„Граѓанинот четири“, именуван по псевдонимот што Едвард Сноуден го користи за да стапи во контакт со документаристката Лаура Поитрас, е филм кој ги следи случувањата во 2013 година непосредно по разоткривањето на аферата на масовно следење на Агенцијата за национална сигурност. И пред овој филм, Поитрас посветува голем дел од својата кариера предизвикувајќи ја американската глобална и национална политика, а ќе се прочуе со „Мојата земја, мојата земја“, слика на животот во окупиран Ирак за која таа ќе ја добие и својата прва номинација за „Оскар“. Поитрас–Сноуден, значи, е интиутивна соработка, која беше наградена со „Оскар“ за најдобар документарец. Но, дали е и успешна?
Првата третина од овој двочасовен филм е составена од снимки на сведоштва пред судови од различен степен и за инстанци од различна магнитуда, па неопходно е да се има минимално познавање на темата за целосно да се разберат воведните секвенци. Филмот често „скока“ од еден на друг судски случај, а јазикот кој го користи е специфично американски правен жаргон. „Граѓанинот четири“ станува малку попристапен по средбата на Сноуден и Поитрас во хотел во Хонг Конг, речиси 30 минути по почетокот. Во овој момент се менува и општиот тон, па документарецот почнува повеќе да наликува на трилер од 70-тите. Паранојата, која често граничи со хистерија, е речиси опиплива, но не и претерана ако се земе предвид ситуацијата.
„Граѓанинот четири“ е елаборативна и квалитетна репортажа, фактографски доследна на проблематиката која ја истражува. Но, без аспирации да оди подалеку од истражувачки журнализам, емотивниот и кинематографски отисок е минимален. Од сите репрезентации на Сноуден кои излегоа овие скоро десет години, таа на Поитрас е единствената која остава впечаток дека тој сè ова го направил за да биде главен лик во тој (и други) документарци. А тегавата монтажа, развлечената нарација и премногу техничките објаснувања шират летаргија која веројатно ќе ја почувствува голем дел од публиката.
За воља на вистината, точно е и дека секоја приказна си има свое време и место, а редок е режисерот кој може да направи вистински безвременско дело од една точка во времето и просторот. Едноставно, во 2022 година проблемот на масовно следење е многу далеку од секојдневните главоболки. Големите прашања, особено тие чии последици се во сферата на теоријата и идеологијата, последниве години се чинат дури и претенциозни за анализирање. Можеби масовното следење и е напад врз човековата автономија, но дали сте ги виделе цените на зејтинот?
Севдалина Дамевска, Гледај.мк