blog Archives - Europe House

Дуке Бојаџиев: Сакам да правам безвременска музика

Разговараше: Наташа Атанасова

Зад нас се две пандемиски години, од кои првата беше стишување на културата, а втората раштимани обиди за враќање во „нормала“. И еве нè денес, со симнати рестрикции, желни повеќе од кога и да е за култура. Таа жед минатата недела во Скопје ни ја подугасна Дуке Бојаџиев, кој во Градскиот парк во Скопје, покрај езерцето направи одличен концерт на 8 мај, Денот на Европа. Потоа следуваше уште еден, помал, во „Станица 26“. Токму ова негово ново музичко доаѓање во Скопје беше поводот за ова интервју со нашиот композитор и пијанист.

Кога ќе погледнеш наназад, како влијаеше целата пандемија на твојата креативност?

Пандемијата беше тешка и тажна фаза за светот, за сите нас. На мојата креативност делуваше позитивно бидејќи светот застана и ми се отвори многу време и простор за креативна авторска работа, напишав многу нова музика, од која дел изведов на концертот на 8 мај.

Во овој период живееш меѓу Франција и Шпанија. Зад тебе се долги години живот во Америка. Со други зборови, пола живот го имаш поминато во Македонија, пола надвор. Во бројки ја има рамнотежата, но дали ја чувствуваш и во поглед на животното искуство?

До 19 години живеев во Југославија, откако се распадна осум години во независна Македонија, потоа дваесет години во Америка и еве речиси три години во Европа. Тоа е големо шаренило на искуства кои на уникатен начин го формираат карактерот на еден човек. Бројката колку години ќе живееш и каде е ирелевантна, но мислам за секој човек е важно да поживее макар и на кратко надвор од својата земја. Тоа многу значи за духовниот и за интелектуалниот развој.

Иако не си тука, изминатава деценија си постојано присутен преку бројни концерти и соработки со македонски музичари (Каролина Гочева, Бранислав Николов, Дина Јашари…). Како се одвиваат тие муабети, договарања и крајна реализација на делата на далечина?

Сите тие соработки на далечина со македонски музичари се случиле спонтано, во моменти кога сум бил во посета на Македонија, или пак кога тие дошле кај мене на гости. Но, секоја приказна е различна. Со Каролина се знам од дете, ја поканив на мојот втор концерт во „Карнеги хол“ како гостинка со „Зборови немам“, композиција која ја напишав за неа. Бранко го следев низ годиниве, многу ми беше инспиративен како вокал. Пред седум години се запознавме и пред три конечно ја направивме првата соработка. Со Дина беше ептен случајно. Минатата година бев на нејзин концерт, потоа се видовме и во една вечер се случи „Убав ден“.

Во едно интервју кажуваш дека си толку окупиран со тековни проекти што не наоѓаш време за средување на голем дел од твојата музика, а камо ли, на пример, да обработиш дел од музиката на татко ти. Но, секој уметник за да може да даде, мора прво и да прими, па од каде црпиш енергија и инспирација за работа? Што те полни?

Така беше до пандемијата, потоа ми се отвори многу повеќе слободно време. Со Каролина снимивме албум во кој обработив композиции од татко ми, но и од други автори од неговото време, кој ќе излезе кон крај на годината. Исто така, средив недовршени композиции и напишав многу нови.

Енергија и инспирација канализирам, буквално „даунлоадирам“, како отворен приемник, кој ја пушта универзалната енергија да помине низ него и во мојот случај ја преточува во музика. Таа енергија ја има цело време насекаде околу нас, но не секој е доволно отворен за да ја прими. Треба навистина да си отворен систем, без его и многу предрасуди – тие го кочат протокот на таа универзална енергија.

Каква музика сакаш да слушаш, што читаш?

Музика слушам ретко и по препорака, бидејќи по цел ден во студио ми треба одмор на ушите, ми треба тишина и звук на природа. Читам поезија од Руми која секогаш облагородува, а последна книга што ја читав беше „Умирам да бидам јас“ од Анита Мурџани.

Ги следиш ли светските музички текови, тоа што се смета за најмодерно, најсовремено?

Не ги следам воопшто светските музички текови и трендови на што е модерно, не сакам да правам музика со временски печат, туку музика која е безвременска. Музика која и по 50 и 100 години ќе звучи еднакво свежо и длабоко.

Кои ти биле најважните раскрсници во поглед на кариерниот пат во животот и дали сметаш дека секогаш си тргнувал во вистинскиот правец?

Сè додека се движиш напред, нема погрешен правец. Се трудам да го дадам секогаш најдоброто од себе во секој даден момент, и никогаш не жалам за ниедна моја одлука. Сум имал многу важни раскрсници во животот, во кариерата пресудни ми беа првиот концерт во „Карнеги хол“ и првиот долгометражен филм за кој правев музика, но имало навистина многу такви пресудни моменти. Битно е човек да оди напред, некогаш ќе паднеш, но тоа не треба да те обесхрабрува. Стануваш и продолжуваш понатаму.

