Разговараше: Наташа Атанасова
Кога пред три години, по повод излегувањето на романот „Аб’т“ правев интервју со Оливера Ќорвезироска, прашањата кои ги имав за неа како критичарка, ги оставивме за некој следен разговор.
И, сега, кога ја видов излезена од печат нејзината најнова книга со критички текстови „На полпат (критика или молк)“, знаев дека дојде времето за тој разговор.
Во книгата се сместени текстови за последните дела на триесетина современи македонски, девет истакнати регионални писатели и за последниот роман на Арундати Рој. Напишана со препознатливиот стил на Ќорвезироска, „На полпат“ ќе ве натера да се присетите и уште еднаш да размислите за книгите што сте ги читале или, ако не сте ги читале, ќе ве заинтригира да ги земете за да видите дали би се согласиле со нејзините критички ставови. Во мојот случај, книгата уште еднаш ми потврди дека книжевната критика ни е неопходна, исто како што ни се неопходни и разговори за неа.
Колку е значајна книжевната критика за една културна средина, а колку за самата книжевност?
Мошне е значајна, или барем треба да биде, и во едната и во другата сфера. На поширок општествен план, критиката е значајна за да ја позиционира книжевноста што поцврсто како неодминлив сегмент на културата воопшто; а на потесен план, на планот на самата книжевност, критиката е значајна, или барем треба да биде, за да ја поддржи и да ја трасира вистинската творечката енергија кон вистинскиот пат, а помалку вистинската творечка енергија кон споредните патишта. Критиката во идеални услови треба да функционира како патоказ, како сигналитика на книжевноста во одреден простор и одредено време.
Верувам дека критиката треба секогаш да остане во сенката, во дебелата ладовина на добрите приказни, дури и тогаш кога сенката се издолжува и станува идентична на таа што ја создава.
(„На полпат“, стр. 69)
Мојот впечаток за ситуацијата со книжевната критика кај нас во моментов е дека од една страна ја имаме професионалната академска (и елитна) критика која се прашувам дали некој ја чита, а од друга страна „рецензиите“ на интернет, чија крајна цел најчесто е продажба: продажба на книгата како предмет или продажба/самопромоција на човекот што го напишал текстот. Дали идентитетот на книжевната критика, онаква каква што ја знаевме до пред дигиталната доба, е во криза?
Можеби, но не знам на што точно мислите кога велите „идентитет на книжевната критика“. Книжевната критика не е нешто трајно и конечно, таа, како и сѐ друго, е менлива, а она што треба да остане како нејзин императив или цел, е поврзаноста / блискоста со книжевноста. Треба истрајно, дури и настојчиво, да се работи на симетријата во нивниот однос. Академската критика е важна, таа си постои и е читана од тие на кои им е наменета. Највидлив е недостигот на новинската книжевна критика: брзата, смела и верна критика што им оди зад петиците на книгите, што им помага на читателите да се ориентираат во преобемните и честопати недоволно јасни книжевни продукции, но и да го дооформат својот вкус. „Рецензиите“ што ги спомнувате вие, ставајќи го зборот во наводници, се нешто сосем друго и воопшто не мислам на нив во овој контекст. Тие најчесто се гол, бесрамен маркетинг, самопромоција, калкулација, умилкување на потенцијалните, непрофилирани читатели, наместо нивен коректив.
На средина од ситуацијата што ја наведов во претходното прашање би требало да се најде издржаната критика наменета за поширока публика, на приемчив јазик и достапна преку масовен медиум. „На полпат“ е книга со издржани критички текстови, напишана со прекрасен јазик и чие читање е уживање. Останува уште прашањето дали книгата денес (имајќи ги предвид малите тиражи кај нас) е соодветен медиум за таквата критика да стигне до широката публика?
Мора да признам дека не се оптоварувам со тиражите на книгите, главно сум фокусирана на нивната вредност. Борбата за тиражи испреврте сѐ пред себе и ги доведе книжевните „работи“ во безредие. Поради сето тоа, важно ми е она што го мислам за актуелните книги дома и во регионот, да го кажам преку текстови и анализи, преку претставувања и согледби, а не со прокламативни општи зборувања, предефинирања и преобјаснувања. Она што го правиме, по дефиниција, многу подобро нѐ претставува од она што го зборуваме, зборуваме, зборуваме… Постојано читам, често пишувам за прочитаното, објавувам на постојните портали со кои чувствувам естетска и културна припадност, во книжевната периодика, или, едноставно го собирам напишаното и го објавувам во книга. Порано, кога постоеја вистински дневни весници и вистински културни редакции, објавував рецензии на неделно ниво (во „Вечер“, „Утрински весник“, „Слободен печат“…), што значи за една година рецензирав и по повеќе од педесет книги. Тоа беше мошне напорно, но сметам и мошне корисно.
Суштински гледано, ваквата постапка на објавување критика или проза на сопствен приватен профил е исто како шивачка да излезе сосе својата машина од работилницата и среде плоштад да крпи, шие, коригира што кому му треба. Излегувањето на занаетот од дуќанот е сериозен проблем за професионализмот во нашата земја. Како едноставно веќе да го нема. Секој е стручен за сè, никој од нас не живее од она што вистински го знае.
