Алпинизам – страст, професија и хоби - Europe House

2 Ное

BACK

Алпинизам – страст, професија и хоби

Алпинизам – страст, професија и хоби

Можеби не се сметаме за алпинисти или планинари, но барем еднаш во животот (макар случајно) сме посетиле некој алпинистички локалитет, како Матка, Демир Капија, Пелистер, Солунска Глава, Кораб, Титов Врв, Крчин, Дешат… Нашата земја, во поглед на своите релјефно-географски одлики, е претежно планинско-котлинска земја. Тоа значи дека околу 80% од територијата на државата се планини. Овој тип земјиште предизвикал алпинизмот да почне да се развива како спортска дисциплина, а со тоа подоцна и да се основа првата алпинистичка федерација во земјата. [1]

Најпрвин, што претставува алпинизмот? Алпинизмот е спортска активност на искачување на стрмни и високи планински врвови. Покрај оваа куса дефиниција, алпинизмот опфаќа различни техники на издржливост и изучување вештини за искачување, а истовремено се остварува длабока релација со природниот и животинскиот свет. Еден алпинист може да се соочи со многу предизвици. Патеките што се изодуваат не се секогаш едноставни, туку можат да се појават скалести и нерамни терени на големи надморски височини.

Алпинизмот кај нас – авантури на голема надморска височина

Во нашата земја, најпозната алпинистичка организација е Македонската алпинистичка федерација, во чија структура влегуваат сите друштва, клубови и членови кои се занимаваат со алпинизмот како физичка активност. Во Република Северна Македонија постојат повеќе алпинистички клубови што често организираат алпинистички активности на различни локации во земјата. Првите алпинистички искачувања во земјата, поконкретно во Демир Капија, се направени кон крајот на седумдесеттите години на минатиот век. Денес, Демир Капија е дел од светската мапа на алпинистички локалитети и секоја година се зголемува бројот на посетители од целиот свет. Алпинизмот е одличен пример за запознавање со културното, спортското и природното наследство на една земја. На македонската алпинистичка сцена се издвојуваат неколку познати имиња на алпинисти: Димитар Илиевски-Мурато, Владимир Андреевски, Борче Јовчевски, Слободан Јованоски, Иван Жежовски, кои успеале да остават долготраен печат и да останат пример за многу нови генерации алпинисти.

Група на македонски алпинисти пред тргнување на алпинистичка експедиција на Матерхорн во 1975 година, фотографирани на Железничката станица во Скопје (фото: Петар Митров)

Оние што никогаш не се искачиле на планина или не биле дел од некоја алпинистичка тура, а сакаат да го сторат тоа, се соочуваат со прашањето: „Сакам да планинарам, но не знам од каде да почнам?“ Одговорот е многу едноставен – за да почнете да планинарите треба да сте информирани за тоа што навистина претставува алпинизмот. Дали тоа е само обична спортска активност или хоби? Или, пак, можеби алпинизмот ќе разбуди нешто многу повеќе во вас и, доколку навлезете подетално, целосно ќе го преобликува вашиот животен стил.

Неколку совети за првото планинарење

Секој почеток си носи свои предизвици. Така и во алпинизмот, треба да сме свесни дека физичката подготвеност игра главна улога во целиот процес, а покрај тоа, важно е да се има ментална и психолошка подготвеност за тоа што ве очекува на патот кон високите надморски височини.

Без разлика дали сакате да го трансформирате алпинизмот како ново хоби или, пак, можеби ваша голема желба е да почнете професионално да се занимавате со алпинизмот, треба да се има предвид дека од особена важност е да се негува физичката активност во текот на целата година. Заминувањето на алпинистички патување може да биде возбудливо и мошне наградувачко искуство, но оние што се нови во светот на алпинизмот можат да се почувствуваат исплашено. Ако сте желни за планинарење, но не знаете од каде да почнете, алпинизмот можеби е совршен избор за вас. Накратко, можеме да се потсетиме за главните препораки и правила на алпинизмот, кои ќе ви помогнат да ги направите вашите први чекори во оваа возбудлива дисциплина:

Првиот чекор

Можете да почнете со читање книги, гледање на документарни филмови („Бунтот во долината“) и истражувања онлајн, со други зборови да почнете да ги разбирате основите на планинарењето, вклучувајќи ја опремата, безбедносните протоколи и физичките неопходни потреби за планинарењето на големи височини. Потоа, следниот чекор е да се информирате и да истражите дали во ваша близина постои локален алпинистички клуб. Придружете му се на клубот и станете дел од планинарската заедница во која многу често се организираат групни активности, планинарења, кампувања, обуки и работилници. Дружбата за време на планинарењето или заедничките средби во планинарските клубови можат да бидат одличен начин да се сознаат многу практични совети од искусни планинари, а истовремено овие средби стануваат сигурен простор каде што алпинистите можат да дискутираат и да споделуваат свои лични искуства со други истомисленици.

