Истражување на можностите за студирање во ЕУ: од стипендии до студентски размени - Europe House

20 Окт

BACK

Истражување на можностите за студирање во ЕУ: од стипендии до студентски размени

Истражување на можностите за студирање во ЕУ: од стипендии до студентски размени

Саемите за можности за студирање во ЕУ (Study Opportunities in the EU), организирани во Europe House Битола и Europe House Тетово, им овозможија на младите одблизу да ги истражат образовните програми во Европа, отворајќи им нови академски хоризонти и инспиративни разговори за иднината!

Овие еднодневни настани во рамки на Erasmus Days 2026, ги поврзаа идните студенти со претставници на амбасади и образовни институции, кои споделија практични информации за стипендии, студентски размени и програми за академска мобилност.

Europe House Битола: Твојата можност за студирање во Европа започнува тука!

Саемот во Europe House Битола ги обедини претставниците на амбасадите на Франција, Австрија, Германија, Грција и Бугарија, претставници на програмата Еразмус+ и локални академски институции. Покрај информациите за студиските програми и можностите за финансиска поддршка, младите имаа можност да слушнат и искуства од свои врсници кои веќе студирале во странство.

Разговорите им помогнаа на младите посетители директно да се запознаат со чекорите потребни за продолжување на образованието во некоја од европските земји. Но, академското знаење не е единствената придобивка. Студирањето во странство отвора простор за запознавање со нови култури, создавање пријателства, и стекнување вештини и искуства што остануваат за цел живот.

Europe House Тетово: Следните чекори кон европско академско искуство

Во Europe House Тетово, саемот ги доближи европските студиски програми до младите од Полошкиот регион. Претставници на амбасадите на Бугарија, Франција, Германија, Италија и Шведска, заедно со Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, ја претставија широката палета можности што им се достапни на идните студенти од Северна Македонија.

Настанот ги охрабри младите да поставуваат прашања, да ги истражат можностите за стипендии и студентски размени, но и да размислат како студирањето во некоја од земјите на ЕУ може да влијае врз нивниот академски и личен развој.

Од академки амбиции до конкретни планови

Саемите за можности за студирање во ЕУ имаа за цел да ги поттикнат младите да размислуваат надвор од познатите граници, да поставуваат прашања и да истражат како студирањето во друга европска земја може да ја обликува нивната иднина. Преку вакви иницијативи, мрежата на Europe House придонесува младите информирано да ги направат следните чекори кон своите академски цели и да ги претворат амбициите во конкретни планови.

Понекогаш, патот до европски универзитет започнува со еден разговор што отвора сосема нов свет на можности.

 

Subscribe To our newsletter!