„СКОПЈЕ НА НОВАТА ГЕНЕРАЦИЈА“ – проект „Спинекс“ - Europe House

27 Ное

BACK

„СКОПЈЕ НА НОВАТА ГЕНЕРАЦИЈА“ – проект „Спинекс“

Автори: Натали Велеска, Ален Цветковски и Дона Митровска

Наслов на проект: SpineX (добитници на третата награда )

Локација –  булевар „Никола Карев“ (Пластичарска учица)

 

Авторско образложение:

Изборот на локацијата за овој конкурентен проект да биде булеварот „Никола Карев“, познат во колективната меморија како „пластичарска улица“, се јавува поради фактот што таа претставува традиционална трговска улица полна со мали занаетчиски и трговски единици. Многу луѓе ја посетуваат оваа локација за да купат конкретни производи и тие најчесто доаѓаат со автомобил, што носи со себе неколку проблеми што го намалуваат вкупниот квалитет на понудата.

Основната идеја за оваа улица, преку нашиот архитектонски и урбанистички пристап, потекна како резултат на револт кон државата и нејзиниот третман кон улицата, и покрај фактот што таа неодамна е реконструирана. Затоа што не постои можност или иницијатива за решавање на хаотичните услови и проблеми што се дел од модерната верзија на „Пластичарска“, нашето решение е таа да се подигне на ново ниво – улица за велосипеди и пешаци изградена како заоблена лесна структура во вид на мост, направена од скелетен систем со челични држачи, обложени со бетон и скулптурална форма. Таа ќе содржи и ќе поврзе различни содржини за друштвени активности и инклузија за сите луѓе. Овој „лесен“ скелетен систем е придружен со цилиндрични бетонски „кули“ што ќе служат како вертикални врски до нивото на улицата, со што овозможува структурна стабилност и зајакнување.

Целта е да се решат голем број проблеми со кои се соочува оваа локација, првично поради модерниот начин на живот и зголемениот број возила во градот, особено на оваа улица. Ова директно ја намалува безбедноста на пешаците, со оглед на тоа што нема соодветни пешачки премини и несоодветното преминување на необележани делови од патот е редовна појава. Автомобилите се паркираат на тротоарите и нема посебни велосипедски патеки или безбедни коридори или активности за лица со попреченост. Поради тоа, нашето решение нуди безбеден коридор за пешаци и велосипедисти, безбеден премин од едната страна од булеварот на другата преку неколку платформи со скали и лифтови и долги рампи за велосипеди на крајот од патеката.

Друга карактеристика поврзана со овој дел од градот е дека речиси сите постојни капацитети се отворени до одредено време и потоа се затвораат, со што улицата станува целосно неатрактивна и не нуди други поволности за да привлече повеќе посетители и да заживее околината. Затоа нашиот проект вклучува голем број на друштвени и културно-забавни активности, како што се амфитеатар за мали културни настани, изложбени панели на отворено, мали отворени комерцијални и занаетчиски единици што ќе им дадат можност на локалните занаетчии да ги прикажат нивните традиционални рачни занаети од регионот. Оваа пешачка улица исто така вклучува неколку места за релаксација и рекреација, како и отворени работни места во форма на линеарни клупи, лежалки, маси, столови, јавни тоалети и места каде што посетителите можат да купат храна и пијалаци.

Еден од најзначајните квалитети што го постигнавме со ова решение е збогатувањето со ниско и високо зеленило, што моментално го нема на постојната локација. Тоа е придружено со амбиентални водни површини и детски реквизити за забава и вклученост на најмладите. За да се постигне енергетска ефикасност на ова решение, вклучени се посебни кружни соларни панели на секоја од кулите, за да се акумулира и да се користи соларна енергија за функционирање на сите капацитети и за осветлувањето на пешачкиот мост.

Автори: Натали Велеска, Ален Цветковски, Дона Митровска

Subscribe To our newsletter!