Верувам дека сите некогаш низ животот сме ја слушнале изреката: „Вреден или вредна си како пчелка“; и токму оваа поговорка неслучајно произлегува од доминантната функција на пчелите во природата. Нивната вредна работа преку опрашување го поттикнува репродуктивниот процес на цветните растенија и придонесува за производството на овошје, зеленчук и јатки – што им се од огромно нутритивно значење на човекот и животните. На овој начин, пчелите обезбедуваат природен начин на еколошко опстанување помеѓу видовите. Секоја година на 20 мај се слави Светскиот ден на пчелите, ден посветен на важната улога на пчелите како главни опрашувачи во глобалниот екосистем.
Датумот се совпаѓа со роденденот на Антон Јанша (1734 – 1773), пионер на модерната апикултура, односно пчеларската наука во својата родна Словенија. Неговата заслуга на ова поле е од огромно значење затоа што се грижел за пчелите во царскиот двор и ги проучувал од научен аспект. Под иницијатива на Република Словенија, во чест на Антон Јанша и неговиот придонес на полето на пчеларството, Обединетите нации го прогласиле 20 мај за Светскиот ден на пчелата во 2018 година со цел да се поттикнат владите и организациите, граѓанското општество и загрижените граѓани да ги заштитат опрашувачите и нивните живеалишта.
Главната цел на Меѓународниот ден на пчелите и причината зошто неуморно се слави веќе седум години овој „природен празник“, пред сѐ е за подигнување на свеста за улогата на пчелите, кои, иако мали, се најмоќните суштества на планетата Земја. Без пчелите, глобалното снабдување со храна би било, во најмала рака, загрозено, бидејќи приближно третина од произведената храна ширум светот директно и посредно зависи токму од опрашувањето. Функцијата на пчелите не се разгранува само во доменот на земјоделските науки туку се појавува и како основа при одржувањето на биодиверзитетот. Со опрашувањето на различни растенија, пчелите помагаат во одржувањето на екосистемот и го поддржуваат растот на живеалиштата. Нивното присуство е од клучно значење за опстанокот на многу растителни видови, кои, пак, обезбедуваат храна и засолниште за безброј други организми. А опрашувачите директно придонесуваат за безбедноста на храната. Според експертите за пчели во Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) на Обединетите нации, третина од светското производство на храна зависи директно од пчелите.
Кога животните и инсектите го собираат поленот од цвеќињата, тие и го шират, дозволувајќи на растенијата, како и на многу прехранбени култури, да се репродуцираат. Птиците, глодарите, мајмуните, па дури и луѓето (несвесно) опрашуваат, но најчести опрашувачи се инсектите, а особено најдоминантни се пчелите. Заедничкиот соживот помеѓу пчелите и другите растителни и животински видови (вклучувајќи го и човекот) овозможува оваа симбиоза да опстане со години. Меѓутоа, во последните неколку децении, особено со зголемената светска популација, уништувањето на природните ресурси, сечењето на шумите и зеленилото, зголемувањето на отпадот и загадувањето на воздухот и водата доведува до загрозување на пчелите и нивната симбиотска дејност во екосистемот. Ова е лоша вест за човекот, кој колку и да се обидува да го подобри светот за живеење во технолошка смисла, не смее да си дозволи да ги исклучи пчелите и другите опрашувачи од природниот циклус.
За жал, пчелите се соочуваат со многубројни закани, пред сѐ поради човечките активности и дејствувања на планетата. Уништувањето на живеалиштата, прекумерната употреба на агрохемикалии, како што се пестицидите и климатските промени, се неколку од низата причини, т.е. фактори што придонесуваат за намалување на популацијата на пчелите во светот. Ако продолжиме да ја занемаруваме благосостојбата на пчелите и другите опрашувачи, последиците би можеле да бидат ужасни. Без пчелите, деликатната рамнотежа на екосистемот би била нарушена и ова може да доведе до пад на биолошката разновидност и пад на мрежите за исхрана. Загубата на опрашувачите има двојно негативен ефект поради тоа што ќе ја загрози безбедноста на храната и ќе има далекосежни влијанија врз здравјето на луѓето и економијата. Покрај директните ефекти врз земјоделството, падот на пчелите може да доведе до губење на лековити растенија и други екосистемски релации што често се занемаруваат.
Како да постапиме?
Пчелите се дел од биодиверзитетот од којшто зависи нашиот опстанок. Тие обезбедуваат висококвалитетна храна – мед, матичен млеч и полен – и производи како што се: пчелин восок, прополис и отров од пчели. Пчеларството, исто така, е важен, ако не и основен извор на приход на многу рурални делови од светот. Според IPBES (Меѓувладината научно-политичка платформа за биодиверзитет и екосистемски услуги), западната пчела е најраспространет управуван опрашувач на глобално ниво, а повеќе од 80 милиони улишта, односно кошници со пчели, произведуваат околу 1,6 милиони тони мед годишно.
За да се обезбеди здрав и квалитетен опстанок на пчелите и притоа да се заштити животната средина, потребен е ангажман и од наша страна. Овој меѓународен ден на пчелите нека биде повод да се заложиме да ги заштитиме и да ги поддржиме овие опрашувачи, чија улога нѐ одржува во живот. Можеме да почнеме со промовирање на здрави практики соодветни за пчелите, како што се: купување мед и други производи од кошницата на најблискиот локален пчелар, потоа садење на украсни цвеќиња што носат нектар (сончоглед, невен) на балкон или во двор и сечење трева само откако растенијата што носат нектар ќе завршат со цветањето. Покрај тоа, од голема важност е намалувањето на употребата на пестициди што имаат штетно влијание врз животната средина или ако веќе користите пестициди што не им штетат на пчелите, тогаш прскајте ги во време без ветар рано наутро или доцна навечер, кога пчелите се повлекуваат од цветот. Со подигнувањето на свеста кај децата и адолесцентите за важноста на пчелите и поддршката за локалните пчелари, се зачувуваат природните живеалишта и можеме да создадеме поодржлива иднина за пчелите и сите живи суштества.
Меѓународниот ден на пчелите нека служи како потсетник за непроценливиот придонес на пчелите за нашата планета и итната потреба да се одговори на заканите со кои се соочуваат. Во мај 2018 година, Европската унија ја поддржа забраната за три инсектициди познати како неоникотиноиди, за да се ублажи смртоносната закана што тие ја претставуваат за пчелите и нивниот ефект на намалување на опрашувањето во целина. Светскиот ден на пчелите ја подига свеста за суштинската улога на пчелите и другите опрашувачи во одржувањето на здравјето на луѓето и планетата. На крајот на краиштата, судбината на пчелите е сложено поврзана и со нашата судбина. Чувајќи ја нивната, обезбедуваме подобар живот и за нас и за генерациите што доаѓаат.
Доротеа Огненовска