Europe House во соработка со Умно.мк ја креира рубриката „Надреден знак“ во која интелектуалци од одредена област пишуваат колумна на теми што нè засегаат.
Хоби по дефиниција е рекреативна активност што некој ја прави доброволно и редовно за свое задоволство или релаксација. Тоа придонесува за сопствената слика за себе и претставува дел од нечиј идентитет. Мислам дека на секој човек во ова време, полно со предизвици, притисоци, изместени вредности, му треба некој издувен вентил, каде што може да се опушти и за миг да заборави на сите мисли, одлуки, неодговорени прашања, проблеми, хоби каде што ќе биде во некој изолиран свет, надвор од сите овие погоренаведени работи.
За мене, спортот, трчањето на почетокот беше токму тоа, релаксација и задоволство. Уживав два-три пати неделно да излезам на кеј, да истрчам некој километар, без смарт-часовник за мерење време, должина, темпо. Но, кога си поставив цел да истрчам маратон во 2015 година, работите почнаа да се менуваат. Почнав да трчам повеќе, по тренинг-програма, со смарт-часовник. Почна времето да ми станува предизвик, се стремев да трчам и побрзо и подолго. (Не)свесно се навлеков на целиот процес и си реков – истрчај го само овој маратон, вложи се на тренинг за да ти биде полесно на трка (сепак се 42 километри) и по маратонот, врати се на трчањето како релаксација.
Но, се случи токму спротивното. По првиот маратон, добив нова желба, да трчам на маратонот во Њујорк, па потоа во Лондон, Берлин, Чикаго, Токио, Бостон, да ги комплетирам сите шест најголеми маратони во светот (предизвик на секој маратонец), да го подобрам времето од маратон во маратон. Тоа значеше повеќе време, вложување, опрема, притисок… помалку слободно време за себе. Почна хобито да зазема друга димензија. Повеќе хобито не беше хоби. Тренинзите станаа дел од мојот секојдневен живот, почнав да се борам со организирање на времето, кога ќе постигнам сè: да тренирам, да одам на работа, да се гледам со пријателите, да одморам… Но, добив друга сатисфакција што ме исполнува, ме прави среќен, ме прави свој.
Откако завршија шесте маратони, си реков доста е, опушти се, уживај во трчањето, како на почеток, без трка со времето. Но, не можев, трчањето и себенадминувањето станаа дел од мене. Тоа ме прави среќен, тоа ме исполнува. Тоа сум јас. Како софтверски инженер, работам полно работно време, а тренинзите ми одземаа околу 4 часа дневно и некогаш немав време за ништо друго.
Страшната трагедија во мојата фамилија, тагата и разочарувањето го убија она што ме правеше среќен и исполнет. Трчав без желба, трчав зашто мислев дека морав да трчам. Стигна повредата што ме оттргна од трчањето цели шест месеци. Во ист момент бев разочаран дека не можам да трчам, не можам да го правам тоа што ме исполнува, а од друга страна, како да го посакував тоа. Чудно е да се објасни. И си реков, кога ќе трчам повторно, тоа ќе биде дефинитивно многу помалку, неколку километри и без часовник.
Првиот месец без трчање помина, но почнав да се губам себеси, сфатив дека морам нешто да спортувам, нешто да правам и така почнав да одам на пливање. По неколку дена си реков, кога ќе помине повредата, кога ќе можам да трчам повторно, да се пријавам на „Ајронмен“ (3,8 пливање, 180 км возење велосипед, 42,2 трчање). И така, повторно влегов во истата замка, наместо да тренирам помалку, се вложив многу многу повеќе.
Секој ден бев поуморен, но секој ден поисполнет, посреќен, позадоволен од себе. Но тренинзите за „Ајронмен“ бараат многу повеќе време и реков – еден „Ајронмен“ и толку. Но, не испадна така. По првиот „Ајронмен“ минатата година, пред некој ден го направив и вториот, и тоа со најдобро македонско време. На целната линија бев преплавен од емоции. Среќен, задоволен, горд, реализиран, опкружен со прекрасни луѓе. Сфатив дека припаѓам овде, и припаѓам на групата луѓе на која хобито и е многу повеќе од хоби, луѓе што сакаат предизвици и не се плашат да се соочат со нив, луѓе што се тркаат со времето и со себеси. Усогласувањето на работата со тренинзите и приватниот живот ми се сè уште предизвик, но тоа е предизвик кој свесно го преземам.
Но, доколку некој ме праша дали хобито треба да остане хоби или многу повеќе, не знам што би одговорил. Само знам дека мене спортот ме направи подобра верзија од себеси и ме однесе на места каде што не верував дека ќе стигнам.
Пишува: Атанас Наумов, софтверски инженер