Главното мото на Europe House е да создаде сигурен простор каде што младите можат да се дружат, да споделуваат идеи и заеднички да учествуваат во обликувањето на нивната иднина, притоа промовирајќи европски вредности. Оваа година, Europe House Битола го поддржува фестивалот „ПАРКО“ во Битола, една енергична прослава со добра музика и меѓусебно дружење на младата публика во топлите августовски вечери. Денот на младите првпат почнува да се слави на 12 август 1999 година, кога е основан од Обединетите нации, за да служи како потсетник за виталната улога на младите при обликување на иднината на нашите општества. Без младите, општествата напредуваат бавно. Младите се движечката сила на промените и извор на енергија, новитет и креативност за сите. Така што, 12 август не е само обичен ден во календарот туку и глобално признавање за суштественото значење што го имаат младите во светот.
Во чест на младите, алтернативната сцена во Битола го организираше фестивалот на електронската музика – „СМОТРА“. Минатиот викенд низ малите битолски сокачиња на Старата битолска чаршија и Безистенот, Диа, Џосс, Алекс Нова и Горан Кан направија одлична атмосфера за слушање на квалитетен избор на електронска музика. Годинешното издание ја истражува врската помеѓу електронската музика и технологијата. Фестивалот почна со панел-дискусијата на интересна кибертема „Хуманоиден робот во улога на диџеј“ со проф. д-р Анис Сефиданис.
Зошто ни е потребен Денот на младите?
Темата за Денот на младите се менува секоја година, сосредоточувајќи се на различни аспекти и сегменти во кои младите можат да учествуваат и да го дадат своето мислење. Нивната улога во социјалната правда во општеството се залага за различни теми што ги засегаат сите млади без разлика на пол, раса, верска и етничка припадност. Темите можат да варираат од преземање на активно учество во климатските промени, промовирање на менталното здравје, поттикнување на инклузивноста сѐ до подобрување на квалитетот на образованието и зајакнување на младинските права преку поддршка на различни претприемачки активности. Секоја од овие теми има цел да ги ангажира младите луѓе и да го поттикне нивниот придонес во создавањето на поинклузивно и правично општество. Младите носат свежи идеи и имаат иновативна перспектива на модерните промени и трендови, а особено се подготвени да го предизвикаат статус квото, што ги прави незаменливи во потрагата по подобар свет. Како двигатели на промени, не се плашат од предизвици и се подготвени да преземат акција, придонесувајќи со интересни мислења во глобалната дискусија. Младешката енергија и ентузијазмот ги инспирираат другите и го поттикнуваат општеството да се развива и да се адаптира на промените. Практикувајќи политики што поддржуваат инклузивно образование, еднакви можности за вработување и услуги за физичко и ментално здравје на младите, политики што ќе ги приклучат младите во нормалниот тек на општествениот живот. Денешните млади се утрешни лидери.
Фестивал за млади во Битола
Europe House Битола затвори уште една успешна приказна со фестивалот „ПАРКО“, каде што младите имаа можност да ги покажат своите креативни способности, да уживаат во добрата музика и да се поврзат со своите врсници. Фестивалот ги обедини различните форми на уметност и култура, претставувајќи платформа за иновации и инспирација и уште еднаш покажа дека Битола е центар на младинската креативност и на младинскиот активизам. Фестивалот беше отворен за публиката на две динамични сцени: сцената „Coral“, посветена на алтернативната музика, и сцената „Wrecked Ship“, посветена на сите љубители на електронската музика. Меѓутоа, фестивалот не запре тука! Покрај музичките сцени, се одржаа низа други активности што беа отворени за јавноста. На практична станица за креативно изразување се отворија интересни дискусии за младинските права и нивната застапеност во општествените промени. Младинските спортски амбасадори од североисточниот регион најдоа заедничка точка меѓу музиката и спортот и преку интерактивно дружење ја промовираа важноста на физичката активност и здравиот начин на живот. За љубителите на филмот беше отворена специјална филмска зона, а голем хит меѓу посетителите на фестивалот беше работилницата сосредоточена на изработка на сензорни топки за ослободување од стрес. Гледајќи наназад, фестивалот „ПАРКО“, во организација на Europe House Битола, создаде успешна платформа што ги обедини младите, поттикнувајќи го нивниот креативен дух и придонесувајќи за развој на нови идеи и иницијативи што ќе ја обликуваат иднината на заедницата.
Europe House им овозможува на младите да учествуваат во различни културни и уметнички настани, меѓусебно да се инспирираат и заеднички да поттикнат позитивни промени. Овој настан се реализираше под мотото што е во согласност со идејата зад Денот на младите: „На Меѓународниот ден на младите, ги славиме енергијата, креативноста и потенцијалот на младите луѓе ширум светот“.
Млади, овој ден е за вас!
Доротеа Огненовска