24 Јул

BACK

Леона Јариќ, режисерка: Квалитетното образование е чекор напред за целото човештво

Леона Јариќ, режисерка: Квалитетното образование е чекор напред за целото човештво

Само со филмот сите наши сетила се засегнати и накострешени, само со филмот влегуваш во друг универзум и се поврзуваш со ликови, живееш, дишеш со нив, занемарувајќи го фактот што другата страна на огледалото е имагинарна – вели младата режисерка, која е дел од изложбата Future of Europe отворена во East Gate, како дел од поголемиот проект „Европски младински цели“

Филмот ме фасцинира од мала. За мене е врвна уметност. Чудо! Само со филмот сите наши сетила се засегнати и накострешени, само со филмот влегуваш во друг универзум и се поврзуваш со ликови, живееш, дишеш со нив, занемарувајќи го фактот што другата страна на огледалото е имагинарна. Понекогаш се прашувам дали филмот е уметност или наука?! Постојат толку многу размислувања, правила, досетки, трикови и формули што го прават магичен. – вели 18-годишната Леона Јариќ од Скопје, која годинава матурираше во гимназијата „Никола Карев“.

 

Оваа млада вљубеничка во седмата уметност, која има снимено неколку кратки филмови (Келија, Промо, Lust for Life). Таа е една од 12-те млади инспиративни луѓе вклучени во проектот „Европски младински цели“, односно во изложбата Future of Europe поставена во East Gate во Скопје, во која секој од учесниците се претставува со свој портрет изработен од уметникот Зоран Кардула. Секој од учесниците избира по една од младинските европски цели, коишто најмногу го опишуваат или според кои се водат во животот.

Квалитетното образование е чекор напред за човештвото

За Леона, квалитетното вработување и образование се основни цели што ги поддржува.

-Јас се залагам за квалитетно учење за сите, за достапни и информации и конструктивен дијалог. Откако сфатив колкава дупка имаме во нашиот образовен систем и колку постор за подобрување постои, веднаш почнав да се залагам за промени во образованието. Во првата прилика што ја имав поднесов листа од барања до тогашната министерка за образование, во рамките на реалното шоу „Нови херои“, за корекција на образовниот систем, која ќе овозможи секој да ги избира самостојно предметите што сака да ги учи, со што посериозно се насочуваме кон она што би било наша идна професија. Сметам дека квалитетното образование е чекор напред за целото човештво. Доколку сите се познаваме самите, нашата историја, јазик, ги почитуваме нашите достигнувања на национално и светско ниво, развиваме толеранција, почит и разбирање, учиме од она што било пред нас, светот би бил едно попријатно место за живеење – вели Јариќ.

Според неа, друга важна цел е достапноста на информациите и конструктивниот дијалог, кои се единствениот начин со кој би можеле да ги развиваме идеите и решенијата, да ги „разбираме ситуациите подобро и појасно преку постоење на медуиуми на кои им веруваме, кои даваат веродостојни информации и даваат можност за изразување вистинити и чесни ставови и простор за конструктивен и продуктивен дијалог“.

-И да не ја заборавам уметноста, без неа не може! – категорична е Леона.

Ме интересираат помрачни приказни

Таа споделува дека ù било задоволство што била дел од изложбата Future of Europe.

-Како претставник на одредени цели се трудев да се претставам во најдобро светло и тоа е секогаш интересена игра. Мислам дека е добро што се остваруваат вакви проекти и дека треба да продолжат со полн погон, поамбициозно и посилно секоја година!

 Како филмот станал нејзина љубов?

-Претпоставувам дека за мене пресудно беше гледањето филмови. По илјадници филмови на ден, само нови цедеа во плеерот, цртани додека да заспијам и воодушевувањето од сите тие светови што ги гледав. Еден ден, додека читав еден мој текст, ми текна дека сè што ми треба е камера или телефон и дека и јас можам да го визуелизирам напишаното, и така, сфатив дека сакам да правам филмови. – вели таа.

За неа, надреални случувања, фантазија, научна фантастика, драма, брутален реализам се теми што ја интересираат да се зафати со одредена тема. Од сè може да излезе приказна, но повеќе ја интересираат помрачните и тешки страни, секогаш ги гледала приказните во филмовите и авантурите како приказни кои ликовите си ги измислувале за да избегаат од реалноста, дури и во најреалните случувања.

Нејзиниот филм „Промо“ беше прогласен за најдобар на конкурсот #GreenFilm  што го организира Europe House Скопје со цел да ги мотивира младите да снимаат филмови поврзани со прашањата за животната средина.

Леона би сакала да го продолжи образованието во странство и периодов аплицира на факултети за филмска уметност во Германија, Италија, САД…

-Ако останам овде, ќе пробам да го разбијам сивилото и да ги размачкам боите на филмското платно на начин кој ù прилега на мојата посебност. – завршува таа.

Дотогаш ја чека премиерата на нејзиниот нов филм Lust for Life што ќе биде прикажан на претстојниот Drim Short Festival во Струга.

Subscribe To our newsletter!