Europe House Veles Archives - Europe House

Кафе со амбасадори во Велес: Дигитализација, сајбер-безбедност и „ФИМИ”

Вчера во Europe House Велес се одржа ново издание на „Кафе со амбасадори”, посветено на темата „Дигитализација, сајбер-безбедност и ФИМИ (странско мешање и манипулирање со информации)”, со учество на амбасадорот на Франција, Н.Е. Кристоф Ле Риголер, и амбасадорот на Италија, Н.Е. Паоло Палминтери.

Во разговорот учествуваа претставници од локалните институции, медиумите, граѓанското општество и бизнис-заедницата, како и млади и професори. Во фокусот беа влијанието на дигиталните платформи врз јавниот простор и демократијата, независноста на медиумите, заштитата на правата на граѓаните на интернет и предизвиците поврзани со дезинформациите и сајбер-безбедноста.

Дискусијата се осврна на прашањето кој ги поставува правилата и влијание на содржините што ги гледаме, споделуваме и читаме на платформите, како и на напорите на Европа да ги заштити граѓанските права и демократските вредности во дигиталната средина. Беа отворени и прашањата за европските правила за дигиталните платформи, за односот меѓу заштитата на демократијата и слободата на говорот, но и за тоа како да се зајакне новинарскиот интегритет, и локално и глобално.

Сајбер-нападите беа разгледани како безбедносен предизвик, а не само како технички проблем. Посебно внимание беше посветено на странското мешање и дезинформациите во Европа и Западен Балкан. Се разговараше за тоа како постојните поделби и нерешените спорови може да бидат искористени за ширење пораки што ја поткопуваат довербата и придонесуваат за нестабилност. Учесниците разговараа и за тоа што можат да направат земјите кандидати уште пред членството во ЕУ за да ја заштитат демократијата и информацискиот простор, како и за поддршката што земјите членки можат да ја понудат.

На крајот, учесниците беа поканети да размислат за тоа што можат да направат локалните институции, медиумите, училиштата, граѓанското општество и бизнис-заедницата за нивните заедници да бидат поотпорни на манипулации.

„Кафе со амбасадори“ е дел од активностите на Europe House, насочени кон отворање простор за дијалог за европските политики, искуства и вредности и нивното практично значење за граѓаните и локалните заедници низ Северна Македонија.

Врсничкото насилство не се победува со молчење: Работилница за булинг во Europe House Велес

Како изгледа булингот од различни перспективи? И што се случува кога ќе ги смениме улогите и ќе се ставиме во позицијата на другиот?

По повод Светскиот ден на менталното здравје, средношколците во Europe House Велес преку интерактивната игра „Spectrum of Impact“ (Спектар на влијание) ги истражуваа различните улоги во ситуации на врсничко насилство.

Под водство на психолозите од Altera Kognicija, учениците од СОУ Гимназија „Кочо Рацин“ – Велес анализираа различни сценарија и разговараа за улогата на оној што врши насилство, за болката на оној што го трпи, но и за одговорноста на оние што набљудуваат.

„Она што ја направи оваа средба посебна беше енергијата на учениците, нивната отвореност, подготвеноста да размислуваат, да се стават во туѓа позиција и да согледаат дека зад секоја постапка стои човек, а зад секоја групна ситуација – односи, влијанија и избори“, истакна психологот Иле Махлијанов.

На младите учесници им поставивме едно прашање: „Што се крие зад булингот?“ Нивните кратки одговори потсетија дека булингот не е секогаш очигледен. Зад навидум безопасна шега, молчење или ситуација во која никој не реагира може да се крие туѓа болка што останува незабележана.

Работилницата потсети дека булингот не е проблем само на оној што го доживува, туку и предизвик за целата заедница. Молчењето на сведоците може да му овозможи на насилството да продолжи, додека еден глас на поддршка може да биде првиот чекор кон промена. Наместо да бидеме неми набљудувачи, можеме да избереме да го препознаеме насилството, да реагираме и да им дадеме поддршка на оние на кои им е потребна.

Серијата работилници ќе продолжи и во наредниот период, со вклучување различни групи ученици и организации. Преку нив, младите ќе добијат простор не само да разговараат за важни теми, туку и подобро да ги разберат туѓите чувства и перспективи, да поттикнат позитивна промена и да придонесат кон превенција на булингот.

Врсничкото насилство не се победува со молчење, туку со храброст, разбирање, емпатија и заедништво.

„На слатко во Дворче“: од рецептите на бабите до рацете на младите – различни генерации, исти познати вкусови

Сливи, смокви, дуњи и семејни рецепти што се пренесуваат од генерација на генерација – слаткото е многу повеќе од вкус што нè потсетува на детството. Тоа е дел од нашата традиција и гостопримство, мал гест на внимание за гостинот што влегува во нашиот дом.

Токму оваа традиција ја оживеавме во познатото Дворче на Europe House Veles, каде што рецептите на бабите преминаа во рацете на младите. Заедно со учениците од СОУ „Коле Неделковски“ – Велес, подготвивме 100 теглички домашно слатко, потсетувајќи се дека најубавите рецепти не се пренесуваат само преку точни мерки, туку и преку заедничка подготовка, искуството на постарите и малите тајни што се учат помагајќи во кујната.

Но, секоја тегличка доби и своја приказна. Учениците од Економска насока при ОСУ „Јовче Тесличков“ ја презедоа креативната задача да осмислат оригинална етикета за слаткото. Од првичната идеја и изборот на визуелните елементи до финалниот дизајн, нивната креативност стана дел од секоја од 100-те теглички.

