Ana Jovkovska Archives - Europe House

Ана Јовковска: Најопасни се луѓето со ампутиран дух

Разговараше: Наташа Атанасова

Новинарка, писателка, културолог и комуниколог – Ана Јовковска е жена којашто веројатно сите ја знаат. Затоа, тоа што го прави, борбите што ги води и пораките што ги испраќа во своето пишување стигнуваат до многу луѓе и ако е претерано да се каже дека менуваат животи, тогаш сигурно е точно дека допираат до луѓето.

Читајќи ги меѓу корици текстовите од најновата книга на Ана, „Емотивен талог“, имав чувство како да читам мој дневник за периодот на пандемијата. Дијалогот со нејзината книга нужно водеше кон дијалог со себеси, но роди и потреба за овој разговор со неа.

Како си периодов, Ана? Под „периодов“ мислам на постпандемисково време, на твојот почеток на нова работна позиција во научно-истражувачките води, со нова книга зад тебе…?

Периодов во една точка ми се слеаја три големи работи: раатот што го донесе светлото од крајот на пандемискиот тунел (подобро да зборуваме за крајот на пандемијата, отколку за крајот на историјата на Фукујама J), публикувањето на мојата нова книга „Емотивен талог“, петта по ред, и новата работна позиција како научна истражувачка во Институтот за македонска литература под капата на УКИМ.

Позицијата ми е нова од формален аспект, бидејќи научно-истражувачките води во кои досега сум пливала биле послободни, а тоа значи и побрановити. „Слободните уметници“, фриленсерите и сите, ние, кои сме имале можност да работиме истражувачка работа како консултанти на разни проекти и со различни институции и организации, сме ја имале привилегијата нашата експертиза да ја делиме и надградуваме во креативни услови и постојано со нови и различни експерти (домашни и меѓународни) и професионални колективи, што значи со една дури и шашава динамика на постојано учење. Истото ме привлече најмногу за работата во Институтот за македонска литература и ако по некое време целосно ми се потврдат очекувањата за бујното академско јадро во Институтот, за слободниот дух на колегите/професор(к)ите, необременет од ригидност и суета, тогаш верувам дека сум се нашла во една слободна и продуктивна научна средина во која ќе можам да растам.

По дваесет години работа, од кои најголем дел на уреднички и продуцентски позиции, влегувањето во колектив со хиерархија можеше да биде проблематичен предизвик за мене, но верувам дека сум опкружена со луѓе кои имаат визија да мотивираат и да ја канализираат нашата професионална снага во правец од кој можат „чуда да излезат“. Особено интересен пункт на Институтот се Културолошките студии, коишто секаде во светот се еден од најпрогресивните научни формати. Од следнава есен се очекува новата генерација на студенти – постдипломци и докторанди, љубопитни за современите културни динамики кај нас и во светот, желни за промислување на нови културни политики. И моите докторски студии се адресирани токму на овие Културолошки студии. Интелектуалниот габарит, научниот интегритет, капацитетот за инспиративност и човечноста не секогаш одат рака под рака, па среќна сум што кај мојата менторка проф. д-р Ана Мартиноска го има сето тоа на куп.

Со други зборови, како сум периодов – просветлено :).

„Емотивен талог“, со поднаслов „Приказни од женската кујна“ успеа да ја издадеш пред почетокот на Саемот на книгата. Саемот беше можност за средби со поранешни и идни читатели, па, како си задоволна од тоа што го виде таму, од интересот за твојата нова книга?

Две различни работи се како го доживеав Саемот на книгата во целина, а какво ми беше доживувањето во однос на мојата нова книга. И читателите, и авторите заслужуваат достоинствен храм на книгите и спортска сала не е решение. А во однос на мојата книга – многу се радувам што „Емотовен талог“ беше една од најпродаваните книги на саемот. Сепак, бројките не ме заслепуваат. Поважна ми е искрената рецепција од читателите и нивната емотивна идентификација со делото. Најважно и најубаво ми е кога луѓето ми пишуваат дека приказните им направиле емоционален ролеркостер од солзи и насмевки.

