направам стрип, но не знаев како. Читав секакви стрипови, барав инспирации, истражував. Бидејќи имам завршено графички дизајн, повремено цртам и сакав да го нацртам сам, но немав доволно искуство со стрипови. Потоа сакав да ја ангажирам ќерка ми, Нина Прља, која исто така супер црта и имаме објавено книги заедно, но тоа беше преголем залак за неа. Кога генеративната вештачка интелигенција стана општо достапна бев воодушевен од можностите и почнав да експериментирам. На крај се зафатив со новелата 3’53’’ како експеримент кој сосема ме обзема. Но, процесот траеше подолго отколку што очекував и не успеав да го остварам планот и да ја издадам графичката новела до Нова година, која излезе за Саемот 2023 година. Дали ова е подвиг не знам, веројатно не е зашто може да го направи секој. Сепак, за мене ова беше битна работа преку која стекнав нови вештини и ја сфатив вредноста на вештачката интелигенција.

Каков беше процесот на претворање на новелата во стрип? И зошто реши токму „3 минути и 53 секунди“ да ја адаптираш? Дали ти се чинеше најподатлива за премин во друг жанр или во прашање беше емотивна приврзаност?

Лично за мене процесот беше многу интересен. Доста време потрошив да го дефинирам визуелниот стил. Направив многу експерименти и се решив за некоја погенеричка комбинација на повеќе стилови за да не се копира одреден стрип цртач или уметник. Книгата е конципирана како музички албум, каде поглавјата се насловени според песни. Самите поглавја треба да се прочитаат брзо и во еден здив, едноставно приказната да те носи како што те „вози“ една песна. Кога ги визуализирав, секое поглавје прво го кадрирав и го делев на сцени, фактички правев некој вид сториборд. Потоа го адаптирав текстот и пристапував кон изработување на илустрациите. Во финалната верзија се избрани околу 300 илустрации, но беа генерирани минимум 10 пати по толку. Голем дел од нив ги досредуваше ќерка ми која ја ангажирав за асистент. Тогаш AI правеше доста грешки, особено во рацете на ликовите или кај групни сцени, кои сега веќе не ги прави. Дизајнот и текстот се мои, сликите како производ на AI немаат копирајт.

Ја избрав оваа книга зашто уште од нејзиното создавање имав желба таа да биде визуализирана. За неа и нејзиниот наследник („1 час и 30 минути“, која е на тема филмови и е конципирана како сценарио) имав коментари од извесни пријатели и театарски актери дека тие книги би функционирале одлично како филм. На пример, романот „Јелгава ’94“ од младиот Јанис Јоневс од Летонија, како роман за историјата на метал музиката од средината на 90-тите години, бил филмуван во 2019 година. Тој роман наликува на мојот по многу нешта. За жал, кај нас нема интерес за филмување домашни романи како што било често во македонската кинематографија од минатиот век пред осамостојувањето. Во последните 30-тина години во Македонија режисерите најчесто биле и сценаристи, па веројатно јас со помош на AI ќе треба да го режирам мојот филм. Шега на страна, така направив со графичката новела, како и со секој друг мој проект, наместо да чекам на другите, сам ја визуализирав 3’53’’. Можно е со развојот на вештачката интелигенција наскоро овој проект да стане и анимиран.

Ако не се лажам, сите твои книги ги имаш и сам дизајнирано 😊. Од една страна тоа е привилегија, да можеш книгата да ја обликуваш целосно според твој вкус, но од друга страна, те јаде ли црвот како би било да ги видиш своите дела илустрирани/замислени од друг ум?

Да, тоа е точно и не само тоа. Од пред некоја година го усовршив процесот на создавање една книга од почеток до крај. Значи, концепт, пишување, дизајнирање, печатење, сечење, сортирање, бигување и коричење! Со помош и поддршка на Небојша Гелевски – Бане и колегите од неговото студио ја испечатив и графичката новела. Единствено што ми недостига за да бидам сосема автономен е најбитното – маркетинг, но ќе биде и тоа еден ден. Тоа е една од моите големи маани, кога ќе завршам со една книга веќе мислам на друга и го занемарувам најбитното – дека таа треба и да стигне до читателите.

Во врска со илустрациите, како што споменав, имам соработувано со ќерка ми, а неколку книги од серијалот „Досие“ (2009-2011, на тема наука) се илустрирани од одличниот (и уште еден хиперпродуктивен) автор Владимир Лукаш, кој ми дозволи да ги користам неговите илустрации и тие супер се вклопија во овој проект. Во врска со самиот дизајн не знам дали би дозволил на друг да ми ги чепка кружниците!

Со ВИ и графичкиот дизајн си играш цело време. Прекрасни се портретите на македонските културни великани во различни стилови на Арно.мк, каде што го објаснуваш и начинот на кој си стигнал до нив, како поттик за откривање на можностите на ВИ. Какви се твоите ставови во однос на главните етички дилеми поврзани со авторството и авторските права кога станува збор за ВИ, со муабетите „ВИ ќе ни ги земе работните места“ и сл.?

