рецензија Archives - Europe House

„Балерина“: Конвенционална и сентиментална, но безвременска приказна

Да живееш значи да се бориш. Овие зборови отсекогаш биле неисцрплив извор на инспирација во уметноста. Особено во рамките на филмската индустрија се чини дека приказните кои ја обработуваат таа тематика секогаш ќе имаме прилика да ги проследиме на големото платно. Како една од поновите интерпретации се јавува „Балерина“ – детскиот авантуристички анимиран филм  со дебитантна проекција во 2016 година. За разлика од Црн лебед (2010), меланхоличен игран филм за патот до успехот во балетскиот свет, „Балерина“ ја претставува посветлата страна на тоа што значи да се биде дел од таа индустрија.

Филмското дејството се случува во деветнаесеттиот век. Фелиси (Ел Фенинг) е сираче од рурална Бретања, која откако знае за себеси има сон да стане професионална балерина. Земајќи ги предвид нејзините услови тоа се чини речиси невозможно, но таа не е сама. Покрај себе го има Виктор (Дејн ДеХан), нејзиниот најдобар другар, со чија помош успева да избега од домот за деца и да замине за Париз. Таа одеднаш се наоѓа во целосно нова и непозната средина, што само по себе и претставува преголема пречка на патот кон остварување на своите сништа.

Појавата на нов лик во приказната, Одет (Карли Реј Џепсен) и поврзаноста која таа ќе ја има со Фелиси, како нејзин идол, заштитник, па дури и тренер го прави „Балерина“ дел од групата клише филмови од типот на „Девојка од милион долари“ или пак „Карате кид“. Како и во останатите филмови од овој суб-жанр од една страна го имаме класичниот „андердог“, а од друга страна нејзиниот ментор со чија помош воспоставува дисциплина и стигнува до поставената цел. Ова го прави филмското дејство лесно предвидливо, лишувајќи ја публиката од чувство на неизвесност за судбината на протагонистот.

Уште една слабост на филмот е анимацијата во моментите на несовпаѓање на движењето на усните со она коешто го слушаме дека се изговора. Интересно е дека во многу од  сцените е доста очигледно дека анимираните ликови нецелосно ги изговараат зборовите, што придонесува до неприродноста која ја гледаме на екранот.

3 – Д техниката на анимирање е сепак вешто употребена во танц сцените. Ова е еден од ретките анимирани филмови во кои толку реалистично се претставени танцовите чекори и фигури. Режисерите очигледно сакале да стават посебен акцент на танцувањето, така што за поуверлива реализација на кореографиите стапиле и во соработка со членови на балетскиот ансамбл од Националната опера.

Збогатувањето на актерската екипа со Меди Зиглер (поранешна натпреварувачка танчарка) во улога на Камил, една од антагонистките, му додава нова димензија на филмското дејство. Покрај нејзините актерски вештини кои јасно се истакнуваат иако нема искуство колку своите колеги (Ел Фенининг, Мел Брукс или пак Кејт Мекинон), она со кое таа навистина придонесува кон актерската изведба е нејзината танцова позадина.

И покрај бројните пропусти, вниманието посветено на што е можно пореалистично структурирање на приказната го прави овој анимиран филм вреден да се погледне. „Балерина“ е ода за борците меѓу нас кои не се откажуваат. Ова е филм кој секој треба да го погледне, особено во овој свет каде што се заборава дека до ѕвездите се стига преку трњето.

4/5

Евгенија Арсова

Бизарна семејна драма + префинет физички хорор = „Титан“

Како би изгледало кога луѓето би се однесувале како деструктивни машини? Кои се границите на сексуалната наклонетост и постојат ли јасно дефинирани родови улоги? До каде би одел еден родител за да не го изгуби своето дете? Жулија Докурно на бизарен, но многу вешт начин ги истражува овие прашања во филмот „Титан“, добитникот на Златна палма за 2021 година. По успехот на нејзиното првенче „Сирово“ од 2016, режисерката уште еднаш докажа дека е мајсторка за префинет физички хорор со оваа крајно необична приказна, што ако паднела во погрешни раце, резултатот лесно би можел да биде катастрофален.