(„На полпат“, стр. 197)
Што значи да се биде (и да се остане) критичарка кај нас? А плус да се биде и писателка?
Не знам што значи да се биде, ниту што значи да се остане. Јас само го работам со страст она што го сакам и, се надевам, она што најдобро го знам.
Професорката Елизабета Шелева во еден труд за критиката вели дека во нашата книжевна средина владее изместен бонтон и прилично лицемерна култура на незамерување со цел избегнување на некој иден судир на интереси. Каков е твојот став за ова тврдење, а во однос на книжевната критика кај нас?
Не се занимавам премногу со такви нешта. Ниту создавам ниту расипувам пријателства со критика. Сериозно следам домашна и регионална книжевност и се обидувам да го коментирам она што го читам, брзо и прецизно. Исто така се обидувам актуелната домашна продукција да ја ставам во поширок, барем регионален контекст, да повлекувам паралели. Следствено на тоа, во „На полпат“ од вкупно 44 текстови, 32 се за конкретни наслови од домашни автори (добитници на најзначајни книжевни награди, но и млади книжевни гласови), 11 за наслови од регионални автори, главно препораки за превод, и еден текст за новиот роман на Арундати Рој, намерно, за да се поврзат домашната и регионалната книжевност – со светската. Додека ја подготвував книгата за печат, речиси сите наслови од регионалната книжевност што ги препорачував за превод, веќе се преведоа на македонски јазик (Дарко Цвијетиќ, Лана Басташиќ, Кристијан Новак, Дамир Каракаш…) и си дозволувам да помислам дека барем малку сум придонела за тоа.
Дали си имала непријатни ситуации како резултат на твоите критички ставови со авторите на делата за кои си пишувала? И дали ти се јавува(ла) потреба за автоцензура? На кој начин се бориш со неа?
Не. Не сум имала непријатни ситуации, барем не толку непријатни за да ги помнам. Не се борам, не се плашам од туѓи реакции, се трудам да бидам доследна на сопствените принципи, аргументирам, пишувам јасно и недвосмислено, не се кријам зад кажаното, не се додворувам, не манипулирам со своето книжевно мислење и тоа што немам непријатни ситуации си го припишувам себеси како стекната заслуга. Кога не сакам да пишувам за нешто – молчам. Дури и кога нештото ми се допаѓа… Молкот е тешка вештина. Понекогаш дури и потешка од зборувањето и пишувањето.
Критиката сака да интерпретира, таа не сака да сака; сака да коментира, не сака да меморира. Меморирањето е сакање. Нема интерпретација на песна ако таа веќе ви се вовлекла под кожа или ви се забила в срце; нема интерпретација на песна, ако сте ја запомниле без намера и напор да го сторите тоа.
(„На полпат“, стр. 164)
Секоја критика, колку и да претендира на објективност, не може да ја избегне субјективноста. А каде што е субјективноста, таму е и егото. Колкава е одговорноста на критичарот да го заузда своето его давајќи вредносни судови?
Ова е прашање за помлади луѓе кои почнуваат да се занимаваат со критика. Ваквите недоумици се далеку зад мене. Не постои апсолутна објективност, ниту објективност без ронка субјективност, но постојат и правила за односот помеѓу едното и другото. Постојат и покуси и подолги јажиња, синџири,.. свилени врвци за нашите лични вкусови. Едно е книжевен вкус, друго – книжевна компетенција.
Како долгогодишен критичар, кои тенденции во современата македонска книжевност би ги истакнала како најрелевантни за времето во коешто живееме, а кои како највозбудливи за тебе лично?
Помодноста во книжевноста што нѐ заплиснува во бранови не ја сметам за голема опасност, ниту за сериозен ризик. Секој бран остава зад себе и по некоја прекрасна школка. Бисер. Последните години имав чувство дека сите пишуваат кратка проза. Поети, прозаисти,.. почетници, водечки писатели, книжевни класици, доајени во сосем други жанрови. Еве, на пример, во антологијата на микрофикции „Џинџуџе во земјата на афионите“ што годинава ја објави „Темплум“ (приредувачи се Никола Гелевски и Владимир Мартиновски) има дури 73 застапени македонски автори кои работеле или работат во овој жанр. Ако ги има во толкав број во антологија, замислете колкумина реално пишуваат микропроза. Би го спомнала и трендот/бранот на куси романи, повести или дури и новели меѓу кои имаше и такви кои ги понесоа најзначајните награди за роман во земјава. Трендовите пребрзо ја матат водата, но тоа, пак, исто така мошне брзо помага да испливаат на површина и многу други нешта. И најлоши, но и најдобри. Последнава година во регионот сѐ почесто се појавуваат мошне екстензивни романи, како некаков тренд на навраќање на „големите дела“ од претходните векови и книжевни формации. Не би ме изненадило тоа да им се „случи“ и на македонските автори веќе во наредната година, веќе во наредните книги. Брановите, дури и книжевните, пред да остават школка, бисер зад себе, несомнено првин нѐ освежуваат.