Јазикот е жива материја која го одразува начинот на кој живеат луѓето што го зборуваат. А јазикот, во денешно време, со развојот на дигиталните технологии, својот живот повеќе од кога и да е порано, го живее како текст, преку писмо. Затоа, односот кон писмото, кон нашето македонско кирилично писмо и неговиот изглед во медиумите – печатените, телевизијата, електронските е одраз на односот и почитта што ја имаме кон нашиот јазик и кон тоа што сме.
Човек кој со децении се грижи за зачувување, негување и развој на македонското кирилично писмо е Ласко Џуровски. Неговата работа во областа на крајно маргинализираната дисциплината на графичкиот дизајн, типографијата, е посветена и на создавање писма и фонтови на македонска кирилица, што во овој период на негирање на македонскиот јазик, добива значење поголемо од кога и да е.
Како оддавање почит за неговото дело што непроценливо ја збогатува нашата култура, ова последно интервју во 2022 година го правиме токму со него.
Разговараше: Наташа Атанасова
Како се доживувате себеси повеќе – како графички дизајнер или како типограф?
Всушност се доживувам како „две во едно“, графички дизајнер и типограф. Тие две области се нераскинливо поврзани, испреплетени, едната не може без другата. Нема добар графички дизајн без добра типографија и обратно, нема добра типографија без добар графички дизајн.
Што претставува за Вас типографијата?
Типографијата е уметност на дизајнирање букви со кои пишуваме текстови што пренесуваат визуелно оформени информации. Таа ги вклучува во себе различните стилови на фонтови, преку кои создава изглед и структура што пренесуваат емоции и испраќаат визуелни пораки. Накусо кажано, типографијата е она што на текстовите им вдахнува живот.
Од периодот кога имате почнато да се занимавате со типографија до денес, кои се најзначајните и за Вас најинтересни фази низ кои има поминато оваа дисциплина на графичкиот дизајн?
Тоа е фазата на премин од класичната типографија која користеше излиени оловни букви, во дигиталната типографија која направи своевидна револуција во визуелизацијата на текстовите. Вистинска графичка револуција! Дигиталната типографија отвори нови хоризонти во сите области, како во софтверските компании кои креираа интуитивен софтвер за изработка на фонтови на многу софистициран начин, така и во областите на издаваштвото, дизајнот на амбалажа, на медиумите, буквално во сите области кои се базирани на визуелна комуникација. Одеднаш типографијата вплови во рајските води на креацијата кои овозможија она што до вчера не можеше да се замисли да стане реално, опипливо, применливо. Дигиталната типографија потполно го промени светот на презентација на текстовите и отвори некои нови видици кои тежнеат кон совршенство, кое пак, во типографијата, како и во другите области, е недостижно.
Постои ли пишана историја за типографијата и типографите низ минатото на македонското поднебје? Дали Ве интересирале, дали сте барале вакви информации и што би споделиле од нив како значајно/интересно?
Јас не сум сретнал досега такво нешто, барем не во форма која е потполно и студиозно посветена на македонската типографија, односно на македонското кирилично писмо. Секако дека ме интересираат нејзините корени, постојат илјадници страници пишани документи кои се неизбришливо сведоштво за нашата писменост, за нашиот идентитет, за нашата напатена Македонија и нејзината вековна борба за културна рамноправност во светот на цивилизираните народи. Верувајте, во тој свет на културен натпревар меѓу народите, ние поседуваме многу уникатни пишани документи и предмети кои се сведоштво за она што сме биле и претставуваат насока и основа за она што се стремиме да бидеме, во секој поглед. Зарем постои нешто што посилно ги растреперува дамарите во нашите гради од безвременските стихови кои се вградени во генетскиот код на секој Македонец, како што се: „Зурли штом диво ќе писнат…“, „Откако Ленка остави кошула тенка, ленена…“, „Зајди, зајди…“ и сл.
Каков е нашиот однос како индивидуалци кон нашата македонска кирилица денес? А што е со институциите – постои ли грижа за зачувување, негување и развој на нашата кирилица од нивна страна?
Никаков. Жал ми е што морам тоа да го кажам. Кирилицата е оставена на забот на времето кој ја нагризува од сите страни, особено во ова време кога се негира сѐ што е македонско, но попусто, кирилицата е безвременска, бесмртна, ВЕЧНА. Можат да се потпишуваат договори, хартијата трпи сѐ, но никој не може да го избрише она што ни е запишано во душата. Македонската кирилица ќе постои и кога нас и многу генерации после нас ќе ги нема, таа е основната нишка вткаена во нашиот генетски код. Зар може да постои народ ако не остави трага, пишано сведоштво за своето постоење? Кога го велам ова мислам на пишаните патеки кои ги трасирале нашите преродбеници, нашите првоучители – Кирил и Методиј. Таа трага која ја оставаме во времето е напишана со наша, македонска кирилица која заслужува бескрајна почит од сите нас за да ја поставиме на исто рамниште со сите светски писма како неизоставен дел од светското културно богатство.