За космополитски дух како твојот, за едно дете на светот, како што би те нарекол Гете пред два века, какво е значењето на зборот дом? И има ли место во животот за носталгијата по старите домови

Дом е нешто што го носам во себе, чувство кое кај мене секогаш постоело внатрешно, и секаде кај што живеам се чувствувам дома. Носталгија никогаш немам осетено. Отсекогаш сум се чувствувал баш како дете на светот, затоа и тргнав на тоа патешествие за да го искусам светот.

Како човек што решил по завршување медицина сепак да се врати и посвети на своето хоби, што би им препорачал на младите со уметнички потенцијал кој најчесто се гледа како финансиски неисплатлив за да се реализира?

Обично професија се бира за финансиска стабилност, а хоби ти е она што ти е вистинска страст. Идеално би било кога на секој човек хобито му е професија – така целиот свет би бил многу посреќно и поубаво место за живеење. Но, тоа се тешки и храбри одлуки кои човек може само сам да ги донесе. Ризикот кој доаѓа со изборот на хобито како професија е голем, но наградата ако тоа успешно се спроведе уште поголема.

Најголем ризик во животот правиш ако не преземеш ризик, туку одиш само по линија на помал отпор и сигурност.

Концертот во Скопје на Денот на Европа го посвети на мирот – на мир во Украина, во светот и во душата на секој човек. Ако сите луѓе имаат мир во душата, нема да има војни испрати многу кратка и јасна порака. Би дополнил ли нешто?

Мислам дека со ова е сè кажано, мирот почнува во срцето и душата на секој човек. Затоа духовниот развој е пресуден и дури поважен од интелектуалниот, бидејќи интелект без продуховеност нема услови за голем еволутивен развој, само во комбинација тоа има вредност и остава простор човек да расте.

Зоран Кардула: Врската меѓу графичкиот дизајн и поп-културата е нераскинлива

Разговараше: Наташа Атанасова

Со повеќе твои лични проекти изминативе години се трудеше да покажеш дека на просториве на коишто живееме има долга традиција на добар дизајн – во делот на архитектурата и на графичкиот дизајн. Како би ја опишал денешната ситуација со дизајнот кај нас?

Личните проекти кои навистина се многу, долго ги осмислувам, анализирам, но и брзо ги реализирам. Она што го работам е мој поглед на работите, а по реакциите и повратните информации ценам дека сум завршил добра работа. Потврда за ова ми е дека најчесто тоа се непрофитабилни проекти кои ги работам за своја душа, а сепак постојано добивам понуди за соработка во поголем дел од познати светски компании и брендови. Ние навистина имаме многу квалитетни дизајнери кои соработуваат со познати светски брендови што е доказ дека на овие простори вирее добар дизајн.

Од друга страна, во ова хаотично и брзо време често се случува да се бара дизајн од денес за утре и кусокот на време резултира со многу комерцијален и не толку креативен и квалитетен дизајн. Искрено, нема потреба од толку брзање, за сè има време ако се има добра соработка и организација.

Дизајнираш толку многу работи – за себе, за пријатели, за клиенти… Дали во секоја една работа, на кој било проект успеваш да се внесеш целосно, да внесеш во него парче од себе или, сепак, големиот обем на работа знае да си го земе својот данок и понекогаш да се почувствуваш како да „штанцаш“?

Работам многу, некогаш и премногу, но најважно е што во тоа уживам. Ја сакам мојата професија, па и кога не работам – работам. Истражувам, гледам дизајни на мои колеги, гледам што е актуелно итн. Секогаш се обидувам моите предлози кои ги нудам на клиентите да бидат најдоброто што во тој момент можам да го сработам. Комплетно се внесувам и до најмалата ситница. Моите клиенти секогаш добиваат многу предлози (колегите велат и премногу), но поради тоа не дозволувам многу клиентот да се меша во мојот дизајн. Сакам крајниот производ да биде сепак мој дизајн. Ова не поминува секогаш и се случува да резултира со губење финансии, но мене тоа не ми е пресудно.

И покрај мојата голема продуктивност никогаш не би прифатил нешто како штанцање, не би направил нешто ако не сум 100% сигурен дека тоа е најдоброто од мене во тој момент. Имам една успешна формула до која се држам во организација на времето за работа: тоа секогаш ми е поделено 50% во работа за клиент и 50% работа за мои лични проекти и ова формула ми функционира.

Како гледаш на односот меѓу графичкиот дизајн и поп-културата?