Со дегустација во друштво на најблиските и звуците на Hot Jazz Orchestra, Дворче се претвори во место за средба на различни генерации, вкусови и креативни идеи.

„На слатко во Дворче“ уште еднаш нè потсети дека традицијата не е само нешто што го наследуваме, туку и нешто што го создаваме и негуваме заедно. А најубаво се чува токму тогаш кога ја споделуваме.

 

Спортот е за сите! Простор за учество, учење и уживање – инклузивен час по пливање во Велес

Пливањето е повеќе од спорт. Тоа е можност за учење, стекнување поголема самостојност и создавање простор во кој секој може да учествува и да ужива – вклучувајќи ги и нашите сограѓани кои живеат со церебрална парализа и се соочуваат со различни физички предизвици.

Токму тоа го покажа инклузивниот час по пливање што Europe House Veles го реализираше на Градскиот базен во Велес, заедно со Македонски спасител – Здружение за безбедност на вода и планина и Здружение Церебрална.

Со поддршка од инструкторите и услови прилагодени на нивните потреби, учесниците се запознаа со основните техники на пливање, правилното движење во вода и правилата за безбедност, учејќи преку практично искуство и дружење.

Овој час по пливање беше уште една можност да покажеме дека спортот е простор за сите и дека инклузијата е нешто што заеднички го создаваме преку еднакви можности за учество, учење и уживање во активностите што нè поврзуваат.

XXIII Меѓународен салон на стрип Велес 2026: приказни што оживуваат низ цртеж, боја и својствен поглед на светот

Велес повторно стана место каде што приказните оживуваат низ цртеж, боја и креативност. Во Europe House Veles беше отворен XXIII Меѓународен салон на стрип Велес 2026, кој и оваа година ги собра авторите, уметниците, илустраторите и љубителите на деветтата уметност.

Во рамките на Салонот беа претставени дел од пристигнатите стрипови на традиционалниот меѓународен конкурс „Златен стрип“, а беа прогласени и најдобрите автори и дела. Годинава конкурсот привлече 497 стрипови од автори од околу 30 земји, достигнувајќи рекорден број пријави и потврдувајќи го меѓународниот интерес за оваа уметничка форма.

Различните стилови, идеи и визуелни јазици уште еднаш покажаа колку многу може да се раскаже со само неколку кадри. Од цртеж и сценарио до боја и експериментален израз, секое дело донесе свој начин на раскажување и поглед кон светот.

Europe House Veles и оваа година го поддржа Салонот, во организација на Стрип центарот на Македонија – Велес, како и младите автори кои преку својата креативност ги претвораат идеите и приказните во стрип, придонесувајќи кон нивно претставување, препознавање и понатамошен развој.

Но приказните не завршија со изложбата. Програмата продолжи со 8. Меѓународна стрип колонија Велес 2026, која собра 14 стрип-авторки од пет балкански земји, создавајќи дополнителен простор за творење, размена и поврзување преку стрипот.

Наградени автори и дела

Главни награди „Златен стрип“

  • Прва награда: „Вечно“ – Марко Стојановиќ (сценарио, Србија), Милорад Вицановиќ Маза (цртеж, БиХ) и Аљоша Томиќ (колор, БиХ)
  • Втора награда: „Зимата на Арапахосите“ – Кристијан Секулиќ (Нови Сад, Србија)
  • Трета награда: „Љубовта е тешка работа“ – Дуда Вукојев (сценарио, Србија) и Драган Павасовиќ (цртеж, Хрватска)

Специјални награди

  • Најдобро сценарио: „Светот ни припаѓа на сите нам“ – Хулја Колук (Турција)
  • Најдобар цртеж: „Мечтаење“ – Александар Танчовски (Скопје, Македонија)
  • Најдобар уметнички израз: „На граница“ – Марко Стојановиќ (сценарио) и Марко Николиќ (цртеж), Србија
  • Специјална награда за експериментален израз: „Песок во грло“ – Филипа Сара Попова, Ана Кнежевиќ и Марко Трпески (Скопје, Македонија)
  • Најдобар дебитантски стрип: „Ѕвездена мисија“ – Христина Крстиновска (Ресен, Македонија)
  • Најдобар ментор: Шенер Далиповски (Ресен, Македонија)

 

Честитки до наградените и до сите млади автори кои беа дел од ова издание!

 

Canvas Conversations: една поинаква летна вечер во Велес исполнета со уметност, инспирација и добро вино

По втор пат во Europe House Veles ги споивме платното, боите, локалното вино и доброто друштво во една поинаква летна вечер, исполнета со креативност, разговори и нови искуства.

На Canvas Conversations Vol. 2, секој учесник имаше простор да експериментира, да создава и да го пронајде својот израз, без разлика дали првпат држи четка во рака или веќе има искуство со сликање. Низ процесот на сликање ги водеше уметничката Елена Димова, која им помогна на учесниците своите идеи да ги претворат во сопствени уметнички дела.

Вечерта ја збогати и Old School Winery, мала семејна винарија од Велес, која ги претстави своите две нови вина и ја сподели приказната зад нивното создавање – уште еден начин локалните приказни да станат дел од нашите заеднички искуства.

Но, Canvas Conversations не беше само за сликање или дегустација. Беше вечер за дружење, споделување идеи и создавање нешто заедно. За моментите кога се опуштаме, пробуваме нешто ново и си дозволуваме да го изразиме својот креативен потенцијал.

Затоа што креативноста не е резервирана само за уметниците. Таа е за секој што е подготвен да проба, да создава и да ужива во процесот.

Canvas Conversations ни покажа дека понекогаш најубавите приказни започнуваат со празно платно, чаша вино и добро друштво.

 

Subscribe To our newsletter!