По прележан ковид, некаде кон крајот на летото господово 2021, едно попладне скролајќи на „Фејсбук“ без никаква причина, ми излезе реклама: „Како да направиш рачно паричник од кожа“. Веднаш го кликнав линкот, сосема несвесен за „последиците“… Се отвори страница со некои основни, почетни чекори како се изработува еден паричник. Се изначитав на англиски, имаше и фотографии од процесот на изработка и си помислив: „Ова e добар вентил за ново хоби. Имам парчиња кожа во дуќан кај татко ми, кој е тапетар веќе 35 години. Ќе се обидам…“
Првиот модел што го изработив беше предизвик да видам колку сум способен за овој занает. Успешно го изработив, криво-лево што велиме ние во Ресен, но сепак ми беше голема мотивацијата да продолжам понатаму. Инаку, тапацирањето ни е семеен занает со кој се занимавам скоро 20 години, од тинејџерските денови го почнав со татко ми и сè уште го работиме заедно…
Вака започна мојата приказна за рачна изработка на паричници, торбички, ранци и други модни додатоци од кожа. Деновите што следуваа беа целосно исполнети со пребарување по интернет, гледање видеа, потрага за набавка на кожа, алати и сè што е потребно за изработка на паричници… Во нашата земја немаше и сè уште нема од каде да се купат овие нешта и морав да ги нарачувам од странските земји. Кожа, пак, успеав да најдам во Куманово, кај луѓе што работеле во кожарницте… Желбата и мотивацијата за работа растеа секој ден, сè повеќе… Случајно најдов и курсеви од професионалци каде што се објаснува секој чекор за изработка на паричници. Го совладав успешно и стекнав нови знаења околу процесот.
Овој занает ми го исполнува слободното време, секој момент го користам за да изработам некој нов модел на паричник, торбичка, приврзок…. По две години поминати со овој занает, се чувствувам поисполнет од кога било досега. Покрај тоа што ми прерасна како додаток во семејниот буџет, стекнав и многу нови пријателства кои ги одржувам. Новите пријатели, пак, ме препорачуваат на нивни пријатели. Сè уште го креирам мојот бренд на квалитетни изработени парчиња и го промовирам на социјалните мрежи како „Фејсбук“ и „Инстаграм“ и се надевам дека во иднина ќе прерасне во препознатлив и ценет бренд на квалитет, не само кај нас, туку и во светот.
Пласманот на моите производи е онлајн, на социјалните мрежи, повеќе од една година функционирам вака и луѓето веќе почнаа да ја препознаваат квалитетната рачна изработка од природна кожа. Искрено се надевам дека и во иднина клиентите ќе можат да го видат и почувствуваат производот во сопствени раце пред да го купат во некоја продавница или на некој базар за ракотворби.
Поддршката на малите занаети е многу важна, а јас ја имам, пред сè, од семејството, пријателите и новите клиенти кои се задоволни од производот што ќе го купат. Секојдневно добивам позитивни коментари и критики за моите производи. Засега сум задоволен од тоа како пошироката јавност реагира на нив.
Ги охрабрувам сите што имаат замисла за некој занает, да не губат време и премногу да размислуваат како ќе биде, дали ќе успеат… Веднаш да почнат да го работат она што најмногу ги исполнува и ги прави среќни, а тоа што ќе го изработат, да го направат посветено и со многу внимание. Тогаш успехот сам ќе дојдe.