Чудноста се насетува уште во првите сцени кога по сообраќајна несреќа, малата Алексија се здобива со тешка повреда на главата. Оттогаш таа е осудена на живот со плочка од титан во черепот и видлива лузна над увото – потсетник дека е различна и дека никогаш нема да живее нормално. Возрасната Алексија (Агат Русел) работи како танчарка на јавни изложби на моторни возила, а од нејзините изведби јасно се гледа дека нејзината врска со автомобилите е посебна. Толку посебна што може да има сексуални односи со нив, па дури и да остане бремена. Протагонистката повеќе се однесува како машина отколку како девојка и таа е целосно отуѓена од човештвото, се однесува деструктивно и механички, што евентуално доведува до низа непотребни убиства. Сега веќе позната како опасен сериски убиец, „титанката“ нема друг избор освен целосно да си го смени родовиот идентитет и да се претстави како одамна изгубениот син на капетанот на противпожарна станица, Винсент (Винсент Лондон).

Оттука па натаму дејството се претвора во нетипична семејна драма. „Нетипична“ зашто е проткаена со вознемирувачки сцени на физички хорор кои прикажуваат истекување црн исцедок од телото, прикривање на бременоста и женственоста со насилно обвивање завои, обид за абортус со остра шнола и слично. Семејната драма, пак, се состои во односот помеѓу Винсент и Алексија, која за него е позната како Адриен. Капетанот е подготвен да замижи пред сите очигледни знаци дека  неговиот „син“ е нешто сосема трето, само за да не го изгуби своето дете повторно. Иако неговата посесивност ја гуши антихероината, сепак успева да разбуди некаква емоција кај неа, па така и таа во него го пронаоѓа она што не ни знаела дека ѝ недостига: татковска фигура. Но неизбежноста да се обелодени вистината постојано расте и ескалира со провокативен танц, брутална смрт и раѓање нова надеж.

За да ја раскаже оваа уникатна идеја, Докурно изгледа се водела според принципот „тимот што победува, не се менува“, па ја одбрала генерално истата екипа со која работела на „Сирово“. Впечатливата кинематографија, збогатена со интензивни бои и крупни кадри од тело во агонија или во еротски занес, повторно е дело на Рубен Импенс. И Џим Вилијамс е едно од имињата што се повторуваат, па може да се забележи веќе познатиот пристап кон музиката и нејзиното отсликување на внатрешната состојба на ликовите. Краток, но забележителен настап има и актерката Гаранс Марилиер, која публиката исто така ја запозна во претходното филмско остварување на режисерката како канибалистката Жустин.

Сите овие испробани елементи придонесуваат за успешноста на финалниот продукт, но она што му обезбедува висока позиција меѓу филмовите од овој жанр е блескавото деби на Агат Русел. Нејзината глума е цврста и уверлива и умешно ја доловува суровата трансформација низ која поминува протагонистката. Винсент Лондон, пак, успева да постигне одличен баланс меѓу грубата и грижливата страна на неговиот лик, што му овозможува да се поврзе со гледачите и да ги освои нивните симпатии. Оваа актерска комбинација функционира солидно, иако на прв поглед предизвикува доза сомнеж.

„Титан“ дефинитивно не е филм за сечиј вкус. Може да биде предмет на потсмев, чудење и восхит истовремено, а може и да ги разгневи закоравените обожаватели на Кроненберговата естетика. Во секој случај, несомнено заслужува десетка за оригиналноста и за обидот да ги прошири хоризонтите што ги опфаќа овој озлогласен хорор поджанр.

Марија Лукаревска, Гледај.мк

Subscribe To our newsletter!