ЗМИИТЕ И НИВНАТА УЛОГА ВО ЕКОСИСТЕМОТ - Europe House

18 Јул

BACK

ЗМИИТЕ И НИВНАТА УЛОГА ВО ЕКОСИСТЕМОТ

ЗМИИТЕ И НИВНАТА УЛОГА ВО ЕКОСИСТЕМОТ

Во овие жешки денови, на порталите излегуваат различни статии за тоа како да се заштитиме од каснување од змии или да внимаваме каде газиме, за да не наидеме на заспана змија. На планетата Земја познати се 3.500 видови змии, од кои околу 600, односно осмина од змиите се отровни. Сепак, според Светската здравствена организација, само околу 200 од нив претставуваат значителен ризик за човечкиот живот. Светскиот ден на змијата е прогласен на 16 јули и денот повикува на зголемување на свеста за широкиот спектар видови змии ширум светот. 

Историски антагонисти – змиите во митовите и приказните

Иако змиите генерално имаат лоша репутација и се восприемаат како малициозни суштества на мистерија и страв, тие играат клучна улога во одржувањето на рамнотежата на нашите екосистеми. Низ историјата, змиите биле прикажани како симболи на опасност и измама. Во Библијата, змијата ја искушува Ева да го проба јаболкото во рајската градина и да го направи првиот грев што ќе доведе до протерување на човештвото од рајот. Слично на тоа, во грчката митологија, познат е митот за Медуза и нејзината коса од отровни змии, што го претвора во камен секој што ќе ја погледне. Во древната приказна за бесмртноста, Епот на Гилгамеш, на херојот Гилгамеш му е украдена тревката на бесмртноста од водна змија, која му оневозможува да стане бог. Симболиката на митовите и приказните варира од цивилизација до цивилизација, така што сите змии не се лош знак, туку за некои народи и култури змиите претставуваат симбол на надеж и богатство. Во кинеската култура, змијата е едно од 12-те хороскопски животни и е поврзана со мудроста, убавината и просперитетот. Старите Египќани ја почитувале кобрата и често ја прикажувале на круните на нивните фараони како заштитен знак. Во хиндуизмот, богот на змијата Шеша се смета за симбол на вечноста и космичката рамнотежа. Сите овие приказни за змиите, без разлика дали се добри или лоши, ја истакнуваат повеќеслојната симболика, притоа одразувајќи ја нивната улога во различните културни наративи. Дури и во модерната култура, змиите често се прикажани како заканувачки суштества кои демнат во сенките, подготвувајќи се да ја нападнат својата следна жртва. Оваа негативна претстава на змиите ја поттикна фобијата од змии и луѓето сè почесто гледаат на нив како на опасност, отколку како на составен дел од природниот свет.

Зошто змиите се важни за нашите екосистеми?

Змиите се големи чувари на нашиот екосистем. Најмалата змија на светот е змијата од Барбадос од видот tetracheilostoma carlae. Оваа змија е голема колку една монета. За споредба, најдолгата змија е бурманскиот питон (python bivittatus), а најтешката е зелената анаконда (eunectes murinus). Некои змии имаат живописни шари на нивната кожа во црвени, жолти, сини и портокалови бои. Спротивно на нивната застрашувачка репутација, змиите се од витално значење за одржување на функционален екосистем. Тие прават природни контрола на глодари и инсекти кои би можеле да станат штетни за земјоделските посеви и да шират болести меѓу луѓето. Без постоењето на змиите, овие популации на плен би се зголемиле значително, што би довело до прекумерно оштетување и дебаланс во синџирот на исхрана. Покрај тоа, тие играат клучна улога во мрежата на исхрана, затоа што служат и како предатори и како плен, обезбедувајќи храна за птици грабливки, цицачи, па дури и поголеми змии. Оттука, оваа меѓусебна поврзаност овозможува екосистемот да функционира, каде што секој вид придонесува за целокупната стабилност на нивното живеалиште. Надвор од нивниот еколошки придонес, змиите исто така имаат значително влијание врз здравјето на луѓето, преку искористување на змискиот отров за медицински цели.

Разбирањето на важноста на змиите за нашите екосистеми е првиот чекор што можеме да го направиме за да ги заштитиме од нивното истребување. Уништувањето на живеалиштата, климатските промени и човекот се закана за змиската популација ширум светот. Преку различни образовни иницијативи или програми, како и документарни видеа, можеме да се запознаеме со природата на змиите и да се здобиеме со обострани придобивки од заедничкиот соживот. Змиите, често, се погрешно разбрани како малигни суштества поради нивниот изглед и отровноста. Со разоткривање на митовите и истакнување на придобивките од постоењето на змиите во нашата средина, можеме да го трансформираме стравот во почит и разбирање кон овие суштества. Улогата на змиите во контрола на прехранбената мрежа и одржување на биодиверзитетот на живиот свет ја нагласува нивната голема важност во природата. Доколку се истребат змиите, еколошката рамнотежа би била изместена, бидејќи една змија може да консумира десетици глодари годишно и со тоа помага да се заштитат посевите и да се намали потребата за хемиска контрола на штетниците. Дополнително, се намалува ризикот од проширување инфекции и заболувања кај човекот од истите овие штетници.