Во ова време на доминација на социјалните медиуми, поп-културата зазема значајна улога во целото наше живеење. Секогаш се тука и ставовите и различните толкувања за тоа дали поп-културата е добра или е лоша, но факт е дека е тука. Најзначајни категории од поп културата се филмот, забавата, музиката, видеоигрите, политиката и модата, а во сите тие области графичкиот дизајн игра значајна улога, така што врската меѓу нив е нераскинлива.

Последниве години професијата графички дизајнер стана особено привлечна за младите. Тоа е нормално, имајќи предвид дека огромен дел од нашите животи ги минуваме пред визуелни средства за комуникација. Како некој што предава на академија за графички дизајн, кои делови од твоето знаење и искуство најмногу се трудеше да им ги пренесеш на студентите? Што е тоа што не може да се најде на туторијали на Јутуб, на пример?

Веќе пет години предавам илустрација и Илустратор и гледам дека од година во година оваа професија е сè попривлечна и младите се гледаат како дел од неа. На студентите прво настојувам да им ја пренесам љубовта кон оваа професија, затоа што секој може да научи сè, но многу е важно тоа да го сака. Потоа, низ целиот процес на учење сакам на студентите да им го пренесам и моето искуство, а го има доволно – речиси 20 години во „Публицис“, една од најдобрите агенции кај нас, каде што имав среќа да работам со одлични колеги и каде што научив многу. Тоа искуство што се стекнува во агенција треба секој дизајнер да го помине. И, секако, настојувам да го извлечам најдоброто од студентите.

Туторијали има многу, но особено на почетокот на предавањата или барем додека не стигнат до некоја фаза кога добро го познаваат софтверот за дизајн, не им дозволувам да ги гледаат. Бидејќи кога не го познаваат добро софтверот знаат да им се направат фрустрации и да се нервираат, а нема потреба од тоа.

Исто така, одбив да предавам онлајн, зашто сметам дека тоа што го предавам треба да биде со физичко присуство. Сакам да гледам како работат, кога грешат, како грешат и сето тоа да го решиме заедно.

Периодов беше тешко сето ова да се изведе, но успеавме и навистина одлично поминаа предавањата и имавме многу успешни студенти. Да, тие учат од мене, но и јас од нив.

Со оглед на тоа што имаш можност за непосреден меѓугенерациски дијалог, какви се твоите впечатоци за младите денес – и во однос на посветеноста за правење квалитетни работи и во однос на желбата за менување на светот?

Генерално, убаво е кога се работи со млади, се чувствува таа младешка енергија. Младите се доста креативни. Многу ми се допаѓа што се свои и кога нешто не им се допаѓа тоа отворено го кажуваат. Сепак, им недостасува трпение, но со работа и искуство верувам дека ќе го стекнат. Младите се движечка сила и секогаш им треба малку ветер во грб за да го постигнат тоа што го сакаат и секако, да го движат светот кон подобро.

Активизмот ти тече низ вените подолго време. За сите подзаспани а освестени луѓе кои се демотивирани сметајќи дека „џабе се трудиш, тука ништо не можеш да смениш“, можеш ли да споделиш едно твое активистичко залагање кое го сметаш за најуспешно, со кое знаеш дека навистина си сменил нешто на подобро?

И јас, и моето цело семејство сме активисти. Не би бил доколку мислам дека нема да се променат нештата. Во што и да сум учествувал како активист не било за џабе, а искрено сум горд на тоа.

Најдраг ми е успехот или, подобро кажано, поместувањето на границите во свесноста и прифаќањето на лицата со аутизам, односно генерално на лицата со атипичен развој. Таков проект ми беше „Гуш и бац“, кој беше посветен на мојата ќерка со аутизам. Проектот се состоеше од илустрирани зборови на Ерато. Во него учествуваа 33 уметници и дизајнери кои илустрираа по еден до два зборови на јазикот на Ерато – таа си користи свој јазик, кој е за сите освен за неа и за нас, нејзините блиски, е чуден јазик. Проектот несомнено ја подигна свеста за постоењето и прифаќањето на аутизмот, а беше и од хуманитарен карактер и средствата кои беа собрани послужија за неколкумесечни стручни третмани на осум дечиња со аутизам. Овој е само еден од проектите во кој сум учествувал, а ги има многу кога станува збор за правата на сите маргинализирани групи и верувам дека имало позитивно влијание во прифаќањето на различностите по било кој основ. Работите се поместени, но секако треба уште многу работа.

Периодов беше особено актуелен со дизајнот на часовникот на Своч по повод 30 години независност на Северна Македонија. Дали идејата во него да го споиш јубилејот со ликот на Дениција, со сета тежина и метафоричност што ја носат стиховите „Кога ја љубев Дениција како да учествував во создавањето на првата Македонска Држава“ беше целосно твоја? И, да, како колекционер на многу работи, имаш ли ти еден од тие триесет часовници?