Наградите, без разлика дали доаѓаат во бројки или во позитивни критики, умеат да го заслепат авторското его. Си ветив себеси дека ќе продолжам вредно да работам кога ја добив третата награда за најуспешен домашен автор за мојата претходна книга „Сакам, значи постојам“ во 2020 година од Македонската асоцијација на издавачи. Тоа ме задолжи следните две години да пишувам со секојдневно темпо. Креативното пишување е малку талент и многу работа.

Женско-машките односи, родителството, воспитувањето на децата и нивните психолошки аспекти се теми што се повторуваат во „Емотивен талог“. Како општество, колку се грижиме за тоа какви деца ќе израснеме? 

Проблематични се колективниве замки и генерализации за тоа како „како општество нешто правиме“, но ако мојот глас допре барем до некој што треба, тогаш вреди да сум гласна дека односот кон децата и колективната грижа за нивниот социо-емоционален развој ни е на незавидно ниво, почнувајќи од градинките, па низ целиот формален образовен систем.

Недостасува и квалитетна детска продукција, со вредносни ориентири и едукација, без разлика дали станува збор за детската книжевна или, пак, за анимираната продукција. Нашите деца растат со странски цртани филмови на јазици што не ги разбираат. И тоа не би било толку страшно, ако не е единствената можна понуда – со ретки исклучоци, се разбира. Тоа ми беше и главниот мотив зошто се нафатив да пишувам за деца, иако никогаш не ми била прва пишувачка определба. Кога „Едиција Светулка“ ми понудија да напишам приказна што ќе ја илустрира Иванка Ниба, се согласив кога помислив колку ми фали добра литература за читање на моето дете. „До небото и назад“ е само една од 15-те илустрирани книги на оваа едиција низ која се праќаат топли и ангажирани пораки до детските мозочиња за важните теми како љубовта, пријателството, грижата за природата и животните, булингот, емпатијата и други. Минатава недела направивме и заедничка промоција на сите автор(к)и на оваа убава едиција под мотото „Читај, мисли, сонувај“ во Градскиот парк каде низ игра децата се дружеа со книгите.

Од минатиот септември, кога ја промовиравме „До небото и назад“, сликовницата има одличен прием кај дечињата, некои градинки и училишта ја читале и обработувале приказната на нивните часови, што ми е особено драго. На некои од нивните покани за детски креативни работилници успеавме да одговориме со мое присуство или со средба со илустраторката. Неодамна добив понуда за нова книгичка за деца која би требало да ја напишам до крајот на есенва, а да излезе следната пролет.

„Момчињата ги учат да бидат храбри, додека девојчињата ги учат да бидат совршени“, ја цитираш Решма Саџани, чиј ТЕД-говор на истата тема го обожавам. Ако храброста е подготвеност за обид, а совршенството е речиси недостижно, како да се избориме сите ние, и мажи и жени, да ги имаме истите предиспозиции за борба во општеството, која, сепак ја водиме во еден ринг?

Неодамна го гледав францускиот филм „Јас не сум лесен човек“, чија прва сцена започнува во градинка со деца од претшколска возраст, каде јасно се гледа како се поделени нивните улоги во претставата што ја подготвуваат. Од една страна се малите девојчиња, дотерани и нашминкани, во обид да бидат беспрекорно убави, педантни и сериозни, а од друга страна се момчињата кои се слободни, неоптоварени и насмеани. Девојчињата се маскирани претежно во принцези, додека момчињата можат да бидат што и да посакаат.