12 интересни факти за змиите:

  1. Нивната горна и долна вилица се одвојува за да може да им овозможи да консумираат плен до трипати поголем од дијаметарот на нивната глава.
  2. Змиите се ладнокрвни, односно ектотермни суштества и поради тоа мораат да се сончаат за да ја регулираат температурата на телото. Без топлина, змиите немаат доволно енергија да ја сварат храната или да се движат наоколу.
  3. Повеќето змии се активни навечер.
  4. Змиите можат да се најдат низ поголемиот дел од светот, освен на Антарктикот, Исланд, Гренланд, Ирска и Нов Зеланд.
  5. Змиите не се агресивни суштества. Тие не касаат, освен ако не бидат нападнати или за време на лов.
  6. Змиите не живеат во семејни групи, туку имаат самотнички живот. Се собираат за време на сезоната на парење откако ќе се разбудат од долгиот зимски сон (хибернација) напролет.
  7. Змиите не се територијални, имаат домашен опсег во кој се движат во зависност од годишните времиња. Во рамките на нивниот простор тие знаат каде да најдат храна, вода и засолниште.
  8. И покрај тоа што се неверојатно флексибилни, змиите се ’рбетници и имаат коски. ’Рбетот на змиите се состои од повеќе прешлени прикачени на ребрата. Возрасните луѓе имаат 24 ребра, вкупно 206 коски. Змиите можат да имаат до 33 ребра, вкупно до 1.200 коски.
  9. Сите змии се грабливи суштества (предатори), односно месојади, но нивната специфична исхрана обично варира во зависност од нивниот вид и од живеалиштата. Некои змии јадат неколкупати неделно, додека други јадат само неколкупати годишно.
  10. Тие ловат различни живи животни. Отровните змии го убиваат пленот со вбризгување отров низ нивните заби кога ќе каснат, со што ги имобилизираат своите жртви. Неотровните змии убиваат со тоа што ги стегаат животните со нивните тела или јадат живи животни.
  11. Освен што ги користат очите и носот, змиите го користат и својот јазик за да ги соберат важните стимулации од околината. Нивниот јазик ги толкува сигналите и посредува важни однесувања како лов и пронаоѓање партнер.
  12. Околу 70% од змиите несат јајца, додека преостанатите 30% ги раѓаат своите млади живи.

Змиите и нивното значење за човекот

Змиите во нашата земја се во поголемиот број безопасни и неотровни. Во државата има 4 фамилии со вкупно 16 вида регистрирани змии, од кои само три се отровни, а две се полуотровни. Најпознати се: фамилијата црвовидни змии (typhlopidae), фамилијата удави (boidae), фамилијата смокови (solubridae) има 11 претставници: шумски смок, жолт смок, медена змија, белоушка, рибарка, стрелец, леопардов смок, балкански смок, ждрепка, длабочелен смок и мачја змија, како и фамилијата отровници (viperidae). Во последната фамилија спаѓа поскокот, кој е познат уште и како змија камењарка и е најотровната змија не само во нашата земја туку и во Европа. Отровот на поскокот може да биде многу токсичен, но се разликува според временскиот период и кај различни популации и се користи за производство на противотров од каснувања на други европски змии и за таа цел постојат посебни одгледувалишта. Генерално, отровот на змиите се проучува за медицински цели со години наназад, а денес поради антибактериските својства на отровот актуелни се и антиканцерогени третмани. Истражувачите развиле лекови за спасување од змиски отров, вклучувајќи третмани за висок крвен притисок, срцеви напади и нарушување на интерклеточните процеси, меѓу кои и згрутчување на крвта. Овие медицински достигнувања го истакнуваат непроценливиот придонес на змиите во науката и здравството.

Голем Град – македонскиот остров на змиите

Голем Град е најголемиот природен остров што се наоѓа во нашата земја. Островот се наоѓа во Преспанското Езеро и уште е наречен и Змиски Остров поради големата застапеност на змиската фауна. Денес, островот е ненаселен со луѓе и таму живеат два вида змии: неотровната белоушка и отровната змија поскок. Во карпите до водата живее змијата белоушка, која не е отровна, додека во горниот дел од островот може да се сретне отровната змија поскок.

Мошне интересно е тоа што на островот имало два обида за уништување на змиите во минатото со ежови (1949 година) и мунгоси (1967 година), но и двата обида биле неуспешни, бидејќи змиите повторно се размножиле. Покрај змиите, островот изобилува со интересна архитектура, остатоци на населби од неолитот и средновековието. Покрај римската некропола, останати се шест цркви од вкупно дванаесет, а најкарактеристична е црквата подигната во XVI век, што е изградена врз римската цистерна за вода. Зачувани се средновековните цркви „Свети Петар“ и „Свети Димитрија“ и ранохристијанската базилика, каде што се откриени остатоци од поден мозаик. Иако ненаселен и притаен во Преспанското Езеро, Голем Град е скриена оаза на природен спокој и планинарски авантури.

Доротеа Огненовска

Subscribe To our newsletter!