Разговара: Наташа Атанасова
Има луѓе што кога ќе ги запознаете, едноставно, среќни сте што продолжуваат да живеат, создаваат и придонесуваат тука, знаејќи дека со своите вештини и квалитети лесно би можеле да се „пресадат“ во некоја друга средина.
За мене, една од нив е Катерина Шекутковска, по професија преведувачка од германски, која ја запознав лани при жирирањето за наградата „Новите!“. Кате е основачка на, веројатно, најмладата издавачка куќа кај нас, „Илика“, а од неодамна и сопственичка на оригиналната книжарница со истото име, кое значи порабено дупче на облеката во кое влегува копче – збор кој таа во едно интервју го поврзува „со функцијата на јазикот, книжевноста и градењето значења, но и со создавањето на простор кој ќе ги прегрне оние кои сакаат да му припаднат“.
Во една пригода рече: „Мене не ми беше сон да имам книжарница, ама еве, денес имам“. Што ти беше сонот и како патиштата те доведоа до отворањето на „Илика“ – прво на издавачката куќа, а потоа и на книжарницата?
Иако „Илика“ – како книжарницата така и издавачката куќа – не беа тоа за коешто порано сонував, денеска сум многу благодарна што преку работата секојдневно доживувам радосни моменти коишто не можев да си ги замислам ни на сон. Всушност, постепено сфаќам дека воопшто не е ни важно каде сум била претходно и што сум планирала пред да ми се случи „Илика“. Важно е што во еден момент бев доволно храбра, а и се најдов и во прилично среќна околност да имам и други храбри луѓе покрај мене, за да го направам првиот чекор кон остварување на една идеја која и денес ми се чини сосема логична: да соработувам со луѓе со сличен сензибилитет за книжевноста и да се обидеме да креираме алтернативни услови за работа во доменот на издаваштвото. За ова, се разбира, е потребен и простор, простор за средби, за експериментирање, за размена. Оттаму и поттикот непосредно по основањето на издавачката куќа да ја отвориме и кафе-книжарницата.
Во „Илика“ сте влезени повеќе луѓе како партнери. Дали ви се улогите строго поделени и каков ви е начинот на организација – имате еден лидер или поделено водство?
Во досегашната практика во издаваштвото, но и во кафе-книжарницата се обидувам да водам отворен дијалог со сите ангажирани во процесите. Бидејќи моментално јас фигурирам како главна и одговорна уредничка, лесно може да се добие впечаток дека на мене паѓаат голем дел од одговорностите и одлуките. Но, всушност, тоа не е баш така. Особено сум горда на нашите книжари, Марија Велинова, Стефан Спасовски и Викторија Грнчаровска коишто работат во книжарницата со голем ентузијазам и задоволство. Тие многу допринесуваат кон креирањето на месечната програма во книжарницата, даваат сугестии и креираат содржини. Се разбира, голема и важна улога имаат и сите оние актери и актерки „зад кулисите“, од администрација па сѐ до дизајн, уредништво и лектура. Вака гледано ми се чини не е релевантно кој е главен, бидејќи, кој и да е, не може сам.
Вашата издавачка политика до пред некое време можеше да се дефинира како: со висок вкус избрана преводна литература, а потоа издадовте и збирка поезија од македонска авторка. Во која насока го гледаш развојот на издавачката политика на „Илика“ во блиска иднина?
Фокусот во издавачката политика „Илика“ уште од самиот почеток не го дефиниравме според категориите преводна/домашна. Мојот личен интерес во книжевноста се ориентира кон современите форми и ангажираноста, особено во прозата и во драмата, а потоа и пошироко, кон актуализирање на дела од класични автори кои се помалку застапени на пазарот. Покрај тоа, отворена сум за соработка со македонски автори и авторки, сѐ додека нивниот израз се вклопува во издавачката програма на „Илика“, но и со кои делиме слична работна етика и смисла за квалитет.
Први и единствени ја издадовте нобеловката Ани Ерно на македонски, што беше своевиден подвиг. На книгата не стои дека е финансиски помогната од некоја институција или фондација, па ако е така, тоа е уште еден подвиг. Дали сте задоволни од интересот на македонската публика за ова дело?
