Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје успешно ја заврши втората сесија на летната школа „Oбмислување на современиот звучен пејзаж: експериментални практики во визуелниот контекст“. Летната школа се одржа во населеното место Лазарополе, мало село во Општина Маврово и Ростуше, сместено во областа Мијачија. Последната недела од јуни (21-30.6.2024) беше испланирана за втората сесија од проектот „NEW ART FOR(U)M“. Целта на школата е да истражува и да развива алтернативни уметнички практики во дискурзивен и интердисциплинарен контекст, што се разликува од традиционалните ателјерски уметнички практики и протоколи. Предавањата ги држеа професорите м-р Роберт Јанкулоски и м-р Гоце Наневски, дипломираниот електроинженер Дориан Јовановиќ, во соработка со интердисциплинарниот уметник Доротеј Нешовски. Оваа сесија на летната школа се сосредоточи на звукот како основа за креативно создавање и толкување на едно интердисциплинарно уметничко дело.
Изборот на географскиот простор беше од особена важност за Летната школа, бидејќи на практикантите им беше потребно одново да се запознаат со тишината. Надвор од градскиот метеж, звуците на сообраќајот и вревата на урбаниот живот, руралната средина е одличен избор за целите на проектот. Од овие причини, хармоничната убавина на Лазарополе беше соодветен избор и дестинација за реализација на школата. Имено, живеењето и работењето во град си носи свои последици. Современата урбана средина ги менува сензорните дразби на човекот, правејќи го почувствителен на надворешните стимулации. Престојот во тивка рурална средина може да биде освежувачки и да овозможи повторно пронаоѓање на внатрешниот мир и развивање на контемплативна концентрација.
Летната школа на преден план ги запозна учениците со воведни поими и содржини од психоакустиката со цел подобро разбирање на човековата перцепција на звучната околина. При запознавањето со одредени поими од физиката на звукот, учениците ги проучија карактерните особини на шумот и звукот со цел посоодветно и попрецизно дефинирање на различните форми на шумови што се пронаоѓаат во секојдневниот свет. Човековото акустичко сфаќање за светот значително се менува според начинот на живот и според географската одредница. Така, од голема важност е да го разбереме вистинското значење на „звучното загадување“, за коешто сме помалку или повеќе несвесни дека е навлезено во нашата невропсихолошка состојба. Непрекинатото изложување на вештачки звуци може да доведе до зголемена анксиозност и намалена способност за концентрација, што е причината зошто тивките рурални средини се толку значајни за менталното здравје и благосостојбата. Оттука, учесниците имаа можност не само теориски да се запознаат со материјата туку и практично да ги испробаат уредите за снимање звук, микрофоните и нивната употреба за соодветно доловување на просторот околу нас. Користејќи се со основните техники на обработка – миксање и монтирање звук – тие почнаа да размислуваат за звукот и за звучните феномени како на елементи во создавањето звучни слики и амбиентални звучни пејзажи. Овие звучни слики потоа функционираа како самостојни уметнички дела, но и како комплексни уметнички инсталации.
Природната убавина на Лазарополе
Лазарополе е опкружено со бујни шуми, високи планини и чисти извори што го прават идеално место за љубителите на природата. Од овие причини, неслучајно втората сесија на летната школа „Oбмислување на современиот звучен пејзаж: експериментални практики во визуелниот контекст“ беше одржана токму на овие простори. Прошетките низ околината откриваат живописни пејзажи, а поради чистиот воздух се слушаат сите звуци на природата, животните, како и тишината во ноќните часови. Планинските патеки се идеални за планинарење, а блиските реки и водопади нудат освежувачко бегство од летните горештини. Лазарополе е родниот крај на видни личности од македонскиот културен свет. Меѓу нив, архимандритот Анатолиј Зографски, преродбениците Ѓурчин Кокалески и Васил Апостолов Икономов, писателите Анте Поповски и Симон Дракул.
Селото е накитено со традиционална македонска архитектура. Црквата „Св. Ѓорѓи“, изградена во 1841 година, е еден од најзначајните објекти во селото. Нејзиниот ктитор, кнезот и општественикот од Лазарополе, Ѓурчин Кокалески (1775 – 1863), изградил престол внатре, а по смртта бил погребан во дворот на црквата. Во црквата е насликана фреската „Св. Стилијан Пафлагониски“ со уникатна репрезентација на светецот кој држи дете во раката. Во 1997 година црквата „Св. Ѓорѓи“ е прогласена за споменик на културата од страна на Министерството за култура. Покрај главната црква, селото има уште четири помали цркви, меѓу која е и малата црква блиску до селото, „Св. Петка“, затскриена во дабовата шума. Оваа помала црква била изградена од лазарополецот Јосиф Аврамов Куноски во 1908 година. Покрај црквата тече чешма преку целата година, за која селаните веруваат дека водата е лековита за очите. Наспроти религиозните градби, селото е исполнето со камени куќи, чии дрвени прозорци и покриви од ќерамиди оставаат волшебно чувство дека времето запира.
Скриено меѓу зелените планини и миризливите ливади, селото Лазарополе има богата историја и е познато по својата легенда за потеклото на името. Имено, станува збор за легендата на селаните од Главино Село, кои, бегајќи од Турците, се скриле во пештерата Калина Дупка. Таму „луда Калина“ ги издала, па Турците ги задушиле со чад од запален оган. Само еден од нив, селанецот Лазар, успеал да побегне и потоа основал ново село. Од неговото име настанало името Лазарополе. Етимолошкото значење на селото се поврзува со старословенскиот збор „лазор“, што значи „голем простор, оголен и истребен од шуми“. Се верува дека селаните ја исекле дабовата шума за да ги изградат своите куќи, па оттаму и на месниот мијачки говор селото се нарекува Лазарополе.
Лазарополе е совршено место за одмор. Поголемиот дел од жителите денес се отселени во поголемите градови или во странство, но тие редовно се враќаат назад за време на пролетта и летото. Лазарополе е познато по своето гостопримство. Локалното население секогаш е подготвено да ги пречека посетителите со топла насмевка и традиционални македонски специјалитети. Тука посетители доаѓаат за да се препуштат на вкусовите од локалната кујна, како што се: тавче гравче, ајвар и ракија додека уживаат во идиличната глетка од зеленило и чист воздух. Впрочем, селото е познато како место каде што воздухот е најчист на Балканот, а во нашата земја е единственото место каде што резултатите на мерната станица укажуваат на чист воздух во текот на целата година. Природната убавина нуди шанса за планински велосипедизам, јавање коњи, планинарење, собирање билки, параглајдерство и многу други (рекре)активности. Магијата на Лазарополе не го остава рамнодушен ниту еден негов посетител.
На фотографиите можат да се погледнат фрагменти од успешно завршената сесија на летната школа „Обмислување на современиот звучен пејзаж: експериментални практики во визуелниот контекст“ на ФЛУ Скопје во Лазарополе.
Доротеа Огненовска