Оваа година се одржа 64. издание на Охридско лето – најпрестижната македонска манифестација – уште познато и како лето посветено на уметноста, културата и инспирацијата, кое ги обединува најдобрите уметници и музичари од целиот свет во магичниот град Охрид. Овој фестивал е еден од најзначајните културни настани во регионот, а оваа година понуди програма со спектакуларни настапи во различни уметнички дисциплини, вклучувајќи музика, театар и перформанс. Она што го прави Охридското лето вистински уникатен фестивал е тоа што се случува во македонскиот град Охрид, на брегот на Охридското Езеро. Охрид е познат по својата богата историја, уникатна архитектура и зелена природа. Фестивалот како културен настан ги запозна посетителите, особено со гостите од странство со магичниот Охрид и неговата историска убавина, заштитена под правата на УНЕСКО.
Новото издание на Охридско лето се отвори на 12 август со свечено палење на фестивалскиот оган, проследено од настапот на светскиот виолинист и диригент од Литванија, Јулијан Рахлин, кој настапи заедно со оркестарот на Македонската филхармонија. Повеќе од 3.000 луѓе присуствуваа на настапот на Рахлин, што воедно и ја одбележа осмата деценија од постоењето на Македонската филхармонија. На репертоарот на годинешното Охридското лето беа концертите на класична музика, кои, следејќи ја традицијата, повторно се одржуваа на сцената на Античкиот театар. Публиката уживаше во уникатен спој на интернационални и домашни уметници, чии музички изведби дадоа омаж на најголемите композитори на сите времиња. Покрај сцената на Античкиот театар, настани, проекции и перформанси се одржаа и на сцената кај Долни Сарај, во предворјето на црквата „Св. Софија“, како и во Центарот за култура.
На 19 јули најпознатиот британски пијанист Бери Даглас настапи со свој целовечерен концерт во црквата „Св. Софија“, додека на 26 јули на Античкиот театар, нашиот најпознат гитарист Влатко Стефановски прослави 50 јубилејни години на создавање безвремена и автентична македонска музика. Театарската програма беше збогатена со современи претстави и класични дела, чии теми ја истражуваат човечката природа и колективната културна свест на народот. Театарските претстави, што се одржаа на отворените сцени покрај Охридското Езеро, на публиката ѝ дадоа елегантен перформанс во волшебниот езерски амбиент. Свеченото затворање на 20 август се прослави со театарската претстава „Алиса во земјата на стравовите“.
Дел од артистите кои настапија на годинешното Охридско лето беа: гитаристот Герхарт Рајхенбах (Германија), квартетот „Арпеџо“ (Виена), ансамблот „Маре Нострум“ на италијанската вечер, виолончелистот Драган Ѓоршевиќ Сузуки (Србија) и пијанистот Андреј Гугнин (Русија), од македонската сцена пијано дуото на Марија Ѓошевска и Славица Мицовска, пијанистката Софија Палурович (Србија/Австрија), контрабасистот Доминик Вагнер (Австрија), Црногорскиот симфониски оркестар, Македонскиот камерен оркестар на МММ Саша Николовски-Ѓумар, од српската сцена: пијанистот Дејан Синадиновиќ, басистот Драгољуб Бајиќ, пијанистката Наталија Мијаиловиќ и мецосопранот Љубица Вранеш, како и настапот на македонскиот виолинист Климент Тодороски и пијанистката Марија Врашкова. На американската вечер се прикажа премиерно по првпат во нашата земја театарската претстава „Кралот Лир“, додека на шпанската вечер настапија македонскиот пијанист Андреја Наунов и Венецуелецот Акилес Мачадо. Италијанскиот пијано квинтет „Адријатик“ создаде пријатна атмосфера во Центарот за култура „Григор Прличев“, а премиерата на театарската претстава „Рацин“, во режија на Дејан Пројковски, ја воодушеви публиката и уште еднаш ја потврди големината на Рациновото дело. Во состав на Охридско лето се одржа и завршниот концерт на семинарот по виолина предводен од македонскиот виолинист Емилио Перцан. На фестивалот, покрај шпанската и италијанската вечер, се одржаа и француска, чешка, грчка, швајцарска и романска вечер, додека на македонската вечер се одржа авторскиот концерт посветен на 65 години од раѓањето на македонскиот композитор Гоце Коларовски.
Европска вечер на Охридско лето
На 19 август се одржа традиционалната „Вечер на Европската унија“ во рамките на фестивалот Охридско лето со настапот на белгиската виолончелистка Ками Тома и францускиот пијанист Жилиен Брокал. Во црквата „Св. Софија“ музичарите ги оживеаја емоциите на публиката со нивната богата програма на класични изведби. Како и секоја година, во состав на фестивалот се организираат различни вечери посветени на земји од Европа. Европската вечер веќе неколку години има своја вечер посветена на различни музички перформанси во соработка со делегацијата на ЕУ и Europe House.
Над 20 илјади посетители, врвни уметници и театарски куќи беа дел од 64. издание на Охридско лето. Задоволните посетители коментираа дека фестивалот беше навистина волшебен настан, вистинско патување низ светот на уметноста, што ги обедини љубителите на културата од сите краишта на светот. Овој фестивал е долгогодишна традиција што продолжува да ги инспирира сите гледачи и слушатели, кои беа дел од ова незаборавно културно доживување, поттикнувајќи ги да се враќаат повторно секоја година. Со секое ново издание, Охридското лето ги надминува очекувањата и ја потврдува својата улога како еден од најзначајните културни настани во регионот. Посетителите остануваат со импресии што ги збогатуваат нивните животи, враќајќи се повторно и повторно за да ја доживеат магијата на уметноста покрај брегот на Охридското Езеро.
Доротеа Огненовска