Ако ја погледнеме детската книжевна продукција, ќе забележиме дека во овој тип на литература доминираат бајките во кои девојките се принцези или се во потрага по совршениот принц, како симбол за идеалниот љубовник, додека мажите се суперхерои – Супермен, Бетмен, Спајдермен и слично – моќни, силни и недопирливи, подготвени да се жртвуваат да го спасат човештвото. Неретко, бајката е родовата матрица за репрезентација на жената и во современиот игран и анимиран филм. Можеме многу да зборуваме на темава… Мојата следна книга, која треба да се публикува во 2023 година, е токму за репрезентацијата на жената во популарната култура.

„Култот кон младоста е опасен тригер за женското ментално здравје“ е уште еден цитат од книгата што многу често при муабети со блиски жени ми титка некаде одзади, додека слушам за ботокси, серуми, хијалурони… Имаш ли впечаток дека желбата за вечна младост некако прерано го набрчкува духот?

Да, култот кон младоста е штетен лаксатив за духот J Женското тело е политичко! Нашиот однос кон телото се формира во рамки на доминантната култура што ја живееме, па оттука преголемата изложеност на совршени млади женски тела од медиумите, рекламната индустрија, социјалните мрежи и слично е причината за искривената перцепција кон процесот на стареење. Ботокс-револуцијата нема да нè спаси од прерано пензионираните млади луѓе, зачмаени во својот конформизам, или уште помалку од ампутираниот дух, нешто најопасно!

Како долгогодишна новинарка, како човек постојано присутен во јавноста, каков е твојот однос кон електронските медиуми и кон дигиталните средства за информирање? Успеваш ли и тука, во ера на лажни вести и дезинформации, да го задржиш оптимистичкиот став дека работите можат да тргнат во добар правец?

Оптимистот во мене не го давам за ништо на светот, ама тоа не значи дека го зауздувам критичарот во мене. Ќе потсетам на она што го велеше Пол Вирилио: „Да не го измислеа бродот, немаше да постои ни бродоломот“. Така е и со технологијата, важна е личната мерка во користењето на социјалните мрежи и односот на доверба што го градиме кон нив.

Имено, во ова технолошки софистицирано, а емотивно деградирано време неопходна ни е медиумска писменост. Таа мора да е дел и од формалното образование! За жал, кубуриме и со соодветни професионални кадри и предавачи за оваа област. Голем дел од колегите, новинари и медиумски работници, иако имаат практично искуство не се теоретски подготвени за една толку важна област од комуникологијата.

Комуникациите и медиумската култура се цела наука и страшна е храброста и претенциозноста на оние кои се нафаќаат да ја работат без соодветно академско образование и  професионално искуство, односно и практично искуство од терен. Некои истражувачки проекти, што ги работев на претходните мои постдипломски студии по комуникации, пред повеќе од десет години, уште тогаш го адресираа проблемот на медиумската писменост, особено видлив сега со напливот на новите медиуми и виртуелната култура која цвета и венее на социјалните мрежи.

 

Има уште многу теми што ги отвораш во текстовите од твојата книга, кои се актуелни за младите денес, ама има една што особено ме допира, а тоа е преработувањето (кое обично се адаптира како прегорување со директен превод од анг. burnout). Дали сметаш дека прелесно ѝ се предаваме на капиталистичката матрица за повеќе, повеќе и повеќе?

Сè додека капиталистичката матрица ја критикуваме, а си кркаме од нејзините бенефити, користиме кредитни картички, алчно се прејадуваме и препиваме, ја цицаме природата до крајни ресурси… сите ние сме дел од играта на профитот и ненаситноста.

За пишувањето велиш дека ти било терапија во тешките денови. Па, успеа ли преку пишувањето на „Емотивен талог“ да го измиеш насобраниот емотивен талог од шолјата на пандемискиот живот?

Ниту книжевноста, ниту терапијата не нудат прецизни одговори. Во добрата литература нема црно-бели ликови, како што нема ни еднодимензионално сценарио на вистината. Така што, немам прецизен одговор во која мера успеав да го исчистам сопствениот емотивен талог, но знам дека пишувањето ми беше ослободувачко искуство. Важен ми беше процесот, не целта.

Subscribe To our newsletter!