Идејата за часовникот Своч по повод 30 години независност е проект на „Божиновски“. Мене ми се обратија да бидам првиот дизајнер од кај нас кој ќе го изработи дизајнот. Имав комплетна слобода околу дизајнот и се одлучив за нешто препознатливо за мене, а тоа се жените кои ги цртам и илустрирам. Сакав тоа да преставува силна и борбена жена со бои кои дискретно асоцираат на нашите национални бои. Името Дениција дојде спонтано низ разговор со Игор и така проектот доби една целина. Јас сè уште не сум сопственик на оваа лимитирана серија, но договорено е со Своч да добијам еден, зашто нели, вообичаено е дизајнерот да добие свој примерок од она што го работи.

„Денес изгледаш убаво!“, насловот на последната твоја изложба во новиот „Ист гејт мол“, е порака што луѓето сакаат да стигне до нив. Понекогаш таа не треба ни да се изговори, доволно е очите да ја кажат кога ќе те погледнат. Имаме ли како луѓе лице да ги погледнеме сите луѓе во очи?

Преубав проект. Уште во моментот кога ја дискутиравме идејата знаев дека ќе бидам дел од него. Навистина нема ништо поубаво од насмеани очи. Мојата ќерка Ерато е дел од проектот. Таа е слабо вербална, но нејзините насмеани очи секогаш ме прават среќен и тогаш како ништо друго да не е важно. Одлична изложба со многу убави пораки од учесниците, поставена на фреквентно место и се надевам дека пораката ќе стигне до многу луѓе кои ја виделе. Со заеднички сили, отворени умови и срца да ја пренесеме пораката за прифаќање и почитување. Што би рекла Ерато на нејзиниот јазик: „кајн пм’п“ – граници не постојат!

Насловна фотографија: Антонио Станков

Ајде да зборуваме за социјалната нееднаквост во борбата против брзата мода

Самата природа на брзата мода значи дека намалувањето на отпадот, плаќањето фер плата на работниците и гаранцијата дека во процесот не се уништува планетата се речиси невозможни подвизи. Тоа е бизнис модел изграден на брзина, а не на етички практики. Но, ако брзата мода не може да биде добра, тогаш се поставува прашањето: Дали ни треба воопшто? Дали е одговорност на компаниите да прават облека на фер начин или наша одговорност е да купуваме помалку?

Сакам да зборувам за модата, обожавам да зборувам за одржливоста. Сум пишувала многупати дека одржливите навики го опфаќаат нашето целокупно живеење, а не само нашите модни избори. Но, не можам и не сакам да бидам слепа пред фактот дека живееме во капиталистичко општество водено од консумеризам, општество во кое социјалните разлики на населението растат од ден во ден, а јазот во примањата се зголемува експоненцијално.

Сакам да бидам реална – нашата облека и каде ја купуваме – тоа отсекогаш било класно прашање. Облеката е симбол на богатство и статус и сè почесто прашањето на модните избори се меша со идеологијата. Кога ќе се пофали некој колку многу парчиња од брендови за брза мода купил за малку пари, всушност вели: „Имам други приоритети освен да трошам повеќе за одржливо изработени парчиња што би ми биле инвестиција“. Кога носиме етички и одржливо произведена облека како да носиме и етикета: „Се гордеам со мојата принципиелност и сакам луѓето да го знаат тоа“. Јазот се продлабочува, а решението се чини бега сè подалеку на хоризонтот.

Мода и сиромаштија

Брзата мода е непрекинато растечко присуство во земјите од првиот свет од 90-тите. На прв поглед, потрошувачите купуваат евтини и модерни облеки за мал дел од цената на врвните брендови. Но, под површината, сиромашните работници во земјите во развој се еден вид модерни робови кои работат во нестандардни и честопати опасни услови, за минимална плата. Овие синџири на снабдување покажуваат директна врска помеѓу брзата мода и сиромаштијата.

Многу компании за брза мода, како што се Forever 21 и H&M, добиваат нови пратки облека секој ден, додека Topshop нуди 400 стилови неделно. Овие брендови се способни да произведуваат облека со голема брзина, бидејќи тие не се во интеракција со производството, туку прават аутсорсинг на фирми во земјите во развој. Овие фирми потоа го склучуваат производството со поддоговори на нерегистрирани добавувачи кои работат без никакви владини регулативи. Ова значи дека брендовите не се законски обврзани да обезбедат безбедни работни услови. Овој процес ги искористува оние кои веќе се на дното на сиромаштија и токму поради тоа повеќе луѓе треба да бидат свесни за процесите зад нивните евтини парчиња облека од брзата мода.

За да ја илустрирам дополнително нееднаквата распределба на заработката во синџирот на брзата мода, главниот извршен директор на една голема модна компанија за само четири дена заработува исто онолку пари колку што една текстилна работничка во Бангладеш ќе заработи во целиот нејзин работен век.

