poppy fields Archives - Europe House

Во „Поле со афион“ нема место за цветови во боите на виножитото

Кон „Поле со афион“ во режија на Јуџин Јебелеану, сценарио на Јоана Морару и кинематографија на Мариус Пандуру

Првенчето на романскиот режисер Јуџин Јебелеану наједноставно може да се опише со еден збор: хипер-реализам. Поранешниот актер сега застанува зад камерата за навидум едноставно да прикаже еден ден во животот на главниот лик кој, како и повеќето луѓе, има две страни – една што ја покажува кон светот и друга што ја чува длабоко во себе. Тие две страни се спротиставени како ден и ноќ, и контрастот се прелева во една моќна критика не само на животните избори кои ги прави јунакот, туку и на целото општество во кое тој живее. Токсичната култура на срам која ја прогонува цела Романија е задушувачка, дури и во овие „прогресивни“ времиња – што е восхитувачки да се почувствува во филм што трае „само“ 81 минута.

Кристи (Конрад Мерикофер, брилијантно стоичен) е полицаец кој крие огромна тајна – тој е хомосексуалец во средина која го „плука“ целото негово битие. Неговото француско момче Хади (Радоуан Лефлахи, совршено харизматичен и сталожен) е дојдено на посета и планира да остане неколку дена во Романија, само за да биде со него. Хади е многу различен од својот партнер – тој е порелаксиран, безгрижен и го опсипува со љубов, додека Кристи се бори против обични молби за дружба надвор од неговиот стан. Интернализираната хомофобија го истоштува, а секоја сцена во малиот стан е полна со чувство на самокритика и неприфаќање на себеси. Животот на младиот полицаец значително ескалира уште истата ноќ кога се наоѓа назначен на опасен терен – христијански фундаменталисти окупираат кино во кое се прикажува филм со лезбејска содржина. Токму во тој момент ескалираат сите чувства на самонеприфаќање, борба со сопственото „јас“ и желбата да припаѓа во една токсична маскулина средина која не ги прифаќа различните.

Структурата на филмот е едноставна, а приказната не е ексклузивна или нешто за коешто не сме сите свесни – огромен број на лица од ЛГБТ+ заедницата имаат интернализирана хомофобија, посебно во источна Европа. Додека огромните корпорации ги веат знамињата на виножитото во текот на месецот на гордоста, во Романија и земјите од Балканот животниот стил на квир луѓето се уште се смета за „неприроден“, а полицијата и власта прави многу малку да го запре тоа (во голем број случаи, дури и „прогледува низ прсти“ на секоја злоупотреба што тие ја трпат). „Поле со афион“ е посебен не поради сето тоа што веќе го знаеме, туку поради вештината на Јуџин Јебелеану и камерата на Мариус Пандуру да создадат толку непријатна и клаустрофобична средина во која главниот лик наликува на глушец заглавен во лавиринт без излез. Филмот е обоен толку бледо и безбојно што го „цица“ цел живот од Кристи и уште повеќе го истакнува неговиот премин од тивок човек во насилник кон своите ЛГБТ+ сограѓани. Сценариото е полно со брилијантни анегдоти од секојдневниот живот на сите негови колеги кои на најбанален начин се обидуваат да го оправдаат насилството на полицијата врз сите ранливи категории на граѓани, и да го убедат Кристи дека неговата токсична машкост е сосема во ред. 

Компактно спакуваната продукција успева да го направи токму тоа кон што целела – креативно да го долови секојдневието на повеќето „различни“ луѓе кои не се идентификуваат со хетеронормативното општество во кое живее источна Европа. Иако последниот акт се чини недоработен и избрзан, Јуџин Јебелеану знае како да го извади најдоброто од своите актери. Намерно неодговореното прашање останува – дали ние знаеме како да го извадиме најдоброто од оние што се најмаргинализирани. 

Петра Бранковска

Subscribe To our newsletter!