Wear the Change Archives - Europe House

„Жетва без нејзиното име” во Europe House Струмица: Разговор за руралните жени и нивниот невидлив труд

Над 38.000 жени во Северна Македонија се регистрирани како земјоделки, но многу од нив немаат еднаков пристап до финансиска сигурност, породилно отсуство, здравствено осигурување и социјална заштита. Овие предизвици беа во фокусот на вчерашната панел-дискусија „Жетва без нејзиното име: Руралните жени и невидливиот труд”, одржана во Europe House Струмица.

Настанот беше организиран како дел од кампањата „Носи ја промената” (Wear the Change), иницирана од Делегацијата на Европската Унија и амбасадите на земјите членки на ЕУ, обединети во #TeamEurope. Дискусијата отвори простор за разговор за системските и институционалните пречки, но и за предрасудите и нееднаквостите што го ограничуваат пристапот на жените во руралните средини до нивните права.

Жените земјоделки учествуваат во производството на храна и руралната економија, а истовремено најчесто се грижат и за домот. Сепак, нивниот труд и придонес често остануваат надвор од формалните економски и институционални рамки. Посебно загрижувачки е пристапот до имот и земјиште: во 2021 година, само 4,1% од жените во руралните области биле евидентирани како сопственички на имот, додека на национално ниво земја поседуваат само 12% од жените.

Разговорот ги опфати причините за овие нееднаквости, вклучувајќи ги практиките поврзани со наследувањето. Иако ќерките имаат законско право да наследуваат, често се откажуваат од својот дел во корист на браќата. На тоа влијаат долгогодишни традиции и очекувањето дека по бракот ќерката ќе „припадне на друго семејство”.

Во дискусијата учествуваа Вероника Јоана Чолка, заменик-шефица на мисијата на Амбасадата на Романија, Лејла Рајкова, застапничка за правата на руралните жени и локалното земјоделство, и Лилјана Јоновски, вонредна професорка на Факултетот во Кичево и експертка за вклучување на жените во јавниот живот, со фокус на руралните средини. Разговорот го модерираше Андреа Угриноска од „Тиииит! Инк.“ – Скопје.

Панелистките ги разгледаа предизвиците со кои се соочуваат жените што живеат и работат во руралните средини, спроведувањето на законите и достапните механизми за поддршка. Беше отворена и перспективата на Романија, како земја со значително учество на работната сила во земјоделството, како и прашањето за улогата на Европската Унија во унапредувањето на правата на руралните жени.

Во разговорот беа опфатени и општествените и културните пречки што опстојуваат покрај законските рамки, како и начините на кои институциите и заедниците можат да придонесат за еднакви можности. По панелот, во прашања и одговори се вклучи и публиката.

Главната порака од дискусијата беше дека придонесот на жените земјоделки мора да биде препознаен и проследен со еднакви права и сигурност. Обезбедувањето пристап до имот, здравствено и социјално осигурување и права поврзани со работата претставуваат важен чекор кон поправедно и одржливо општество.

Преку караванот „Носи ја промената”, Делегацијата на Европската Унија, амбасадите на земјите членки на ЕУ и мрежата на Europe House продолжуваат да отвораат јавни разговори за родовата еднаквост и правата на жените низ земјата.

Еднакви на стартот, еднакви во спортот: Europe House и Women Power Cup на Скопскиот маратон

Спортот не е само простор за натпревар, туку и простор за еднакви можности, самодоверба и инклузивност.

Токму со таа идеја, Europe House ги здружи силите со Women Power Cup и се приклучи на 22. издание на Виз Ер Скопскиот маратон преку иницијативата „Носи ја промената“ (Wear the Change) – заедно со жените и девојките кои спортуваат, се натпреваруваат, инспирираат и постојано ги поместуваат своите граници.

Заедничкиот маратонски настап беше дел од активностите со кои Europe House ја одбележа Европската недела на спортот, која започна на 23 септември и донесе низа спортски активности и иницијативи низ целата земја, со порака дека спортот е за сите – без оглед на возраста, полот или способностите.

Повеќе од трка

За да се истрча маратон, потребни се издржливост, дисциплина и упорност. Но, спортувањето не започнува на стартната линија. Тоа е здрава навика, посветеност, рутина и личен избор спортот да стане дел од секојдневието.

Нашиот Europe House тим и спортистките од Women Power Cup од Кочани, со заедничкото учество на Скопскиот маратон, испратија силна порака за поголема инклузивност и родова еднаквост во спортот. Сакавме да охрабриме што повеќе девојки и жени да го откријат спортот како простор за личен развој, поврзување и нови достигнувања.

Women Power Cup ја донесе енергијата на женскиот спорт, движењето и женската сила – на теренот, но и во општеството. А преку „Носи ја промената“ – иницијатива на Делегацијата на Европската Унија и Europe House мрежата – се отвора простор за разговор, нови идеи и промена кон поголема родова еднаквост.

Преку спорт до еднаквост

На најголемиот спортски настан во земјата, во маратонската, полумаратонската и штафетната трка „ЕУ за спорт“, годинава учествуваа рекордни 15.050 натпреварувачи од 63 земји. Од натпреварувачите кои ја завршија маратонската трка, 77 беа жени, наспроти 518 мажи.

Овие бројки покажуваат дека пред жените во спортот сè уште стојат предизвици, но и дека секое учество придонесува кон поголема видливост и поголеми можности.

Зашто во маратонот, како и во секоја друга спортска дисциплина, секој чекор е важен. А промената се случува тогаш кога ќе одлучиме да продолжиме да чекориме напред.

Преку својата целогодишна иницијатива „Носи ја промената“ и учеството во Скопскиот маратон, Europe House уште еднаш порача: да бидеме активни, да ги поддржуваме жените во спортот и да создаваме простор во кој секој има можност да учествува, да се натпреварува и да напредува.

Вклучи се и ти. Направи чекор понатаму. Носи ја промената.

Subscribe To our newsletter!