Кон „Вселенско момче“ во режија на Оливер Перо, сценарио на Есебио Лареа и Оливер Перо, кинематографија на Томас Рентир.
Во последните неколку години сведоци сме на еден „нов“ бран комерцијални филмови кои содржат доза носталгија за 80-тите години од минатиот век. Од светски популарната серија „Чудни нешта“ и филмската адаптација на романот на Стивен Кинг, „Тоа“ чие дејство е токму во тој период, па и уште еден хит на Нетфликс, „Сексуално образование“ кој намерно внесува стилски елементи од таа ера. Трендот како да се провлекува и низ независната сцена што дава можност на нови филмаџии да експериментираат со овој пристап за да внесат свежина во приказни кои инаку би се сметале за „веќе видени“. Пример за таков филм е „Вселенско момче“, деби на белгискиот режисер Оливер Перо кој веќе се закитил со главната награда на минатогодишниот Интернационален Детски и Младински Фестивал во Бусан.
Младиот протагонист во ова компактно 100 минутно „патување до космосот“ е 11-годишниот Џим (Басил Грунбергер со особено енергетична изведба) на кој му се случува огромна промена во животот. Неговиот самохран татко и идол (Јаник Ренер) не само што се подготвува за пат во вселената, туку и одлучува да се преселат во друг град за да биде поблиску до обсерваторијата во која ќе работи. Џим истовремено е возбуден поради новата авантура, но и малку исплашен поради тоа што ќе треба да се навикне на ново училиште каде не познава никого. Шансата да се докаже пред татко му и неговиот втор идол, Џозеф Китнигер (светски рекордер во скокање со падобран) доаѓа многу брзо кога е ставен во тим со болежливата соученичка Ема (Албан Масон, одлична во својата емотивна, но сепак зрела глума) за учество во училишниот научен натпревар. Но, светот не е така розов како што Џим сака да верува – нивниот проект е мета на напад од ривалска група на натпреварот, а промените во реалниот живот и тегобите кои тој ги носи со себе се повеќе се чувствуваат.
Иако е маркетиран како филм за деца и младинци, суштината на „Вселенско момче“ е многу подлабока што го прави ова филмско остварување соодветно за лица од 7 до 77 години. Сценариото на Есебио Лареа и Оливер Перо внимателно и суптилно кружи околу теми како задушувањето на децата кои се воспитуваат во „стаклено ѕвоно“, штетите кои се нанесуваат на детската психа од кажување лаги „за нивно добро“ и детската меланхолија која е најчесто предизвикана од грешките на родителите и луѓето на кои тие се огледуваат. Централниот конфликт околу воннаставната активност ја потенцира отуѓеноста на учениците од возрасните, но во исто време ефикасно ја прикажува гледната точка на самите воспитувачи кои прават сè за доброто на своите чеда/ученици. Режијата дозволува сите сериозни и егзистенцијални прашања да се проследени со доза невиност, духовитост и забавна атмосфера за никогаш да не се премине во територија на сериозна контемплација која децата тешко би ја „свариле“.
Ноншалантната привлечност на филмот може да се спореди со стилот на Вес Андерсон, но и со легендарниот филм „И.Т.“ од кој режисерот дефинитивно зема инспирација за неколку духовити сцени. Временското „закотвување“ на филмот во 1986 година го засилува ефектот на музиката компонирана од “The Penelopes”, што создава чувство на топлина и посакувана носталгија кон некое магично, но комплицирано минато. „Вселенско момче“ можеби не е најоригиналниот европски филм на сите времиња, но дефинитивно е едно симпатично љубовно писмо до слатко-горчливите тешкотии на патот од дете во млад човек.
Петра Бранковска