„Татко“: Непознат лавиринт без клопче за навигација - Europe House

10 Nov

BACK

„Татко“: Непознат лавиринт без клопче за навигација

„Татко“: Непознат лавиринт без клопче за навигација

Иако човечкиот ум е еден огромен нестабилен лавиринт, сепак постојат одредени компоненти кои помагаат при навигација и нè држат делумно синтетизирани. Едно од тие навигациски клопчиња се сеќавањата, а филмот „Татко“ (на култниот сценарист и тазе режисер Флоријан Зелер) се фокусира токму на нив и ги испитува преку перспективата на човек кој страда од деменција.

Губењето на сеќавањата е честа тема во современиот филм – од „евтини“ психолошки крими трилери до „артхаус“ филмови како „Љубов“ од Ханеке. Зачестеноста на оваа тема се поврзува и со постмодернистичките струења во кои доминира преиспитувањето на реалноста, вистината, идентитетот и самата уметност, па оттаму и опсесијата со сеќавањата. Но во „Татко“, темата на губење на меморијата нема за цел да ја деконструира културолошката свест до таа мера или, пак, да даде некаков критичен коментар за општеството во кое живееме. Напротив, фокусот е врз самата ментална состојба и како таа може да влијае на еден човек и неговото семејство.

Зелер првично го напишал текстот како театарска претстава, инспириран од искуствата на тетка му која страдала од деменција. Во центарот на приказната се Ентони – постар човек кој страда од оваа ментална состојба и Ен – ќерка му која се грижи за него. Нив ги играат култните британски актери Ентони Хопкинс и Оливија Колман чии сирови перформанси го воздигнуваат филмот дополнителни скалила погоре. Но ниту генијалноста на Зелер не е за потценување – за да ги долови тешкотиите кои ги носи деменцијата, тој ја истенчува границата меѓу формата и содржината, како и меѓу гледиштето на главниот лик и онаа на гледачите.

Мешањето на овие две перспективи е честа раскажувачка тактика, која може да служи за да ги засили чувствата кај гледачите или, пак, за да ги преиспита границите меѓу фикцијата и реалноста. Во „Татко“, бришењето на таа граница служи и за да се симулираат симптомите на деменција – за самиот гледач да ја доживее и почувствува оваа ментална состојба колку што е можно посилно и веродостојно. Па така, филмот нема праволиниско дејство. Нема иднина, минато и сегашност, туку сè е колекција на измешани сеќавања на Ентони кои се претопиле едни во други. Зелер користи и внимателно испланирани монтажни резови за гледачот неочекувано да премине од еден спомен во друг. Во тие мигови, шокот што го доживуваат гледачите е пандан на оној што го доживуваат лицата со деменција кои исто така не знаат во која секунда ќе преминат во сосема различна ситуација.

Речиси целото дејство се случува во еден стан кој ги има карактеристиките на сите станови во кои престојувал Ентони низ годините, а сет дизајнот (за кој е одговорен Питер Франсис) суптилно се менува во текот на филмот. Мебелот, боите на ѕидот, редоследот на закачените слики… сè е во постојано движење за на крајот гледачот да не знае каде се наоѓа на временската оска, во кој стан, и во кое сеќавање.

Со овие тактики, Зелер ги остава гледачите еднакво дезориентирани како и Ентони. Целиот филм е како непознат лавиринт, а единственото волнено клопче за навигација е исплашен главен лик, заробен и изгубен во своите краткотрајни чувства и сеќавања на кои се фиксира – како ќерка му го гали, како му најавува дека ќе се сели во Париз, како го запознава со различни негувателки итн. Како тој да е демнет од грижата на совест, тагата и осаменоста кои ги чувствува по нејзиното заминување.

„Татко“ ја заслужува славата која ја доживеа минатата година. Беспрекорната глума, генијалниот сет дизајн и иновативната раскажувачка техника се повеќе од доволно причини за да се погледне филмот. Најважно, тој поттикнува разбирање и длабока емпатија со луѓето кои секојдневно се соочуваат со оваа ментална состојба. Преку давање подлабок приказ на деменцијата, филмот исто така го соголува човекот и покажува колку ранлив вистински може да биде. Веројатно, неслучајно се одбира и насловот „Татко“. Збор кој иако има безброј конотации, културолошки е асоциран со стабилност, моќ, рационалност – нешта кои Ентони за жал ги губи.

Филипа Сара Попова

Subscribe To our newsletter!