Денес, амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, се сретна со студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) во рамките на првото издание на „Студентите ја креираат агендата“ – серија универзитетски дијалози во која младите самите ги избираат темите за кои сакаат да разговараат.
Оваа иницијатива, организирана од Делегацијата на Европската унија и Europe House, во партнерство со Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје и Студентарија, ги става студентите во центарот на разговорите за нивната иднина. Целта е да им се отвори простор да ги постават своите прашања, да ги споделат своите искуства и директно да разговараат со евроамбасадорот за своите очекувања и приоритети.
Студентите самите ги предложија и избраа темите за дискусија, а активно го насочуваа и текот на разговорот, преземајќи ја на тој начин иницијативата во свои раце. Тие покренаа прашања поврзани со евроинтеграциите на земјата, владеењето на правото, можностите за младите и нивната улога во обликувањето на иднината на земјата.
Амбасадорот Рокас ја истакна важноста на обновената доверба, политичката посветеност и континуираните реформи – особено во насока на зајакнување на независноста и ефективноста на институциите – како клучни чекори за напредок на европскиот пат на земјата.
Тој се осврна и на можностите што ги нуди ЕУ, меѓу кои и програмата „Еразмус+“, охрабрувајќи ги младите да стекнуваат меѓународно искуство, знаењето да го вратат дома и да преземат поактивна улога во јавниот живот, придонесувајќи за позитивни промени и создавање подобри можности за идните генерации.
„Навистина уживав во денешната средба со студентите на УКИМ во Скопје. Претставуваше освежување да се чујат нивните прашања, идеи и грижи, и да се оствари толку отворена и искрена размена на мислења. Младите имаат многу што да кажат за својата иднина, а ние треба да ги сослушаме. Ваквите разговори нè зближуваат и ни помагаат да создадеме подобра иднина. Но, не станува збор само за слушање. Младите треба да имаат вистински глас и во донесувањето одлуки што влијаат врз нивните животи и врз иднината на нивната земја“, изјави евроамбасадорот Рокас.
Средбата на УКИМ е прва од серијата посети што евроамбасадорот ќе ги оствари на универзитетите низ земјата во рамки на иницијативата „Студентите ја креираат агендата“ (Students Set the Agenda). Целта е непосредно да се слушнат ставовите на младите за европската иднина на Северна Македонија и за улогата што сакаат да ја имаат во нејзиното обликување.
Овој серијал е во организација на Делегацијата на Европската Унија и Europe House, во партнерство со универзитетите во Северна Македонија и „Студентарија“ – најголемата студентска платформа предводена од млади. Во текот на академската година, студентите од целата земја ќе имаат можност да ги стават своите приоритети на агендата на евроамбасадорот.
















