ДЕН НА МОДНАТА РЕВОЛУЦИЈА – (ЕКО)ОБНОВА НА ИНДУСТРИЈАТА ВО НОВО ЕТИЧКО РУВО - Europe House

24 Апр

BACK

ДЕН НА МОДНАТА РЕВОЛУЦИЈА – (ЕКО)ОБНОВА НА ИНДУСТРИЈАТА ВО НОВО ЕТИЧКО РУВО

ДЕН НА МОДНАТА РЕВОЛУЦИЈА  – (ЕКО)ОБНОВА НА ИНДУСТРИЈАТА ВО НОВО ЕТИЧКО РУВО

Денот на модната револуција се одбележува секоја година на 24 април. Овој ден не е одбран по случаен избор, туку служи како трогателен потсетник за трагедијата во „Рана плаза“ во Бангладеш во 2013 година. На овој датум над илјадници работници ги загубија своите животи откако се урна фабрика за облека, правејќи ја оваа несреќа во редот од најсмртоносните индустриски несреќи на модерното време. Оттогаш, 24 април стана симбол за модната револуција и остана запаметен по поривот за нови промени во модната индустрија, поттикнувајќи ги потрошувачите и креаторите, односно брендовите, да го преиспитаат својот пристап кон целиот процес на модното производство.

Бангладеш се сеќава на жртвите во фабричката катастрофа во Дака пред 11 години, каде што се разоткрил мрачниот синџир на модното производство. Една година по уривањето на зградата „Рана плаза“, илјадници текстилни работници се собраа во Шавар, предградието на Дака, местото на несреќата, каде што со мирен протест им оддадоа почит на 1.100 загинати и 2.500 повредени во катастрофата. Организацијата за заштита на работниците „Шрамик Шангати“ од владата на Бангладеш побара да го прогласи 24 април за Ден на безбедност на работното место во земјата. Уривањето на текстилната фабрика на 24 април се смета за најтешка фабричка несреќа во Бангладеш во историјата. Меѓународните синдикати „ИндустриОл“ побараа од брендовите што давале нарачки за шиење во „Рана плаза“ конечно да им исплатат обесштетување на семејствата на загинатите. Сите компании сѐ уште го немаат исплатено финансискиот надоместок.

Медиумскиот бран од Европа и притисокот на јавноста биле активни во спречување на уште поголема катастрофа, која поттикна етички и морален пристап од големите меѓународни брендови што биле поврзани со „Рана плаза“. По трагичниот настан, дошло до значителна промена во свеста на потрошувачите, како и во побарувачката на големите синџири на модните куќи. Потем, ова беше повик за акција, што многу брендови почнале да даваат приоритет на етичките извори и еколошките методи на производство на облека. Тука ги вбројуваме и иницијативите како што се: Индексот на модна транспарентност и GOTS (Глобален органски текстилен стандард), чија главна цел е да им обезбедат на потрошувачите информации за нивните одлуки при купувањето.

Како одговор на трагедијата се роди идејата зад она што денес се нарекува „модна револуција“ (Fashion Revolution) – глобално движење што повикува на праведна, безбедна и одржлива модна индустрија. Модната револуција се стреми да ја подигне свеста за модата. Главното мото зад ова движење гласи: „Кој ја направи мојата облека?“ – иако навидум едноставно прашање, но тоа ја испитува вистинската заднина зад производството на брза мода.

Во последните неколку години, свесноста кај потрошувачите е значително подигната. Почнуваат да се купуваат сѐ помалку производи што се создадени на здравствениот ризик на фабричките работници. Новите трендови инсистираат на константна (ре)продукција на сезонски стилови што брзо се менуваат. Масовното производство на евтина, односно лесно достапна гардероба – сѐ уште наречена и брза мода (fast fashion), ги доминираше продажните центри во последните неколку децении. Меѓутоа, епохата на безумно масовно производство постепено го отстапува местото на поодржлив пристап кон модната потрошувачка. Оваа нова одржлива промена расте како што расте и нашата свест за еколошките и етичките прашања, како и колективната желба да се ослободиме од прекумерната потрошувачка и работничка експлоатација.

Закони против брзата мода

На европската почва, каде што модата одамна е синоним за софистицираност и стил, модниот консумеризам полека ѝ врти грб на брзата мода. Земјите како Франција и Италија, познати по нивната висока мода и луксузни брендови, сè повеќе ги прифаќаат одржливите модни практики. Потрошувачите стануваат попребирливи, бараат брендови што даваат приоритет на квалитетот и немаат негативни последици врз животната средина. Последниот закон во Франција на темата има цел да ја ограничи брзата мода и подобро да ги регулира компаниите што се занимаваат со овој тип производство на облека. Законот оди дотаму, па ќе забрани рекламирање на брзата мода и нивните производи од 2025 година, а со прекршувањето на тој закон ќе следуваат парични санкции до 15.000 евра. Дополнително, модните компании ќе се оценуваат според новосоздадениот еколошки систем на бодување, а интернет-страниците на компаниите треба да ги поттикнуваат потрошувачите да ја рециклираат старата износена облека.