Различни стартни позиции

На другиот крај на палетата е етичката мода, која се чини станува „помодерна“, а нејзините цени стануваат повисоки. Веќе зборував за тоа дали одржливата мода е навистина поскапа од брзата (и иако стојам зад тој текст, чувствувам дека е потребно да се прошири разговорот на таа тема. Етички произведената облека трае подолго, но ова е бескорисен аргумент за повеќето од нас кои не можат да си дозволат пар панталони од 100 евра (околу 6.000 денари).

Лесно е да се префрлите на поскапи, а поетички брендови кога разликата помеѓу кошула од 2.000 и 3.000 денари навистина не ви значи многу. Што се случува со оние кои, и покрај нивните напори да бидат повеќе еколошки свесни, едноставно не можат да си ги дозволат повеќето стилски етички брендови кои постојат како алтернативи на брзата мода? Повеќето луѓе од работничката класа кои купуваат од брендови за брза мода секако веќе ја носат таа облека долги години. Зарем тоа не е доволно?

Работниците во фабриките на брендовите за брза мода ја прават облеката по толку евтини цени бидејќи немаат алтернатива. Тие се од посиромашна демографија во споредба со привилегираниот свет и им требаат пари. Како активист за етичка мода, ги прозивам големите брендови барајќи одговор на прашањето #којјаправимојатаоблека? со намера да побарам транспарентност од нив за условите во кои работат овие работници. Но, што ако, кога купувам брза мода, го правам тоа затоа што тоа е она што можам да си го дозволам? Ако повеќето луѓе од работничката класа дознаат кој недоволно платен работник во некој регион во развој ја направил нивната облека, практичното прашање овде е: Кога и самите се едвај добро платени, што навистина можат да направат за да помогнат?

Целата премиса на брзата мода е да можете брзо да купите облека, да изгледате добро и да стекнете самодоверба додека трошите што е можно помалку. Сепак, секогаш кога разговараме за брзата мода, зборуваме за трендови и инфлуенсери и никогаш не го спомнуваме фактот дека најголемата причина зошто луѓето сè уште купуваат брза мода е врзана за големината на нивните џебови. Разговараме за економскиот диспаритет и за тоа колку луѓе ширум светот заработуваат под минималната плата. Сепак, не можеме да видиме дека патот од таму до купувањето евтина брза мода е прилично прав и непопречен.

Етичката дилема на одржливоста

Во одржливата модна заедница владее консензус дека добро, етички, одржливо, еколошки изработената облека е подобра. Па, зошто некој не би ја сакал? Дали помислуваме дека можеби причината е затоа што не можат да си ја дозволат? Дали станува форма на современ класизам? Ова е лесна замка во која паѓаат добронамерните луѓе. Треба да бидеме свесни дека за некои луѓе, сè што можат да си дозволат е брза мода и тоа е пропратен ефект од циклусот на сиромаштија и ниски приходи во светот денеска. Да погледнеме подалеку од онлајн активизмот и хаштазите на Instagram, и да согледаме дека постојат и други причини во реалниот свет поради кои луѓето можеби ќе сакаат да купат брза мода, освен следењето на модните трендови. Да го осознаеме фактот дека многу луѓе сè уште купуваат брза мода бидејќи не можат да си дозволат побавна мода. Да осознаеме дека не секој е финансиски способен да направи подобар избор. Сме зборувале за предностите на купувањето облека од втора рака како одржлива алтернатива, но не треба да забораваме дека во тие продавници ќе најдеме два типа на клиенти: луѓе кои можат да си дозволат нова облека и луѓе кои немаат избор. Првите или од сентиментални или еколошки причини купуваат од втора рака по избор, а вторите, токму затоа што немаат избор.

Ова ги изостава работниците од средната класа кои имаат избор, но се вртат кон брзата мода за да бидат стилски облечени, а сепак да поминат евтино. За овие луѓе за кои верувам дека го сочинуваат мнозинството купувачи на брза мода, ни требаат нови начини да ја пренесеме пораката. Можеби треба да ги охрабруваме луѓето да купуваат само работи што навистина ги сакаат и бидејќи знаат дека ќе ги носат многу, а не само бидејќи се евтини и достапни. Можеби треба повеќе да се фокусираме на важноста на рециклирањето на облеката и текстилот, како и разменување или донирање на веќе носената облека во добротворни цели.

Ова е важно, за да не продолжиме да ги игнорираме „мртвите агли“ во општеството во кое живееме и да бидеме поодговорни како членови на заедницата. Тоа често ќе значи соочување со фактот дека во некои (или повеќе) аспекти сме привилегирани, а колку е поголема привилегијата, толку се побројни тие „мртви агли“. Ако не ги разбираме целосно причините за купувањето брза мода, како можеме да се надеваме дека ќе им го покажеме подобриот пат на поголем број луѓе? За почеток, сметам дека треба да продолжиме да прашуваме #којјаправимојатаоблека? без разлика дали станува збор за парче од 200, 2.000 или 20.000 денари, бидејќи верувам дека поголемата транспарентност ќе помогне да се намали јазот и да се доближат стартните позиции.

