Зад секој настан стои објективот на вешт уметник-фотограф, кој со својата умешност успева да долови момент од времето што останува врежан во нашите сеќавања. Една фотографија може да раскаже илјада приказни, да долови различни емоции и да оживее спомени од минатото. Фотографиите играат клучна улога во документирањето на историјата, културата и личниот живот и затоа нивната вредност е непроценлива. Без разлика дали станува збор за воена зона, раздвижена градска улица, автентичен портрет или тивок момент во природа, зад секоја слика стои скриена приказна. Фотографијата е една од помладите уметнички гранки и како таква многу брзо се развила во моќно средство за меморирање на минатото, но и средство за креативно изразување. Иако навидум едноставен медиум што секој може да го користи, фотографијата, пред сѐ, е уметност што бара сериозна вештина за да се долови суштината на моментот. Умешниот фотограф може да го замагли просторот меѓу реалноста и имагинацијата и да понуди нови перспективи и гледишта кон светот, што инаку би останале невидени и незабележани.
Фотографијата има уникатна моќ да ги надмине границите на јазикот и културата, отворајќи нова визура кон светот, што овозможува да видиме и да почувствуваме различни аспекти на човековата егзистенција. 19 август е прогласен за светски ден на фотографијата, ден посветен на естетиката, занаетот и историјата на фотографската уметност. Овој специфичен датум влече корени речиси два века наназад, кога француската влада го купила патентот за процесот на дагеротипија во 1839 година, правејќи го достапен за целиот свет, откако Луј Дагер, пионерот на модерната фотографија, една година претходно успешно фотографирал човек во градски екстериер.
„Фотографијата е уметност што го претвора минливото во трајно, создавајќи визуелен наратив што го надминува времето. Во неа, светлината и сенката стануваат алатки за естетска и емотивна експресија, а секој кадар е огледало на човековите искуства, испишан преку моменти што не можат да се повторуваат. Вистинскиот момент го препознавам кога чувствувам дека сум ја разоткрил скриената тензија помеѓу реалноста и уметноста – оној краток миг кога композицијата, светлината и субјектот добиваат сопствен живот. Во тој момент фотографијата станува средство на контемплација и длабока комуникација, тогаш фотографијата ја наоѓа својата вистинска сила – да ни покаже не само како изгледа светот туку и како го чувствуваме“, Томислав Георгиев, фотограф.
„За мене, фотографијата претставува раскажување приказна што не може целосно да се долови со зборови. Камерата ми дозволува да ги фатам минливите моменти и да ги зачувам спомените. Ми помага да се поврзам со моето окружување и да најдам убавина во секојдневниот живот, особено аналогната фотографија, што носи опиплива носталгична атмосфера во моите фотографии. Уживањето во процесот на фотографирање и развивање на филмот ме потсетува на убавината на несовршеноста и вредноста на трпението, бидејќи секој кадар од филмот се чувствува како ценет спомен што чека допрва да биде откриен“, Стефан Самандов, фотограф.
Историја на фотографијата
На почетокот, фотографијата била споредувана со сликарството, затоа што не постоеле други стандарди за правење слики. Иако фотографијата, всушност, настанала дури на почетокот на 19 век, раните фази се видливи повеќе од два века наназад. Претходник на камерата бил принципот на камера опскура (camera obscura), каде што се проектираат слики од предмети надвор од темна просторија. Подоцна, кон крајот на 16 век, италијанскиот научник и писател Џамбатиста дела Порта демонстрирал и детално ја опишал употребата на камера опскура со леќа во 1727 година, додека германскиот професор по анатомија Јохан Хајнрих Шулце експериментирал со сончева светлина преку феноменот на затемнети соли.
Раните експерименти со хелиографија и литографија во 17 век го инспирирале францускиот пронаоѓач Нисефор Ниепс, во 1877 година да ја направи првата успешна фотографија од природата – поглед кон дворот на неговиот селски имот. Ниепс смислил посебен метод со светлината и процесот на креирање слики го нарекол хелиографија („цртеж на сонцето“). Процедурата одела така што прво ја премачкувал гравурата со масло за да стане проѕирна, а потоа ја ставал на чинија обложена со раствор од битумен (вид асфалт) и масло од лаванда и, на крајот, ја изложувал на сончева светлина. По неколку часа, растворот под светлите области на гравирањето се стврднувал, додека оној под темните наслаги останувал мек и можел да се измие, оставајќи трајна, точна копија од гравирањето. Мошне брзо професионалниот сценски сликар Луј Дагер направил скици со следење на сликите произведени од камерата опскура и камерата луцида. Дагер соработувал со Ниепс, но неговиот интерес останал на тоа да пронајде начин како да го скрати времето на експозицијата, додека Ниепс останал заинтересиран за производство на репродуктивните платна. Во 1839 година, синот на Ниепс и Дагер ги продале целосните права на дагеротипот и хелиографот на француската влада, во замена за доживотни ануитети.
Веќе до крајот на 19 век и почетокот на 20 век, фотографијата се проширила во популарната култура и особено станала влијателна со развојот на филмот. Во 1884 година, Џорџ Истман го составил првиот филм во ролна, кој направил вистинска револуција во индустријата и подоцна ја основал компанијата „Кодак“. Пионерите како: Алфред Штиглиц, Анзел Адамс, Доротеа Ланг, Хенри Бресона, Ани Лебовиц, Стив Мекјури, Роберт Капа, Дијана Арбус, Хелмут Њутон, Синди Шерман, оставија печат во фотографската уметност и ја дефинираа фотографската естетика на дваесеттиот век. Првиот полароид на Едвин Ленд се појавил во 1948 година и овозможил опција сликите веднаш да можат да се развиваат по сликањето. Набрзо, филмската фотографија се трансформирала во дигитален формат и во 1975 година бил измислен првиот дигитален фотоапарат од страна на Стивен Сасон.
Како што продолжувала да се развива технологијата, така се развивала и уметноста на фотографијата. Денешните социјални мрежи се вистинско гнездо на фотографии и кратки видеа, а со порастот на платформите како „Инстаграм“, многу професионални фотографи како аматери, љубители на оваа уметност, почнаа да ги изложуваат своите виртуелни портфолија, правејќи ја фотографијата подостапна од кога било досега.
Фотографите можат да скаменат миг од реалниот живот и да ја овековечат реалноста. 19 август е добра можност да се потсетиме на историското значење на фотографијата, како и на нејзината еволуција низ вековите: од првата camera obscura до дигиталната револуција, што, иако еволуирала низ времето, нејзината суштина останува иста – да овековечи еден момент од реалноста и да ја раскаже неговата приказна. Овој ден е посветен на сите фотографи, аматери и професионалци, кои со своите фотографии придонесуваат за зачувување на колективната меморија и имаат непроценлива вредност затоа што тие не само што документираат настани туку и го обликуваат сензибилитетот на општеството, создавајќи врска меѓу минатото, сегашноста и иднината. Овој ден нека биде потсетник дека фотографијата е многу повеќе од обична слика, тоа е уметност што има моќ да го трансформира начинот на кој го гледаме светот. Europe House често организира фотографски работилници, во кои можат да земат учество сите љубители на фотографската уметност.
Доротеа Огненовска