Вториот чекор

Она што го предлагаат искусните алпинисти е почетниците секогаш да почнуваат со лесни патеки. Сите почетоци се тешки. Затоа, не избрзувајте со предизвикувачки и напорни патеки, туку почнете со полесни патеки за пешачење или планинарење, особено патеки што одговараат на вашето моментално фитнес-ниво. Како ќе напредувате, ќе стекнувате искуство и самодоверба и ќе станувате поиздржливи, така и „тежината“ на планинарењето ќе се зголемува. Полека ќе имате можност да ги совладате техничките познавања што ви се неопходни за движење низ опасен терен: работа со јаже, поставување на безбедни алатки во (замрзната) карпа, спуштање со јаже, системи за извлекување, симнување со повреден искачувач, прва помош итн. Овие вештини се неопходни за секој што сака да влезе во посериозна планинарска авантура.

Третиот чекор

Инвестирајте во квалитетна опрема за планинарење, како што се чизми, облека, ранци и опрема за кампување. Облеката што ја носите за време на планинарењето треба да биде мека, топла и удобна. Тоа значи дека треба да облечете патики што ќе бидат разгазени и ќе ви ги заштитуваат стапалата, како и ветровка или јакна што ќе ве штити од непредвидливото време. Понатаму, проверете дали знаете како правилно да ја користите и да ја одржувате вашата опрема и за таа цел консултирајте се со искусни планинари или специјалисти кои ќе можат да ви помогнат да го направите вистинскиот избор во одбирањето на соодветната опрема.

Четвртиот чекор

Научете ги вештините за навигација. Умешноста во читањето мапи, користењето компас и навигацијата со помош на ГПС-уреди или на ѕвездите е од клучно значење за алпинизмот. Вештините за навигација ќе ви помогнат да не се изгубите во дивината.

Петтиот чекор

Планинарењето бара добра физичка подготвеност и секое дополнително вежбање, вклучувајќи и кардиоваскуларни тренинзи, вежби за сила и флексибилност, може да помогне во градењето издржливост што ќе помогне алпинистот да се справи при планинарењето на големи височини. Вклучете кардиоваскуларни тренинзи, вежби за сила и вежби за флексибилност во вашата рутина. Фокусирајте се на градење издржливост и сила за да се соочите со безмилосноста на планинарењето на голема височина.

Шестиот чекор

Бидете безбедни. Секогаш кога планинарите или се впуштате во некоја алпинистичка авантура, дајте ѝ приоритет на безбедноста. Тоа значи дека секој алпинист треба да биде свесен за временските услови, потенцијалните опасности и ризикот со секое искачување. Затоа, научете како да ги препознаете и навремено да реагирате на немилосрдните ситуации, како болест, лизгачки терени, снег, дожд и слично.

Седмиот чекор

Сивилото и брзината на градовите знаат да создадат чувство на анксиозност и фрустрација. А алпинизмот е одлична шанса за бегство од градската средина и наоѓање прибежиште во природата. Затоа, почитувајте ги природата и околината. Не оставајте траги, отпадоци, ѓубре, не уништувајте ги тревата, дрвјата и не загадувајте ги реките и живеалиштата на животните. Со други зборови, бидете свесни за екосистемот.

Осмиот чекор

И како за крај – слушајте го вашиот водич! Секогаш бидете во близина на водичот и почитувајте ги неговите препораки. Да се најде вистински ментор кој има големо искуство и познавање од алпинизмот може да биде од непроценлива важност за вашите алпинистички почетоци.

Можеме да заклучиме дека алпинизмот е напорна, но благородна физичка дисциплина. Денес може да се потврди дека алпинизмот станува сè попривлечен и поатрактивен за луѓето. Интересот расте затоа што здравиот начин на живот и физичката подготвеност што ја бара алпинизмот се примамливи за луѓето. Без разлика дали на алпинизмот се гледа како на спорт, професија или хоби, забележливи се придобивките од оваа дисциплина, бидејќи истовремено е комбинација од авантуризам, зголемување самодоверба и развој на емпатија кон природата и околината. Исто така, докажано е дека редовното планинарење позитивно влијае врз психофизичката состојба кај практикантите.

Europe House Скопје, во соработка со членовите на Алпинистичкиот клуб Скопје[2], минатиот месец организираше алпинистичка авантура на Матка по повод Европската недела на спортот (BeActive – Sport week) со цел запознавање со алпинистичките активности и планинарењето на карпи. Алпинизмот е волшебно патешествие што нуди средба со неверојатни видици, физички предизвици, запознавање со луѓе кои делат исти или слични интереси, а го враќа и човекот назад кон природата. Почетокот може да изгледа застрашувачки, но со правилно водство, подготовка и трпение, можете безбедно и самоуверено да се впуштите во оваа возбудлива авантура. Затоа, облечете ги планинарските чизми и почнете го вашето алпинистичко патување уште денеска!

 

[1]Фотографиите се преземени од профилот на Македонската алпинистичка федерација, како и од профилот на Europe House.

[2] Алпинистичкиот клуб Скопје е оформен во февруари 2019 година и има визија да вроди интерес во алпинизмот кај нови вљубеници во планините, како и да ги воведе во активниот здрав и спортски начин на живот без разлика на возраста.

#EuropeanWeekOfSport #BeActive

Доротеа Огненовска

Subscribe To our newsletter!