Уметноста, во нејзините многубројни форми, уште од раните почетоци на заедничкиот живот е суштински дел од човечката експресија. Дури и кога општеството било една обична мала заедница, првобитниот човек пројавувал потреба да се самоизрази преку јазикот на уметноста – цртајќи пештерски слики, пеејќи песни посветени на божества, играјќи и танцувајќи покрај огништето, како и изработувајќи предмети со различно симболично значење. Овие првични форми на уметничко изразување служеле како огледало на духовниот и културниот развој на раните луѓе. Уметноста, во суштината, отсекогаш била медиум преку кој човекот се обидувал да го разбере и да го прикаже светот околу себе, а таа потреба за креативна комуникација опстојува сѐ до денес. Секоја година на 25 октомври го славиме Светскиот ден на уметниците, ден посветен на креативците ширум светот чии дела остануваат да ги прават нашите животи поубави, побогати и поинспиративни. Тие ни овозможуваат да гледаме на светот низ различни перспективи и да го почувствуваме она што е длабоко скриено во нас. Овој ден ги слави сите форми на уметноста – сликарство, книжевност, вајарство, фотографија, архитектура, музика и филм.
Зошто се слави Светскиот ден на уметниците?
Уметноста се смета за света поради нејзината уникатна способност да го отслика човечкиот дух и да пренесе чувства и емоции што се заеднички за сите нас. Покрај тоа, уметноста има функција на „меѓник“ меѓу минатото, сегашноста и иднината, обединувајќи го светот преку различни култури и традиции. Накратко, овој ден го прославува шарениот свет на уметниците и сета неверојатна и креативна работа што ја создаваат ширум светот. По 2020 година, перспективата кон уметноста значително се менува. Денес, уметниците се повеќе ценети, а гледачите стануваат посвесни за длабокото влијание што уметноста го има врз нашето ментално здравје. Во постпандемичниот свет, таа не е само форма на естетска експресија туку и средство за терапија преку којашто се изразуваат личните и колективните искуства. Додека формите и медиумите еволуирале низ вековите, уметниците не биле секогаш лесно прифатени од широките маси. Нивниот креативен пат бил и сѐ уште продолжува да биде исполнет со предизвици. Токму нивната способност да го одразат светот – вклучувајќи ги сите заеднички стравови, соништа, желби и најдлабоки копнежи – ја претставува вистинската сила и моќ на уметниците.
Неоспорно е дека уметноста отсекогаш била нераскинлив дел од човековото постоење. Од најраните денови, кога првобитните луѓе ги цртале своите приказни на ѕидовите на пештерите, па сѐ до оние величествени ремек-дела на ренесансата и модерната уметност, уметничкиот јазик претставува најмоќната алатка за разбирање на светот околу нас. Во минатото, уметноста често била тесно поврзана со религијата и спиритуалноста. Египетските храмови, грчките скулптури и средновековните фрески имале длабокопрониклива естетска убавина, чија основана цел била воспоставување комуникација со божественото. Со текот на времето, уметноста се менувала и се развивала, но никогаш не ја загубила својата моќ да ги предизвикува ставовите и идеите на оние што ја создаваат и на оние што ја восприемаат. Речиси сите култури и цивилизации знаеле дека уметноста е исклучително важна; и поради тоа вложувале огромни напори за да ја зачуваат за идните генерации. Затоа музеите и галериите денес се сметаат за светилишта на највредните тајни на минатото. Музеите како Ватикан или Лувр сместуваат стари дела и служат како сведоштва за уметноста и нејзината безвремена улога во зачувувањето на колективната историја и култура.
КАКО МОЖЕ ДА СЕ ПРОСЛАВИ ДЕНОТ НА УМЕТНИЦИТЕ?
Овој ден може да се искористи како можност да им се оддаде почит на сите уметници, без разлика во која гранка, односно во кој уметнички медиум ги создаваат своите креации. Речиси во секој град постојат локални галерии или патувачки изложби на кои се изложени делата на различни уметници. Преку посета на галериите, гледачите се запознаваат со новите модерни стилови, со она што е актуелно и она што е подложно на критика. Истовремено, купувањето на уметничко дело може да им даде огромна финансиска и креативна поддршка на уметниците, што ќе им овозможи да продолжат да создаваат и да придонесуваат во културната сфера на општеството. Покрај тоа, овој ден може да се прослави и со самостојно создавање на уметничко дело. Не морате да бидете професионален уметник за да го пронајдете вашето креативно „јас“. Дури и еден обид за цртање или пишување може да ве натера да почувствувате колку е прекрасен процесот на создавање уметничко дело. Инспирацијата постои насекаде околу нас – во природата, во меѓучовечките односи, во пријателствата, љубовта, а најмногу е вгнездена во нашата имагинација. Денес постојат многу работилници што нудат часови по сликање, пишување, пеење или, пак, танцување, а ова е одличен начин да се истражат формите на уметноста и да се открие некој затскриен талент.
Уметноста е универзален јазик што ги надминува сите граници – културни, географски и јазични. Во оваа смисла, таа дава директен поглед во мислите и емоциите на уметникот, тие мисли не се секогаш позитивни, понекогаш можат да бидат непријатни и мрачни. Без разлика кои се најдлабоките пориви на уметникот, влијанието на уметноста во општеството е непобитна. Светскиот ден на уметниците е потсетник за важноста на негувањето на креативноста, како во нашите заедници, така и во самите нас.
Доротеа Огненовска