Автор: Александра Спасеска

Илустрација: Моника Стојановска

Разбиваме митови: Најчести заблуди за купувањето облека од втора рака

Одржливата мода не е ограничена само на купување облека од еколошки свесни брендови, туку голем дел од целата философија подразбира учење како да го продолжите животот на парчињата облека кои веќе ги поседувате и да придонесете кон намалување на прекумерното производство на нова облека што никој нема да ја облече. 73% од произведената облека во моментов патува кон депонија или ќе биде спалена, а 95% од таа облека може да биде реуптребена или рециклирана. Што може да направиме за да се смени ова?

Сосема е природно да сакате да се подновите или да внесете нешто ново и возбудливо во вашата гардероба. Тоа не мора да значи поход кон продавниците за нова облека каде најчесто ќе најдете брендови за брза мода. Разменувањето облека, купувањето облека од втора рака (second-hand) и поправањето на облеката што веќе ја имаме се основните начини да си ја исполните желбата за нешто ново, без да „предизвикате“ повеќе отпад. Процесот на барање низ вашиот плакар за да одлучите што сакате да размените исто така помага да се направи увид во работите што ги сакате да ги чувате и носите.

Купувањето од втора рака ја пренасочува облеката да не заврши на депонија и ја намалува потребата за нова облека – со купувањето на едно веќе сакано (носено) парче облека се намалува неговиот јаглероден, отпаден и воден отпечаток за 82%!

Промените не се секогаш лесни за прифаќање и многу е веројатно дека модните ентузијасти меѓу вас верувале дека да се изгледа стилски значи да се биде тренди – да се купуваат нови парчиња облека со секој нов тренд. Повеќето од вас можеби и никогаш не купиле нешто од втора рака, ниту пак биле во некаква second hand продавница. Но, никогаш не е доцна да се усвојат нови добри навики, па со оглед на тоа дека септември е месецот на (кревање свесност за) облека од втора рака, придружете ми се во разбивањето на најчестите митови за купувањето облека од втора рака. Да се биде еколошки свесен и да се поддржува одржливата мода пред сѐ значи да се биде едуциран и информиран, па внимателно прибирајте ги информациите.

Станува збор за нашите потрошувачки навики и раскинување на кругот на импулсивно купување на парче веднаш штом пристигне новата колекција во продавниците на брендовите за брза мода (а прават по 52 колекции годишно!) Откако ќе го сфатите влијанието што го имате, откако ќе сфатите како некако сте престанале да ја цените убавата, добро изработена облека што била веќе сакана (pre-loved), била поправена или подарена, промената можеби нема да биде најлесна, но ќе биде добра – и за вас, и за планетата Земја.

МИТ#1 Нема да најдам ништо добро во продавница за облека од втора рака

Купувањето од втора рака е уметност сама за себе и целосно разбирам дека на прв поглед може да ви се чини  како ништо да не е „добро“. Реалноста е дека повеќето продавници од втора рака не изгледаат како бутиците и продавниците на веќе познатите големи синџири за брза мода. Додека некои продавници за облека од втора рака може да изгледаат како магацини, има продавници и платформи каде внимателно се избираат парчињата по разни категории и посебно се изложуваат парчиња што се винтиџ или со исклучително добар квалитет. Надминете ги предрасудите и нурнете се во нешто ново! Се сеќавам кога првпат сум однела некого во продавница за облека од втора рака и најчесто ми кажувале: „Па ти ги наоѓаш веднаш убавите парчиња!“. Прашање е само кога ќе го изострите окото и ќе почнете да ги откривате скриените богатства. Треба само да „набилдате“ истрајност да ги најдете парчињата што ќе одговараат на вашиот стил.

 

МИТ #2 – Купувањето од втора рака е комплицирано

Купувањето од втора рака не е толку тешко и комплицирано како што можеби изгледа. Откако ќе ја сфатите идејата и ќе направите јасен план, всушност е прилично лесно. Првото нешто што треба да направите е да пронајдете неколку добри места и да се држите до нив некое време. Познавањето на видовите парчиња и квалитетот на облеката што ја добиваат продавниците е добар показател дека сте почнале да го откривате вашиот талент за купување од втора рака.

Друг совет е да се ослободите од фрустрацијата кога не наоѓате нешто: пазарењето од втора рака е уметност, а наоѓањето парче е вистинска награда. Толку сме навикнати постојано да купуваме, потоа премногу се фрустрираме кога заминуваме со празни раце. Реалноста е: подобро е внимателно да ја избираме нашата гардероба, отколку да се задоволиме со „можеби“ парчиња.