Реакцијата на мојата графичка новела според романот 3’53’’ од македонската стрипска/илустраторска сцена (консументи и создавачи) воопшто не беше позитивна. Всушност, тие на некој начин ги испразнија сите свои лични незадоволства од АИ на мене и тоа го доживеав прилично емотивно. Ми беше криво особено заради тоа што отсекогаш сум се застапувал за домашната сцена, сум ја промовирал, сум соработувал со домашни автори на кои сум сакал да им дадам повеќе глас итн. На Арно.мк имавме и серијал текстови за различни домашни креативци „од маргините“, а како некој пораснат (и одгледан) на списанието „Маргина“ и како дел од целата приказна на културниот центар „Точка“, локалната сцена отсекогаш ми била битна. Судирот со домашната сцена за мене беше неочекуван. На АИ гледам како на демократска алатка која им овозможува на сите да создадат нешто интересно, да го надградат она што го знаат или можат со нешто повеќе. Тоа е особено важно за земја како нашата која нема многу можности, а голем дел од креативците и интелектуалците се заминати. Мислев дека и другите ќе бидат воодушевени од оваа можност за домашната сцена, но грешев.

Од друга страна, можеби ќе бидам грешно сфатен, но мислам дека авторските права се преценети и сметам дека тоа е дел од западно-консумеристичката култура. Ниту едно дело не го сметам само за мое, туку за производ на средината во која сум живеел, луѓето кои влијаеле на мене, моите родители, пријатели, илјадниците уметници, научници, великани кои ме обликувале. Затоа, уште пред неколку години ги дадов сите мои дела за бесплатно преземање. Мислам дека улогата на уметникот е да инспирира.

Но, не очекувам секој да го дели мојот став. Ја разбирам и другата страна. Мојата баба била уметник, сестра ми е професионален уметник, ќерка ми целиот живот ја одгледав во таа насока и верував (пред појавувањето на GenAI) дека ќе биде илустратор. Ако живееш од твојата уметност секако не сакаш некој да ти ја краде и да профитира од неа. Затоа би било идеално сите лични стилови да се заштитат. Фирмите кои ги создаваат AI моделите и при тоа користеле дела на уметници (писатели, сликари…), треба да даваат процент на уметниците чии стилови ќе бидат користени комерцијално. Корисниците и така им плаќаат месечен надомест.

Во врска со тоа дека AI ќе ни ги земе работните места, одговорот е да. Ова како графички дизајнер го чувствувам директно, но мислам дека во човековата природа е да се адаптира. Тие кои не разбрале досега, набргу ќе сфатат дека вистинскиот излез од оваа ситуација е да ја вклопиме AI во тоа што го правиме и да го направиме поинтересно, побрзо и подобро, наместо да се бориме против вештачката интелигенција или да одбиваме да ја користиме. Можеме на неа да гледаме како на новиот подобрен колаж или семплување, кои се легитимни правци и пракси во уметноста.

Порталот за наука, уметност и арни работи на Бранко Прља и Владимир Карер, Арно.мк

Ти си од оние луѓе кои секојдневно работат на промена на светот – и преку уметноста, и преку твоите многубројни активистички иницијативи. Од каде ја црпиш вербата дека сепак може да се дојде до промени, и покрај тоа што кај нас секое занимавање со институциите што не си ја бркаат работата делува како борба со ветерници?

Битно ми е она што го правам да има корист и во секојдневниот живот. Мислам дека со „Дај, не фрлај“ направивме една многу корисна алатка која ја користат многу луѓе, а притоа не ни знаат дека со тоа ѝ помагаат на екологијата. Кога сакаме да направиме некоја општа промена на добро, мораме да тргнеме од прашањето што им треба практично и секојдневно на луѓето.

Лично верувам дека е многу битно креативците да се ангажираат во полето на активизмот. Премногу сме непрактични да се инволвираме во политиката, но затоа можеме индиректно со нашата креативност да влијаеме на нештата. Уште одамна, кога од работата во чисто културна сфера, преминав во маркетинг, зборував дека во маркетингот се наоѓаат најпаметните креативци кои имаат знаење да ги претворат идеите во конкретни нешта кои ќе ги натераат луѓето на акција. Зошто тоа да биде во функција на зголемување продажба на одреден бренд автомобил, а не на идејата дека е подобро да се вози велосипед?

Институциите во земјите како нашата просто не знаат каде да се свртат од бројни злоупотреби. Како народ немаме многу одговорност едни кон други, но тоа се гради постапно. Секој еко-проект кој го водам го почнав од помислата дека треба да ја градиме свесноста. Тука се депониите кои нè трујат, ѓубрето во кое сме затрупани, загадувањето и пресушувањето на реките… да не набројувам, има толку многу проблеми, а толку малку заинтересираност и кај институциите и кај луѓето. Честопати за институциите вредностите за кои се залагаме како креативци и активисти се научна фантастика. Затоа ни останува нам да бидеме упорни додека не ги оствариме и тоа го сфаќам многу сериозно, како лична обврска и одговорност.

