РАДИОРЕТРОСПЕКТИВА – ВОЛШЕБНАТА КУТИЈА ШТО ГО ПРОМЕНИ СВЕТОТ   - Europe House

13 Фев

BACK

РАДИОРЕТРОСПЕКТИВА – ВОЛШЕБНАТА КУТИЈА ШТО ГО ПРОМЕНИ СВЕТОТ  

РАДИОРЕТРОСПЕКТИВА – ВОЛШЕБНАТА КУТИЈА ШТО ГО ПРОМЕНИ СВЕТОТ   

Малата кутија што стои во ќошињата на домовите или како украс во кафулињата – за новите генерации е само ретроуред на далечното минато. За повозрасните генерации радиото претставува носталгичен објект што е важен дел и од новото време. Почнуваме токму од скромните почетоци на радиото како средство за безжично комуницирање, па сѐ до неговото трансформирање во главен извор за забава во домаќинствата. Радиото се вбројува во најголемите изуми на човештвото што извршиле влијание врз глобалната историја. Колку и да е денес радиото заборавено од новите генерации, сепак не треба да ги заборавиме раѓањето и златната епоха на оваа волшебна кутија што го има променето светот. Атмосферата на минатиот век подразбирала семеен собир околу радиото, внимателно слушајќи ги ажурирањата на вестите, музиката и драмските радиосеријали. Малата кутија само преку аудиозвук ги трансформирала домовите во театри, училници и информациски центри, нудејќи нова визура кон светот.

Радиоретроспективата ја следиме уште од почетокот на 20 век, пред официјалното патентирање на пронајдокот од страна на Гуљелмо Маркони. Визионерските пронајдоци и изуми на Дејвид Хјуџис, Хајнрих Херц и Никола Тесла го отвориле патот на технолошката и индустриската еволуција со испраќање и примање сигнали преку етерот, создавајќи нова ера на комуникација. Овие нововековни изуми го поттикнале Маркони да се нурне подлабоко во истражувањата и во 1894 година, читајќи за работата на Херц и Тесла во областа на безжичната телеграфија, ги почнал експериментите што резултирале во денешното радио. Неколку години подоцна, во 1901 година, она што почнало како рудиментирана форма на пренос на безжични радиосигнали набрзо еволуирало во медиум што постепено се нaшол во домовите на сите луѓе ширум светот. За пронајдокот на радиото, Маркони ја добил Нобеловата награда по физика во 1909 година.

Како радиото станало најголемиот придружник на векот?

Кон средината на 20 век почнала златната доба на радиото. Епохата била одбележана со легендарни преноси што резултирале во културна револуција: од читањето на книжевни класици, појавата на рокенролот и музиката во живо, политичките говори и шокантните вести – сигналите и гласовите на радиото ги обликувале општествата, предизвикувајќи ги нормите и променливите времиња на секојдневниот живот.

Додека телевизијата и интернетот се појавиле како доминантни медиумски форми, суштината на радиото останува неспоредлива. Неговата способност за поврзување, информирање и забавување продолжува да резонира низ новите генерации. Како што одминувале децениите, така растела и радиотехнологијата. Со воведувањето на FM-радио во триесеттите години на 20 век се обезбедил појасен прием и подобар квалитет на звукот. Во втората половина на 20 век почнал подемот на транзисторните радија, правејќи ги преносите појасни од кога било. Меѓутоа, со доаѓањето на телевизијата во педесеттите и интернетот во деведесеттите, радиото се соочило со огромна конкуренција.

Диверзификација, дигитализација и адаптација

Брзиот технолошки напредок во последните сто години целосно ја има сменето човечката раса, многу повеќе за разлика од претходните векови. Како што одминуваа децениите, постојаните предизвици за радиоуредите се новите технологии. Подемот на телевизијата и дигиталната ера на виртуелниот свет станаа најголемите егзистенцијални закани за постоењето на радиото. Сепак, радиото опстојувало низ вековите, приспособувајќи се на новите иновации.

Со појавата на различни FM-станици се измислија различни формати на радија наменети за разговор, уште еднаш покажувајќи ги флексибилноста и приспособливоста на радиото да се менува и да се адаптира на новиот свет. И покрај предизвиците, може да се заклучи дека радиото постојано ги диверзифицираше своите нови идеи и понуди. Појавата на сателитското радио во раните години на првата декада од новиот милениум покажа колку навистина радиото умее да се претопи во медиумскиот пејзаж што подлежи на брзи промени.

Културното и социолошкото наследство што го има оставено радиото ја одекнува својата модерна релевантност и во денешницата. Додека некои можат да тврдат дека важноста на радиото е намалена во дигиталната ера, сепак можеме да ги забележиме радиотрагите во голем број на нови еволутивни видови на трансмисиски материјал. Тука се вбројуваат поткастите, што претставуваат своевидна дигитална еволуција на радиото. Нивната глобална популарност им нуди на слушателите содржина според различни барања и вкусови што потсетува на раните денови на радиото. Покрај тоа, копнените радиостаници продолжуваат да напредуваат, обезбедувајќи локални вести и итни преноси. Покрај поткастите, зголемена популарност добија стриминг-платформите што овозможуваат зближување помеѓу креаторите на стриминг-профилот со различни луѓе секаде низ светот.

Влијанието на радиото врз културата, политиката и општеството во секој случај останува незаменливо. Надминувајќи војни, различни општествени движења и технолошки револуции, радиото се здобива со висок статус во технолошкиот свет, осветлувајќи и поврзувајќи ја заедницата.

„Зборуе Радио Скопје, зборуе Скопје“

На 28 декември 1944 година новинарот Владо Малески на македонски јазик ја пренесе низ етерот препознатливата реченица „Зборуе Радио Скопје, зборуе Скопје“. Малески ја продолжува својата реченица со: „Драги слушатели, од салата на Собранието вршиме директен пренос на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија…“ За овој историски настан, Малески коментирал дека бил премногу возбуден при неговиот спонтан говор за време на преносот и во тој момент не почувствувал страв поради новиот уред, туку поради важноста на пораката што ја пренел зад микрофонот. Речиси 80 години подоцна овој настан останува да биде еден од најважните, како технолошки, така и историски, збиднувања за еволуцијата на нашата земја, бидејќи со еволуцијата на радиото директно се влијаело и врз еволуцијата на државата.

Од своите скромни почетоци, па сѐ до неговата дигитална еволуција, може да се заклучи дека радиото целосно го има преобликувано општеството, надминувајќи ги физичките далечини и обезбедувајќи глас на милиони луѓе ширум светот. Иако технологијата може да се промени, суштината на радиото – поврзувањето и комуникацијата со заедницата – нѐ потсетува на неговата безвременска привлечност и влијание врз нашата заедничка историја. Способноста да се приспособува на времето и историјата, да иновира и да резонира со слушателите сѐ до денешната ера ја нагласува неговата трајна важност.

Како заклучок, магичната кутија што го промени светот продолжува да ечи во нашите сеќавања и современите технологии. Нејзиното патување од основањето до иновацијата служи како доказ за човечката генијалност, издржливост и безвременската желба за меѓусебно поврзување. Додека се движиме низ медиумската врвулица што е во постојан развој, магијата на радиото останува да биде вистинскиот пионер на модерната комуникација.

 

Доротеа Огненовска

Subscribe To our newsletter!