 

МИТ #3 – Нема да најдам интересни парчиња

Продавниците за винтиџ и облека од втора рака се веројатно најдобрите места за да најдете навистина уникатни парчиња. Парчиња од друга ера, од друга земја, од друга приказна, кои ќе дојдат и ќе додадат малку je ne sais quoi во вашата сегашна гардероба. Овие уникатни парчиња не само што ќе додадат „зачин“ во вашата гардероба, туку може да најдете и ретки парчиња што тешко се наоѓаат, а кои нивните претходни сопственици едноставно повеќе не ги носат. Тоа е веројатно една од најголемите награди при купување од втора рака: пронаоѓање на уникатно парче што ќе се истакне во нашата гардероба и поради кое ќе чувствуваме гордост што сме откриле такво богатство.

МИТ #4 – Нехигиенски е да се купува од втора рака

Некои луѓе не ја сакаат идејата за купување од втора рака, само затоа што облеката претходно била нечија. Реалноста е дека кога купувате нова облека, парчињата доаѓаат од производствените единици, а потоа поминуваат низ многу раце пред да стигнат до нас. Кога купувате од втора рака, облеката не само што била испрана, туку најчесто поминува и низ процес на дезинфекција. Освен ако не мислите дека јадеме во нови, штотуку отпакувани чинии секојпат кога одиме во ресторан, купувањето од втора рака не е понехигиенско од сите други активности кои редовно ги правиме.

 

МИТ #5 – Тешко е да ја направиш гардеробата навистина твоја

Купувањето облека што била претходно нечија не значи дека купувате гардероба на други луѓе. Всушност, ви помага подобро да го дефинирате вашиот вкус и да го направите секое парче ваше. Веќе саканата облека раскажува приказни, а давањето уште една шанса и втор живот само ќе ја направат нивната приказна уште поуникатна.

Вклучувајќи ги во вашата гардероба, им нудите на вашите second-hand парчиња нова средина, нова шанса да бидат во хармонија со вашиот стил и сегашните парчиња. Ќе научите да ја совладате уметноста на комбинирање старо и ново, винтиџ и модерно. Ќе научите да ја прифатите уникатната, персонализирана гардероба.

 

МИТ #7 – Можеби ќе заштедам, но нема да изгледам стилски

Уште не сум запзнала некој што ја совладал уметноста на купување од втора рака и не изгледал стилски. Има нешто во винтиџ парчињата што ќе привлече внимание и ќе ги натера луѓето да прашаат „Каде го најде тоа?“, на што со гордост ќе можете да одговорите „Винтиџ е“. Така, го добивате најдоброто од двата света: и стил, и заштеда!

 

МИТ #8 – Купувањето од втора рака е за оние кои не можат да си дозволат нова облека

Ова е можеби најчестиот мит што го слушам кај нас – впечатокот дека да се купува од втора рака значи дека лицето не може да се дозволи да купува нова облека. Покрај фактот дека се заштедува финансиски да купуваме од втора рака, тука би сакала да ја парафразирам коосновачката на Fashion Revlution, Орсола де Кастро, дека „кога купуваме од втора рака, не значи дека не можеме да си дозволиме (финансиски) да купиме нова, туку дека не можеме да си дозволиме (еко-свесно) да ја фрламе таа што веќе постои.

 

Автор: Александра Спасеска (https://www.instagram.com/aleksandrina_vezilka/)

Илустрација: Моника Стојановска (https://www.instagram.com/_moooki/)

Иднината почнува сега: Што знам за одржливата мода?

Ја сакам модата, затоа и се грижам за секој нејзин аспект во мојот живот. Ако стигнавте до овој прилог, сигурно и вие ја сакате модата и сакате да научите како таа да продолжи да биде сѐ она што претставува за вас – индивидуалност, убавина, креативност без грижа на совест.

Се надевам дека не само што ќе се информираме за проблематичниот статус што модната индустрија го има моментално, туку исто така ќе ви понудам начини за збогатување на знаењето што е потребно за да процените дали една модна компанија или бренд навистина работи одржливо и етички.

Веројатно некогаш досега сте го слушнале или користеле терминот одржлива мода, но што значи тоа? Одржливата мода се однесува на облека што е дизајнирана, произведена, дистрибуирана и користена на начини што се еколошки.

Етичката мода, сроден поим, кој е исто така распространет во светот на освестените потрошувачи, се однесува на облеката направена на начини што ги ценат и вреднуваат социјалната заштита и работничките права. (Забелешка: За веганите, етичката мода може да се однесува и на избегнување кожа, влакна и други животински материјали во облеката.)

Бидејќи екологијата оди рака под рака со социјално правичните практики, сепак, етичката и одржливата мода се сложено поврзани.