Последниот стрип за Скопје: „Дризла Скорне го дрибла“

Во таа насока се и мрачно-саркастичните стрипови за градот Скорне (прв, втор, трет), најновото од твојата ВИ игротека – твој крик против лудилото на нашето време во нашиот главен град. Ќе видиме ли светлина на крајот од тунелот на темава?

Роден сум во Сараево, но Скопје е градот на моите предци и мојот град кој го сакам, со сите негови недостатоци, мутации и превирања. Запознав еден град кој ме воодушеви со широките булевари, големите дрвореди, богатото минато и алтернативната култура, градбите на брутализмот и на Кензо Танге. За жал, ништо од тоа веќе не постои или е засенето. Скопје е станато град-чудовиште без идеја и иднина. Градот треба да се шири, зашто тоа е симбол на проширување на видиците и гледањето напред. Не треба да го уништиме и она малку вредно што останало и да изградиме „постаро и поубаво“. Граѓаните на Босна немаа избор, но ние имавме. Ми се чини дека Скопје е сирак кој го оставија не само тие кои заминаа, туку и ние кои останавме тука. Не се боревме доволно за нашиот дом и затоа тој сега е таков каков што е – бездушен и деморализиран.

На различни начини се обидувам да влијаам на подобрување на некои нешта (пред сè во полето на културата и екологијата) во Скопје и Македонија, во нешто сум имал успех, но тоа е капка во морето. Има уште многу да се направи и би требало сите кои знаеме како да ги смениме нештата или да ги инспирираме другите, да одвојуваме од своето време за да го направиме тоа. Не треба да бараме ништо за возврат – ќе ни се врати со подобар живот за сите. Се разбира има и луѓе кои го прават тоа, како На точак. Има и други, што е добро, сепак тие се малцинство.

Бранко Прља е Берт Стајн е Исак Сима. Или не е? 😊 Што значи за тебе пишувањето под псевдоним?

Да, сите тие се мои псевдоними. Првпат го искористив псевдонимот Берт Стајн кога конкурирав за наградата „Роман на годината“. Тоа беше прва награда за која сум конкурирал воопшто. Веќе бев автор со речиси 20 дела и не сакав тоа да биде фактор во изборот. Но, кога ми се јавија дека сум влегол во финалето малку ме измамија со тоа дека наградата мора да се додели на реален човек, па им го открив името, што веднаш (не по моја желба) го пренесоа во јавноста. Сепак, со тој псевдоним продолжив да пишувам дела кои ми се чинеше дека повеќе припаѓаат на тој аспект од мене. Како Берт Стајн имам објавено четири дела и неколку стотини текстови на Арно.мк на тема култура, филм, музика, уметност… а, како Исак Сима имам објавено две дела и педесетина текстови. Тука веројатно влегува оној муабет за „бујна фантазија“, едноставно потребни ми се повеќе потписи за разни нешта кои ги правам.

Верувам дека секој од нас има повеќе аспекти од својата личност и тие се одразени во овие мои псевдоними. На пример, Берт Стајн е поуспешен писател од Бранко Прља, а вториот е подобар активист. Псевдонимите се во духот на дадаистичката традиција чии автори ги почитувам и сакам, и ги открив преку нашиот Никола Гелевски, кој и самиот има неколку псевдоними од кои најпознатиот е Пандалф Вулкански.

Како би се чувствувал ако ти кажам дека прашањава не ги составив јас, туку ChatGPT? 🙂

Интересно прашање. Прво би те прашал дали сугестијата за прашањево ти ја дал ChatGPT? 😊 Веројатно би се чувствувал измамен кога би знаел дека прашањата се во целост на ChatGPT. Но, кога би знаел дека е користен како асистент за составување на прашањата тогаш би било сосема во ред. Сите користиме компјутери, интернет, различни извори на знаење и референци, производ сме на сè она што сме го читале, учеле, слушале… Вештачката интелигенција само ни помага полесно и побрзо да пристапиме до овие информации и да ги инкорпорираме во нашето искуство. Тоа нè прави попродуктивни, побрзи, подобри, не гледам ништо лошо во тоа, напротив сметам дека AI (ако не го уништи светот), тогаш ќе ги премести средствата за производство во рацете на секој човек кој има пристап до технологијата. За првпат во историјата на човештвото експертските знаења и вештини ќе бидат во рацете на пролетеријатот, а светот ќе биде вистинско поле за културен натпревар и соработка помеѓу сите народи на светот. Звучи добро, нели.

Сепак, како заклучок, не слушајте ме мене во врска со вештачката интелигенција. Наместо тоа, послушајте некое предавање или поткаст со Gary Marcus, Nick Bostrom, Raymond Kurzweil, Andrew Ng, Andrej Karpathy, Ben Goertzel, Demis Hassabis, Ilya Sutskever, Ian Goodfellow (сите ги има интервјуирано Lex Friedman, поткастер и истражувач), како и стотиците други генијалци, истражувачи и експерти во полето на AI.

Subscribe To our newsletter!