Мода со рок на траење?

И покрај напредокот, модната индустрија сè уште се соочува со многубројни предизвици на патот кон одржливост и етичко производство. Важните прашања на оваа тема се расплинуваат, почнувајќи од експлоатација на работниците и работничките права, сѐ до уништување и загадување на животната средина. На прекумерната потрошувачка на 21 век ѝ е потребно решение за трајна промена во модната индустрија. Овој предизвик не се однесува само на производството и распределбата на облека туку и на начинот на размислување на потрошувачите. Само со совесни избори и активно поддржување на брендовите што практикуваат одржливо еко-производство можеме да ги промениме навиките и да го трансформираме модниот свет еднаш засекогаш.

За да се справат со овие предизвици, засегнатите страни од модната индустрија мораат да соработуваат за да се забележат системски промени. Брендовите треба да дадат, пред сѐ, безбедни работни услови, а потоа финансиски приоритет на исплаќање на разумни плати, а овие две се невозможни без обостран договор за работнички права што ќе придонесат кон колективната благосостојба. Од друга страна, второстепените аспекти за подобрување на модното производство алудираат на инвестицијата во (еко)одржливи материјали, притоа со намалувањето на отпадот и усвојувањето на принципите на кружната економија (circular economy) може да се помогне во намалувањето или во целосното запирање на штетното влијанието што го има модното производство врз животната средина.

Како можеме ние да направиме разлика?

Ние, како потрошувачи, имаме моќ да поттикнеме позитивни промени во модната индустрија преку нашите одлуки за купување на квалитетна и еколошки безбедна облека. Постојат неколку начини на кои можеме да придонесеме за поетички и поодржлив моден пејзаж. Еден од нив е едукација за социјалните и еколошките влијанија на модната индустрија. Со поддршка на локалните брендови што на преден план ги ставаат квалитетот и одржливоста на материјалот, всушност оттука и создаваме навики за купување со тоа што инвестираме во локалните дизајнери наспроти големата индустрија на брзите брендови што не само неетички ја произведуваат својата облека туку и ја загадуваат земјата. Покрај тоа, постојат и алтернативни модни варијанти на купување и наоѓање облека, како што е замена, односно веќе користена облека, преработка или, пак, за поталентираните самостојна изработка на облека што ќе го продолжи животниот циклус на облеката.

Модата како уметност или неопходност?

 Кога станува збор за модни производи, креирањето облека е долг и макотрпен процес. Модата, костимографијата, стилот и облеката прашање на индивидуален и субјективен избор особено ако брендот или дизајнерот го вложува сиот свој уметнички и креативен процес за да создаде уникатно модно парче облека. Модата, како и другите аспекти на нашиот живот, црпи инспирација од гранките на уметноста, особено од сликарството. Во последните години, модата не се смета за форма на уметност, туку се гледа како обичнa потреба, чија примарна функција е да го покрие и да го заштити телото од надворешните услови. Сепак, тоа не значи дека она што го носиме на нас не треба да биде дел од нашиот животен стил или дел од нашиот уникатен карактер што нѐ разликува од другите луѓе. Функцијата на модата не треба да се сведе само на ниво на неопходност. Меѓутоа, во секој случај, каков и да е нашиот стил, свесноста за животната средина треба да ги надминува и естетските граници во одредена мера.

Денот на модната револуција служи како потсетник за тековната борба за правда и одржливост во модната индустрија. Од друга страна, оддалечувањето од брзата мода не е без свои предизвици. Како потрошувачи, се навикнавме на практичноста и достапноста на облеката за еднократна употреба, а ослободувањето од овие навики бара заеднички напор. Иако е постигнат значителен напредок, има уште многу работа за да се осигури дека модното производство е хумано за работниците и еколошки сигурно за планетата. Покрај тоа, модната индустрија како целина мора да се соочи со уништувањето и експлоатацијата на животната средина и на тој начин да ги преосмисли своите практики, почнувајќи од дизајнот, преку производство, па сѐ до дистрибуцијата. Ако тргнеме од себе како потрошувачи, можеме да создадеме модна индустрија што не е само естетски убава туку е и етички одржлива за новите генерации.

 

Доротеа Огненовска

Subscribe To our newsletter!