Concert Archives - Europe House

Дуке Бојаџиев: Сакам да правам безвременска музика

Разговараше: Наташа Атанасова

Зад нас се две пандемиски години, од кои првата беше стишување на културата, а втората раштимани обиди за враќање во „нормала“. И еве нè денес, со симнати рестрикции, желни повеќе од кога и да е за култура. Таа жед минатата недела во Скопје ни ја подугасна Дуке Бојаџиев, кој во Градскиот парк во Скопје, покрај езерцето направи одличен концерт на 8 мај, Денот на Европа. Потоа следуваше уште еден, помал, во „Станица 26“. Токму ова негово ново музичко доаѓање во Скопје беше поводот за ова интервју со нашиот композитор и пијанист.

Кога ќе погледнеш наназад, како влијаеше целата пандемија на твојата креативност?

Пандемијата беше тешка и тажна фаза за светот, за сите нас. На мојата креативност делуваше позитивно бидејќи светот застана и ми се отвори многу време и простор за креативна авторска работа, напишав многу нова музика, од која дел изведов на концертот на 8 мај.

Во овој период живееш меѓу Франција и Шпанија. Зад тебе се долги години живот во Америка. Со други зборови, пола живот го имаш поминато во Македонија, пола надвор. Во бројки ја има рамнотежата, но дали ја чувствуваш и во поглед на животното искуство?

До 19 години живеев во Југославија, откако се распадна осум години во независна Македонија, потоа дваесет години во Америка и еве речиси три години во Европа. Тоа е големо шаренило на искуства кои на уникатен начин го формираат карактерот на еден човек. Бројката колку години ќе живееш и каде е ирелевантна, но мислам за секој човек е важно да поживее макар и на кратко надвор од својата земја. Тоа многу значи за духовниот и за интелектуалниот развој.

Иако не си тука, изминатава деценија си постојано присутен преку бројни концерти и соработки со македонски музичари (Каролина Гочева, Бранислав Николов, Дина Јашари…). Како се одвиваат тие муабети, договарања и крајна реализација на делата на далечина?

Сите тие соработки на далечина со македонски музичари се случиле спонтано, во моменти кога сум бил во посета на Македонија, или пак кога тие дошле кај мене на гости. Но, секоја приказна е различна. Со Каролина се знам од дете, ја поканив на мојот втор концерт во „Карнеги хол“ како гостинка со „Зборови немам“, композиција која ја напишав за неа. Бранко го следев низ годиниве, многу ми беше инспиративен како вокал. Пред седум години се запознавме и пред три конечно ја направивме првата соработка. Со Дина беше ептен случајно. Минатата година бев на нејзин концерт, потоа се видовме и во една вечер се случи „Убав ден“.

Во едно интервју кажуваш дека си толку окупиран со тековни проекти што не наоѓаш време за средување на голем дел од твојата музика, а камо ли, на пример, да обработиш дел од музиката на татко ти. Но, секој уметник за да може да даде, мора прво и да прими, па од каде црпиш енергија и инспирација за работа? Што те полни?

Така беше до пандемијата, потоа ми се отвори многу повеќе слободно време. Со Каролина снимивме албум во кој обработив композиции од татко ми, но и од други автори од неговото време, кој ќе излезе кон крај на годината. Исто така, средив недовршени композиции и напишав многу нови.

Енергија и инспирација канализирам, буквално „даунлоадирам“, како отворен приемник, кој ја пушта универзалната енергија да помине низ него и во мојот случај ја преточува во музика. Таа енергија ја има цело време насекаде околу нас, но не секој е доволно отворен за да ја прими. Треба навистина да си отворен систем, без его и многу предрасуди – тие го кочат протокот на таа универзална енергија.

Каква музика сакаш да слушаш, што читаш?

Музика слушам ретко и по препорака, бидејќи по цел ден во студио ми треба одмор на ушите, ми треба тишина и звук на природа. Читам поезија од Руми која секогаш облагородува, а последна книга што ја читав беше „Умирам да бидам јас“ од Анита Мурџани.

Ги следиш ли светските музички текови, тоа што се смета за најмодерно, најсовремено?

Не ги следам воопшто светските музички текови и трендови на што е модерно, не сакам да правам музика со временски печат, туку музика која е безвременска. Музика која и по 50 и 100 години ќе звучи еднакво свежо и длабоко.

Кои ти биле најважните раскрсници во поглед на кариерниот пат во животот и дали сметаш дека секогаш си тргнувал во вистинскиот правец?

Сè додека се движиш напред, нема погрешен правец. Се трудам да го дадам секогаш најдоброто од себе во секој даден момент, и никогаш не жалам за ниедна моја одлука. Сум имал многу важни раскрсници во животот, во кариерата пресудни ми беа првиот концерт во „Карнеги хол“ и првиот долгометражен филм за кој правев музика, но имало навистина многу такви пресудни моменти. Битно е човек да оди напред, некогаш ќе паднеш, но тоа не треба да те обесхрабрува. Стануваш и продолжуваш понатаму.

За космополитски дух како твојот, за едно дете на светот, како што би те нарекол Гете пред два века, какво е значењето на зборот дом? И има ли место во животот за носталгијата по старите домови

Дом е нешто што го носам во себе, чувство кое кај мене секогаш постоело внатрешно, и секаде кај што живеам се чувствувам дома. Носталгија никогаш немам осетено. Отсекогаш сум се чувствувал баш како дете на светот, затоа и тргнав на тоа патешествие за да го искусам светот.

Како човек што решил по завршување медицина сепак да се врати и посвети на своето хоби, што би им препорачал на младите со уметнички потенцијал кој најчесто се гледа како финансиски неисплатлив за да се реализира?

Обично професија се бира за финансиска стабилност, а хоби ти е она што ти е вистинска страст. Идеално би било кога на секој човек хобито му е професија – така целиот свет би бил многу посреќно и поубаво место за живеење. Но, тоа се тешки и храбри одлуки кои човек може само сам да ги донесе. Ризикот кој доаѓа со изборот на хобито како професија е голем, но наградата ако тоа успешно се спроведе уште поголема.

Најголем ризик во животот правиш ако не преземеш ризик, туку одиш само по линија на помал отпор и сигурност.

Концертот во Скопје на Денот на Европа го посвети на мирот – на мир во Украина, во светот и во душата на секој човек. Ако сите луѓе имаат мир во душата, нема да има војни испрати многу кратка и јасна порака. Би дополнил ли нешто?

Мислам дека со ова е сè кажано, мирот почнува во срцето и душата на секој човек. Затоа духовниот развој е пресуден и дури поважен од интелектуалниот, бидејќи интелект без продуховеност нема услови за голем еволутивен развој, само во комбинација тоа има вредност и остава простор човек да расте.

Subscribe To our newsletter!