На прашањето што претставува математиката за него и што најмногу го фасцинира, младиот генијалец вели: „Едноставно, се чувствувам убаво кога решавам математички проблеми“.
Има само 14 години, а на последната Интернационална математичка олимпијада во Осло, Дамјан Давков од Штип се натпреваруваше и со ученици со полни 19 години. Ова чудо од дете и кога беше VII одделение на државните натпревари победуваше ученици од втора година средно. Дамјан е најмладиот олимписки медалист по математика во Европа.
Тој беше еден од 12-те млади вклучени во изложбата „Future of Europe“, што Europe House Скопје ја организира во East Gate Mall. Секој учесник избира по една или две европски младински цели, според кои се води во своите постапки и во остварувањето на своите цели. Дамјан го избра квалитетното образование, зашто како што вели „тоа е многу важно“.
На прашањето што претставува математиката за него и што најмногу го фасцинира, тој вели:
– Не можам да одговорам на ова прашање. Едноставно, се чувствувам убаво кога решавам математички проблеми.
Дамјан во последната учебна година го заврши основното образование во штипското училиште „Ванчо Прќе“. Одлучи да го продолжи средното образование во Математичко-информатичката гимназија во Скопје каде во септември ќе биде прва година.
Дамјан не е голем муабетџија. Најдобро се изразува преку бројките, а сака кратки и прецизни одговори.
– Размислувам различно од другите и сè е во логиката и во начинот на размислување. – смета Давков.
Се радува на сите свои успеси, но еден натпревар посебно ќе го памети.
– Најсреќен бев кога го освоив првиот сребрен медал на минатогодишната Интернационална математичка олимпијада ИМО 2021, бидејќи по 11 години Македонија доби сребро, а јас имав 13 години. – вели Дамјан и додава дека е среќен кога често успева да ги победи и поголемите ученици од него.
Тој го повтори ланскиот успех и годинава на ИМО, што се одржа во Осло, Норвешка. Си поминал убаво и немал трема во врска со својот пласман.
Нема некој посебен сон што би сакал да му се оствари. Во своето слободно време сака да чита и книги, а нема еден конкретен жанр на кој му се посветува.