Токму така. „Девојчински спомени“ од Ани Ерно е самостојно финансирано издание, без поддршка од институција или фондација. Среќна сум што досега има солиден интерес за книгата и за авторката, а за ова имавме можност да поразговараме со читателите и читателките и во рамки на два настани во книжарницата: промоцијата на книгата и читачкиот клуб посветен токму на овој роман. Драго ми е што на публиката ѝ се допаѓа нејзиниот специфичен стил и жанрот со којшто оперира, меѓу автофикција и социјален роман, но истовремено и што ја разбира и важноста да ги имаме овие четива на македонски јазик. Покрај тоа што е нобеловка, Ани Ерно пишува за искуства коишто се доста блиски и до нашата реалност, особено до реалноста во којашто се израснати и живеат мноштво жени. Оттаму се надевам дека разговорите за романите на Ерно нема да се сведат само на формата, туку ќе се движат и во насока на книжевната обработка на женското искуство, преплетувањето на социјалното и сексуалното искуство, длабоко втемелениот срам од сопствената сексуалност во контекст на доминантна и токсична машкост. Верувам дека ќе ја продлабочиме оваа дискусија и понатаму кога ќе ги издадеме и романите на Дидје Ерибон и Едуар Луј.
Со радост ќе изјавам дека со нетрпение го очекувам излегувањето на македонски на романот „Тирза“ од Арнон Грунберг, за кој ми кажа дека најверојатно ќе го издадете догодина. Што друго можат да очекуваат гладните за добри книги во периодот што следува?
Во текот на август од печат ќе излезе една фикционална биографија на Силвија Плат по име „Еуфорија“ од авторката Елин Кулхед во фантастичен превод на Катерина Јосифоска. До крајот на годинава планираме да го издадеме и романот „Кој го уби татко ми“ од Едуар Луј, а покрај тоа и да ја збогатиме нашата детска едиција со сликовницата „Животните спијат“ (превод од норвешки јазик на Искра Бадева). Доколку го дозволат тоа условите, ќе се радуваме доколку наскоро излезат од печат и долго најавуваните дела од Рилке и Платонов, но, секако, приоритет ќе ни биде и уште една убава соработка со македонска авторка за којашто повеќе ќе најавиме наскоро.
Во книжарницата „Илика“ секој месец ви е тематски ориентиран: „Ајде да летаме“ беше мотото во февруари, „Слободни и нежни“ во март, „Пролетта е река“ во април, „Секогаш горди“ во мај, „Патуваме, сонуваме“ во јули. Колку труд вложувате во осмисленото и уникатно промовирање на книжарницата?
Вака поставената концепција на кафе-книжарницата бара многу труд и посветеност, но ни претставува и големо задоволство. Постојаното смислување на нови содржини, креирање на настани или избирање на книги на месецот е нашиот начин на комуницирање со публиката, начинот на којшто сакаме да влеземе во дијалог со неа. Целта на ваквата промоција не е единствено во градењето на идентитет на кафе-книжарницата, туку и во истакнувањето на книги коишто можеби не сме ги забележале во другите книжарници, а го заслужуваат нашето внимание.
Во рамки на овие тематски месеци, а и неповрзано со нив, во книжарницата организирате многу настани и им давате простор на младите талентирани писатели и уметници. Се создава ли веќе заедница на „иличари“ и како би ја опишала?
При изборот на гости на настаните не се водам од категоријата млад или стар, надежен или искусен, но повеќе од прашањето кои се авторите и авторките коишто би можеле да ги ставиме во заеднички контекст. На овој начин сакаме да ја избегнеме формалноста на промотивните настани, да дадеме простор книгите да живеат и по нивната промоција, но и постепено да развиваме култура на дискусија која ќе биде блиска до публиката. Се радувам кога во публиката ќе видам луѓе кои вообичаено не доаѓаат на книжевни настани и ќе успееме да ги возбудиме за некоја книга. Но, покрај тоа, претпоставувам дека е точно видувањето дека „Илика“ е сврталиште на младите, а за мене нема поголемо признание одошто нивната слобода на израз и нивното чувство на безбедност во овој простор.
За каква книжевно-издавачка сцена кај нас, сонуваш?
Сонувам за книжевно-издавачка сцена во која ќе владее одмерена култура на дискусија и критика насочена кон креирање на нови политики за подобри практики на работа и похумани услови. Посакувам колективно повеќе да инсистираме на системски промени во доменот на културата кои би овозможиле да заработуваме достоинствено, а да ја вршиме работата навремено и прецизно. Активирањето на книжевната критика е, се разбира, многу важна. Но, пред сѐ ми се чини дека е исклучително важно да ја извадиме романтиката од уморот, жртвата, изолираноста, како тоа да е небаре некаква формула за успех во креативната работа. Затоа: сонувам за помалку работа, повеќе игра.
Фотографии: Наташа Атанасова