21 МАРТ – СВЕТСКИОТ ДЕН НА ПОЕЗИЈАТА ИЗБОР НА МАКЕДОНСКА ПОЕЗИЈА - Europe House

22 Мар

BACK

21 МАРТ – СВЕТСКИОТ ДЕН НА ПОЕЗИЈАТА ИЗБОР НА МАКЕДОНСКА ПОЕЗИЈА

21 МАРТ – СВЕТСКИОТ ДЕН НА ПОЕЗИЈАТА  ИЗБОР НА МАКЕДОНСКА ПОЕЗИЈА

„Глетки“ од Влада Урошевиќ

Жолти кукли

на работ од шумата

 

Што сѐ доаѓа

без табличка со име

 

средба

со бел пес

во пејзаж со столбови

Што сѐ доаѓа

 

Јадење

од последните овошки

во празниот парк

 

Излишна табла

на ограда што пропаѓа

 

Што се доаѓа

Без име.

 

 

„Пролет“ од Блаже Конески

Ноќеска слушав песна
далечен топол глас,
утрово сонце ме бакна,
затоа весел сум јас.

Очиве ми се смеат,
како да не бидам луд?!
Од поле децата првпат
донесле врбов цут.

Како да не сетам мака
за твојот поглед и рака!

Спомни ме и ти мене
в срмена пролет и драга –
навечер кога со пупки
се реди твојата снага.

 


Илустрација: Sara Boccaccini

„Последна молитва на моето тело“ од Ацо Шопов

Црн е твојот ветар, а ноќта бела

и секој дамар напнат од зрелина.

застани како меч во овој дрворед од тела

пред да се срушиш заслепено со белина.

 

Но и тогаш играта ќе продолжи пак

со иста таинственост и со иста чедност.

И тие треви што ќе те покријат со мрак

Ќе изгорат во пожарот на твојата жедност.

 

Giselle Dekel

„Раскрсница“ од Радован Павловски

Дури пееше чучулига во благи хоризонти

Мина со затворена уста тажен профил

Можеби разговор водеше сама со себе

Мојата малечка ќерка само напати се сврте

А ти за рачето така ја повлече

Што од сето тоа во мене бол се наталожи

Не се кренав од тревите Жешкиот воздух

Го претворив во свирка и занишав цвеќе

И ти се сврте Видов

Штом не сме заедно премногу патиш

Тогаш пред тебе се јавив

Како широчина во погледот

Патот да ти го покажувам.

 

Илустрација: Bannai Taku

„Сѐ“ од Никола Маџиров

Сѐ е милување.

Снегот ги склопуваше крилјата

над ридовите, јас ги склопував дланките

над твоето тело како метро

што се одмотува само по должината

на другите нешта.

Вселената постоеше

за да се родиме на различни места,

татковината да ни биде виножитото

што сврзува две градини

кои не знаат една за друга.

И така времето минуваше:

страв во нас одгледувавме

восхит кај другите се раѓаше.

Нашите сенки тонеа

во отровни бунари,

кажаните зборови се губеа

и појавуваа како срчи на песочната плажа,

половични и остри.

Сѐ е сеќавање.

Сонот беше близу

далечно беше она што го сонувавме.

 

„Иднина“ од Блаже Конески

 

Каде е минатото

минатото по кое пекаме,

и каде е иднината

иднината што нема да ја дочекаме –

таа што ветува

повев на житја кои допрва ќе се сеат,

таа што ветува допир на несмели раце

и допир на усни што без нас ќе зреат.

 


Илустрација: Suki McMaster

„Песна за нејзината песна“ од Петре М. Андреевски

Немаше земја кај што не ја сретнав неа,
оти без неа бев никој и никој не ме познаваше.
По нејзината воздишка го запомнував воздухот
за да можам да ја стигнам, незабележан од никого,
но таа беше побрза од сите небесни светлини,
зашто секаде сама си го осветлуваше патот.
Објаснувајќи ја како семир во купечко јаболко,
главата ми ce полнеше со запаливи течности,
бели и црвени дождови капеа од овошките,
житата и шумите ја следеа во групни походи
и cè околу неа ја добиваше нејзината форма.
Кај што јас влегував, таа излегуваше
и од отворите ја мразев само нивната празнина.
Me рануваше како невеста, ме целеше како сестра
блажената ноќ што ја открив во неа.
Бев првиот иследувач на таа топла темница
неисцрпна како ѕвездите и бесцените камења
кои вечно ce празнат, a никако да ce потрошат.
(Каков страв ce пребра во допирот со таа кожа
што болскаше и заоблуваше како свртено вретено.)
Огнот и водата добиваа паралелна брзина
и во збирот љубовен постојано ce одземаа.
Cè што ce уништуваше беше заради неа
и cè што ce обновуваше беше заради неа.
Така светот ce делеше на видлив и невидлив,
на неослободени земји и на земји во развој,
но немаше земја кај што не ја сретнав неа.

 

„Тутуноберачите“ од Кочо Рацин

На кантар студен со туч го мерат

а можат ли да го измерат,

нашиов тутун – нашава мака

нашава солена пот!

 

Од темни зори на утрини летни

до никоја доба на вечери зимни

тој гладно пие тагата наша

и потта и крвта и снагата ни.

 

Ж’лт – ж’лти прави лицата бледни

и ж’лта гостинка у градите носи.

 

По утрини росни, по мугрите пресни,

наведени ничкум по полињата родни

зачмаени ние го береме.

Лист по лист кини

лист по лист нижи

лист по лист превртуј, притискај,

лист по лист милно, таговно реди

и на долга низа од капки пот

и надеж со клетва и зелена јад,

со корав поглед на очите матни

по кревките лисја ж’лтозлатни

прикаска горка на живот клет

нанижи безгласна а така јасна.

 

Та не знаш ли?

 

Денот ли дојде тој да се мери –

мерка му нема, а в градите длаби

без да се запре, без дно да најде

не тага а клетва, и во очите матни

и не сакајќи сама се дига

фуријата.

 

Кантарот носи лисјето златно

а в гради луто далгите беснат

на ж’лтата мака – на ж’лтиот тутун

на ж’лтата пот на рацете ни!

 

 

„Пишување“ од Игор Исаковски

ти пишувам набрзина, насобрано:
онака како што врне
во оваа мразна пролет
додека гранките натежнуваат
под небесните образи. истура.
ти пишувам во тивка соба:
само звуците од тонската проба
(за тебе свират во мојата глава)
одѕвонуваат. некако е безмилосна
таа музика од наросени слики и
мириси. (пак капки, сега најситни)
мојата нежност е благ навев:
стивнат тон во вителот на светот.
твојот бучен и силен ветар
полека се стивнува пред немоќта.
надвор врне, не и во мене. само провев
ми се разбива низ градите. во секој агол
удира, а јас ти пишувам. додека истура,
додека вода навева кон сите процепи.
ти пишувам како ти пишувам, се обидувам
да… ти пишувам од очај. на најтивко.
чекајќи да се умори небесната вода.
жеден сум.


Илустрација: Anna Raff

„Залез“ од Матеја Матевски

Румено. Румено. Румено.

Како занесена песна
во синото море
на горите
тоне
залезот.

Од тревите до кавалот
од стадото до облакот
сѐ е бујно
запалено.

Од градите до песната
од чекорот до чешмата
сѐ е чудно
разгалено.

Стадо в кавал заљубено
ѕвоно в песна изгубено
око в божур залудено

Румено. Румено. Румено

 

 

Изборот на поезијата е на Доротеа Огненовска

Subscribe To our newsletter!