Што се однесува до институциите, не гледам дека кај нив постои загриженост за македонската кирилица, особено за нејзината егзистенција во дигиталната типографија која незапирливо оди напред отворајќи неограничени можности за кои нашите институции воопшто не се свесни дека постојат. Тие, со својот инертен однос оставаат македонската кирилица да чмае закопана длабоко во минатото наместо да засвети со сета своја раскош и богатство содржани во нејзината едноставност – секој глас една буква. Би бил најсреќен ако некоја од нашите институции може аргументирано да го демантира ова мое тврдење.
Но, затоа, Вашиот личен ангажман на ова поле е огромен. Водите ли евиденција, можете ли да ни кажете како изгледаат писмата и фонтовите што ги имате направено во бројки?
Не водам евиденција, тоа изискува премногу време со оглед на сложеноста на она што го работам. Решив дека сепак е поцелисходно тоа време да го посветам на изработка на фонтови кои зборуваат самите за себе. Ќе споменам само еден податок, мојот фонт SkolaSans почнувајќи од неговата промоција во 2013 година па сѐ до денес е преземен од интернет повеќе од милион пати, зборувам во светски рамки, што ме прави особено горд затоа што мојата креација ја употребуваат огромен број корисници. Ако веќе им препуштиме на фонтовите сами да зборуваат можам да го кажам следново: мојот фонт Clone Rounded е дел од типографската понуда на Adobe (https://fonts.adobe.com/fonts/clone-rounded), поставен е таму рамноправно со фонтовите изработени од најголемите имиња на светската типографија како што се Ерик Шпикерман (Erik Spiekermann), Метју Картер (Matthew Carter), Зузана Лицко (Zuzana Licko), Гзавие Дупре (Xavier Dupré), Давид Брежина (David Březina)… Тоа ми причинува огромна чест и задоволство. Clone Rounded се дистрибуира во светски рамки преку компанијата која е посветена на изработка и дистрибуција на мултијазични фонтови на светскиот пазар, Rosetta (https://rosettatype.com/CloneRoundedPE). Овој фонт во 2016 година беше избран меѓу најдобрите 20 фонтови во светот од страна на Typographica (https://typographica.org/typeface-reviews/clone/). Еве, ексклузивно за вас ќе откријам и една тајна, годинава започнав да работам на надградена верзија на овој мој најуспешен фонт кој прераснува во типографски систем составен од 72 фонтови. 🙂 Clone Serif, на кој работам во моментов, е „најмладиот“ член на овој типографски систем и тој ќе биде интернационално промовиран во 2023 година. Инаку, досега имам креирано повеќе од 500 авторски фонтови.
Каде наоѓате најмногу инспирација за создавање нови фонтови?
Насекаде околу нас, од книгите, од графитите, од фирмите напишани на дуќаните од старите мајстори фирмописци, од типографијата присутна на ѕидовите во црквите, на иконите, од оригиналните ракописи на нашите поети, писатели… Типичен пример за тоа е фонтот Аманет кој настана врз база на фотографија од напис на ѕидот од една македонска црква во околината на Прилеп. Аманет содржи оригинална и специфична типографија во која е вткаено богатството на форми и орнаменти карактеристични за нашево поднебје. Тој фонт е бесплатен и секој кој е заинтересиран за негова употреба може да го преземе од овој линк.
Пред повеќе од година го објави твојот фонт направен според ракописот на Рацин, кој го имам видено веќе како живее во една книга („Збор по збор“, во издание на „Гаврош“) – што е супер! Кажуваше дека правиш фонтови и според ракописот на Конески, Вапцаров… Кои други писатели/поети „се во игра“ да добијат свој фонт? 😊
Да, Рацин е еден од фонтовите кој го креирав со многу љубов и огромна почит кон делото на Коста Солев Рацин, „црвениот поет“, кој знаеше на уникатен начин да ја наслика со зборови македонската душа. Се надевав дека ќе добијам можност да гостувам на манифестацијата Рацинови средби во Велес, со цел да им го подарам овој фонт за да ги публикуваат Рациновите песни напишани со него. Исто така, тој би бил достапен за слободно преземање од нивната интернет страница. За жал, таа моја желба никогаш не се оствари. Сепак, фонтот Рацин си го доби заслуженото место во македонската типографија. Сведок сум на прекрасни дела во кои тој се употребува, на мое големо задоволство. Како потврда на ова осамна мурал насликан на потпорниот ѕид, во близина на Саат кулата во Велес, на кој се испишани стихови од „Ленка“, со мојот фонт креиран врз база на Рациновиот ракопис. Автор на муралот е уметникот Бранкица Јордановска. Сосема е „нормално“ во нашава Македонија вакви работи да поминуваат незабележано, за жал. Инаку, пред извесно време започнав да работам на фонт базиран на ракописот на Блаже Конески, обезбедив доволно материјали и изработката е во тек. Не можам да кажам кога точно ќе биде завршен. Кога се работи за креирање на фонтови врз база на ракописот на некоја личност многу е значајна базата на пишани документи која можете да ја обезбедите, колку повеќе оригинални документи се достапни, толку е полесно да се генерира дигитален фонт базиран на оригиналниот ракопис.
