Сибел Бајрам е успешна, инспиративна 27-годишна жена од Скопје. Таа е магистер по менаџмент на човечки ресурси, претседателка на Здружението на Ромки „Лачо Диве“ и наставничка по англиски јазик во основното училиште „26 Јули“ во скопската населба Шуто Оризари.
Како припадничка на ромската етничка заедница, сиот живот се соочувала со препреки и дискриминација додека се градела во успешна млада личност, професионалец и борец за правата на Ромките. Вели дека за сè требало да вложи три-четири пати повеќе – учење, труд, посветеност, мотивација, решителност за да биде на некое приближно еднакво ниво со останатите. Сибел Бајрам е успешна, инспиративна 27-годишна жена од Скопје. Таа е магистер по менаџмент на човечки ресурси, претседателка на Здружението на Ромки „Лачо Диве“ и наставничка по англиски јазик во основното училиште „26 Јули“ во Шуто Оризари. Кога би требало да избере која европска младинска цел најдобро би ја опишала, Сибел без размислување одговара – еднакви можности за жените и девојките од малцинствата. Таа е дел од проектот Future for Europe.
Како Ромка во животот се соочувала со секакви препреки и проблеми.
– „Се чудеа како може толку млада Ромка да биде толку успешна и образована, како некоја на 26-27 години сè уште не е во брак, иако сега веќе неколку месеци сум омажена.“ – вели Сибел низ насмевка.
И нејзините сограѓани Роми и претставници на другите заедници се чуделе како нејзините родители толку многу вложувале во своите две ќерки да се образоваат, да дипломираат, Сибел да магистрира и да основа организација.
– Се чудеа како мојот, за жал, сега покоен татко, кој беше херој и заедно со мајка ми моја мотивација и поддршка за сè во животот, вложуваат во девојчиња, а тие нели биле за „туѓа куќа“.
Меѓутоа, јас сум пресреќна што растев во семејство со поинакви сфаќања, семејство каде жената, девојката се вреднува многу, се почитува, се сака и ѝ се дава висока поставеност во семејството. Нашите родители вложија сè за бидеме успешни, конкурентни, примерни и дами за почит во нашето општество. Јас вечно ќе им бидам благодарна и горда што израснале такви прекрасни личности! – вели Сибел.
Таа верува и многу сака девојките и жените од малцинските заедници, како што е нејзината, ромска заедница, да имаат повеќе права, пристап до најосновните услуги и потреби, да бидат еднакво третирани во општеството, да се цени нивниот труд, образование и експертиза и како такви со нивната конкурентност и струлност да бидат консултирани во процесите на носење политики кои директно ги засегаат нив, меѓутоа и останатите девојки и жени. Да не бидат дискриминирани во здравството, образованието, вработувањето и слично. Сибел длабоко верува дека е време секоја единка да се третира еднаква со останатите, со респект, разбирање и толеранција.
– Ако сакаме некаков еквилибриум, мораме сите да се трудиме, да се почитуваме и да си помагаме. Само така ќе успееме да креираме вистински инклузивни општества, а не само „инклузивни општества“ на парче хартија. Верувам во изреката „Кога се сака сè е возможно и сè може да се постигне!“ – категорична е Сибел.
Таа е среќна што може да работи со деца. Презадоволна е со својата работна позиција – веќе пет години предава англиски јазик на основците во Шуто Оризари. Сибел вели дека предизвикот е голем да се работи со мали деца и со тинејџери. Но, нејзината решителност, посветеност, позадинска експертиза ѝ даваат поттик, мотив секој ден сè повеќе и повеќе да ја сака својата професија. Таа се труди нејзините часови да бидат поразлични и секогаш кога има можност за дискусии тие да се искористат разумно, да се вклучуваат учениците и да разговараат за своите проблеми, потреби и желби поврзани со конкретната тема што се обработува.
– Така развиваме критичко размислување, меѓутоа и блискост, доверба и децата повеќе го сакаат предметот што треба да го изучуваат 9 години. Децата секогаш ме пречекуваат со насмевки и прегратки и секогаш со нетрпение ги очекуваат часовите по анлиски јазик, бидејќи секој час се случува нешто ново што е важно, меѓутоа и интересно и корисно за нив. – објаснува Сибел.
Таа е изненадена и почестена што нејзините успеси, ангажмани и посветеност во работата со заедницата, со децата и како активистка, некој ја препознал и ја поканил да биде дел од проектот Future of Europe каде се вклучени успешни млади луѓе. Сибел е благодарна на Europe House Скопје за нивната инклузивност и оддавање почит на сите млади кои на различни начини се успешни во своите дејности и занимања и се надева на идни, успешни соработки.
Периодов нејзината организација е фокусирана на запишување на нивни активистки во средните училишта и им помагаат на матурантките при избор на соодветен факултет и пополнување на сите потребни документи. Од септември со полна пареа продолжуваат со нови активности и многу патувања низ градовите во нашата земја каде што имаат активистки.
– Ќе работиме на кревање на свеста, помош, мотивација и поддршка за она за што ќе утврдиме дека им е потребно. Тука сме за нив, така било до сега, така и ќе продолжиме понатаму. Секоја една е вредна за почит! – вели Сибел.
За неа огромно задоволството е да се работи со девојки и жени од различни возрасни групи. Честопати е многу емотивно, меѓутоа и предизвикот е голем.
– А јас сум личност која не се откажува. Сакам да помагам и да ги мотивирам да бидат успешни, економски независни, горди, конкурентни млади девојки. Ако работат на себе, патот до успехот сигурно ќе биде нивен!