Ако сте слушнале за одржлива и етичка мода, тогаш сигурно знаете и за движењето Fashion Revolution, во кое учествуваат повеќе од 80 земји од целиот свет, меѓу кои и нашата. Јас сум дел од македонскиот тим на Fashion Revolution кој се приклучува кон движењето што верува во модна индустрија што ги вреднува подеднакво луѓето, околината, креативноста и профитот. Модната револуција почна, придружете ѝ се!

Се менува пејзажот на модниот свет

Непопустливата желба за економски раст во модната индустрија е огромен фактор. Капитализмот го одржува моторот „во живот“. Од гледна точка на производството, модната индустрија им дава работа на многу луѓе ширум светот (квалитетот на работното место е она што е дискутабилно). На потрошувачите, пак, им се продава мотото „купувај, си заслужи“. И ние купуваме, ли купуваме.

На глобално ниво, купуваме 80 милијарди парчиња облека секоја година (400% повеќе од пред две децении). Ова е делумно пропорционално со експлозијата на растот на населението (повеќе луѓе =

повеќе облека). Но, тоа во голема мера се должи и на прекумерната потрошувачка и неодржливите навики за купување култивирани со брзата мода. Луѓето низ целиот свет се стремат кон нивоа на потрошувачка на развиените земји. Во просек, купувачите купуваат 60% повеќе облека секоја година, што трае само половина отколку што траеше пред 15 години. И овој бизнис модел за раст оперира без оглед на социјалните и еколошките импликации.

Проблемот со брзата мода е што стигнавме до таа точка кога едно тренди кафе чини повеќе од маичка купена од бренд за брза мода. А тоа е голем проблем. Брзата мода во суштина ги претвори четирите сезони во 52, по една за секоја недела од годината. И тие се толку евтино направени, што не треба да ве изненади ако ви се појави дупче на парчето облека по само едно перење.

Иако намалувањето на потрошувачката апсолутно е едно од солидните решенија, менувањето на шопинг навиките не се доволни за да се елиминира негламурозната мрачна страна на модата, која се крие под целиот сатен и светки. Потребно е да развиеме подлабока свест за одржливоста, а најдобар начин за тоа е да се едуцираме.

Одржливоста како начин на живот

Одржливото живеење е практика на намалување на побарувачката за природни ресурси со тоа што ќе го замените она што го користите најдобро што можете. Понекогаш тоа може да значи да не изберете да консумирате производ што е направен со практики што не промовираат одржливост, а понекогаш значи да промените како ги правите работите за да започнете да станувате повеќе активен дел од циклусот на живот.

Сите знаеме дека климатските промени, глобалното затоплување, осиромашувањето на озонската обвивка и намалувањето на ресурсите се вистински и нивното влијание врз животот на луѓето и животните може да биде поразително. Тоа е можност за луѓето да усвојат активности за одржливо живеење што може да им помогне да го намалат влијанието врз животната средина со промена на нивниот животен стил. Одржливо живеење значи да разбереме како нашите избори влијаат на светот околу нас и да придонесеме кон наоѓање начини сите да живеат подобро и полесно.

Зошто е важно да се биде дел од промената?

Повеќето луѓе не стануваат наутро со намера да ѝ наштетат на животната средина – ниту да ѝ помогнат. Луѓето стануваат и си го живеат животот, ги задоволуваат нивните потреби и аспирации. Количината на работи што луѓето ги поседуваат (голем дел од тоа отпаѓа на облека) се зголеми во некои делови од светот, додека во други области многумина се мачат да ги задоволат основните потреби. Нашата иднина сега зависи од нашето однесување и како ќе избереме да живееме, работиме и играме како глобални потрошувачи – како ги менаџираме нашите домови, каква храна јадеме, како се дружиме, како се релаксираме, што купуваме и како се грижиме за нашата планета.

Луѓето не го менуваат однесувањето врз основа на она што треба да го направат. Не реагираат на податоци и статистички факти, ниту на негативни идни сценарија. Луѓето дејствуваат за да ги задоволат своите потреби и аспирации. Носат одлуки засновани врз цената, пристапноста, ефективноста и дополнителните критериуми како благосостојба или трендови. Одржливоста често не е одлучувачки критериум. Дури и луѓето кои сакаат да живеат поодржливо често немаат информации и пристап до достапни и пожелни производи и услуги. Но, не смееме да заборавиме дека за да се постигне одржливост подобро е милиони луѓе да го прават тоа несовршено, отколку далеку помал број да го прават тоа 100% совршено.

Од суштинско значење е да придонесуваме кон модна индустрија која функционира на одржлив начин. Нема едно решение за сите проблеми во модната индустрија. Како индустрија и култура, која се протега низ целиот свет, ќе треба да гледаме на намалувањето на потрошувачката како на првиот чекор кон одржливост. А за тоа, повеќе во следниот прилог.

Автор: Александра Спасеска

Илустрации: Моника Стојановска

Subscribe To our newsletter!