Издавачкиот центар „Три“ во поновите книги истакнува кога користи Ваш фонт, што е практика за пофалба. Го следите ли македонското издаваштво? Што би можеле да кажете за изгледот на внатрешните текстови и за типографијата на кориците?
Да, оваа практика е за вистинска пофалба. Издавачкиот центар „Три“ исклучително го почитувам заради професионалниот однос кон употребата на типографијата во нивните изданија. Мислам дека оваа практика би требало да ја следат и другите македонски издавачки куќи. Што се однесува до типографијата на кориците од изданијата на македонските издавачи ситуацијата е „шарена“, сведок сум на извонредни типографски решенија но исто така и на сосема разочарувачки. Се надевам дека ситуацијата во тој поглед ќе се подобрува, се разбира, ако на типографијата ѝ се посвети вниманието кое го заслужува, особено на македонската кирилица.
Има ли на повидок помлади наследници дизајнери навлечени на типографија со кои заеднички може да се продолжи да се збогатува македонската кирилица?
Има само обиди, не сум сретнал некој кој навистина сериозно сака да се занимава со оваа работа. Во 2013 година јас организирав типографска работилница, „Типокујна“, на која се обидов да го пренесам моето знаење за креирање фонтови на неколкумина дизајнери кои учествуваа на неа. И покрај успешните резултати и креирањето на десетина кирилични фонтови кои сѐ уште се користат, ниеден од учесниците не продолжи посериозно да се занимава со типографија. Што се однесува на Вашето прашање за „збогатувањето на македонската кирилица“, тоа е приказна сама за себе. По мое мислење, грижата за македонската кирилица треба да биде еден од приоритетите на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Министерството за култура на Република Македонија и Министерството за информатичко општество и администрација. Овие институции немаат воопшто никаква иницијатива ниту пак програма за едукација во областа на дигиталната типографија и македонската кирилица како дел од неа. За да се уверите во ова мое тврдење ве охрабрувам да се јавите во која било од спомнатите институции и да побарате писмен документ на кој е детално претставен изгледот на македонските кирилични букви на еден од стиловите кои постојано се користат на дигиталните медиуми, еве, на пример, нека биде тоа Slab Serif фонт. Пред тие да ви одговорат, а бидете сигурни дека воопшто нема да ви одговорат, ќе ве игнорираат, ви кажувам што ќе добиете како одговор—НИШТО. 🙁 Тажно. Затоа, би го зaвршил овој разговор со апел до сите Македонци, насекаде во светот: развојот на технологијата ни дава можност и моќ, ние самите, да се избориме македонската кирилица да биде рамноправна со останатите светски писма, кирилични и латинични. Македонскиот јазик и македонското кирилично писмо се наше непроценливо културно богатство. Тие се загрозени пред сѐ од самите нас, кога зборуваме и пишуваме неправилно и несоодветно. Затоа, да ги употребуваме правилно, да ги афирмираме и потврдиме во светот како скапоцена придобивка од една стара култура и цивилизација која заслужува почит и поклонение.
БОНУС-ПРАШАЊЕ: Во ракописните исписи наменети за социјалните мрежи ракописното „ш“ го пишувате со цртичка. Еднаш имаше и дебата на Ваш пост за тоа дали треба да се пишува со или без цртичка. Каков е Вашиот став и Вашето образложение?
Технологијата сама го даде одговорот на ова прашање и секоја понатамошна дебата на оваа тема станува беспредметна. Имено, Open Type фонтовите содржат опција (Features) која овозможува секоја буква (карактер) да има повеќе верзии. Тоа ни дава можност да креираме алтернативен карактер за малата ракописна (script) буква „ш“ кој ќе содржи долна црта. Значи, фонтот содржи две различни решенија за истата буква – едно без долна црта и друго со долна црта. Употребата на малата ракописна буква „ш“ со долна црта го решава проблемот на нечитливост кога таа ќе се употреби до малата ракописна буква „и“ или помеѓу две букви „и“, на пример во зборот „напиши“. За да ја избегнеме оваа несакана ситуација, можеме да програмираме постапка која потполно автоматски ќе ја замени буквата „ш“ без долна црта со буквата „ш“ со долна црта, и тоа само на оние места каде што таа се наоѓа пред, помеѓу или после малата буква „и“. Вака, проблемот се решава на сосема едноставен и елегантен начин. Ова е само еден сегмент во кој технологијата за креирање дигитални фонтови ги решава тековните проблеми и недоследности кои се јавуваат при употребата на македонската кирилица на дигиталните медиуми. Но, тоа е веќе друга тема која бара многу повеќе простор за нејзино детално елаборирање.
Насловна фотографија: Жарко Чулиќ