Драг МКЦ,
Ти го пишувам ова писмо со огромно задоцнување, од скоро една година. Сепак, и за тоа имам изговор – годината беше неверојатно тешка и трауматична.
Сега од дистанца, кога ќе погледнам наназад, беше година во која најтешкото го извлече најсилното од сите нас. Година во која покажавме дека можеме да издржиме, да се соочиме со себе, со непредвиденото, со она што лебди во воздух како тежина од оловен памук врз нашите глави. Но, и оловото има слаба точка. Кога е загреано е лесна аморфна маса која може да се адаптира кон надворешната околина пред силно да стврдне и да стане непробојно. Така и ние.
Сеедно, наскоро ќе заврши 2023, а мене ми падна таа огромна чест да напишам писание за тебе и да те раскажам во неколку страници, за оние „деца од 7 до 77“ на кои МКЦ им оставил белег. Не можам да зборувам во името на сите, секој има своја лична приказна со тебе. Но сепак, можам да ги позајмам очиве, па да се обидам низ нив да го согледаме нашето заедничко растење.
Што значи да се биде засекогаш млад? „Младоста живее од надежта, староста и спомените“. Надежта е напорна, секогаш лази по нашето постоење, како сенка од најтешкиот хорор-филм. Но благодарение на неа, сè уште сме во врска. Староста единствено постои кога ќе признаеш дека некогаш си бил млад, а спомените се тука, во секое ќоше од оваа наша зграда. Барем моите се.
Ти никогаш не треба да бидеш млад. Треба да си тука. Во сегашноста, со секој тек, со секој вител, со секоја моментална убавина од уметност која светот ја нуди, да ја впиеш. Млад е категорија која одминува, звучи како стара полица за книги кон која ретко се вртиме, за да не нè навјаса носталгија. Треба да чукаш во такт со светов, со сите срца, со оние што сè уште сакаат поубаво утре. Бидејќи конечно, мора да изрезбаме во камен: културата и уметноста ќе го спасат светот! Мораме да го повторуваме тоа секој ден, во секој час, за да одекнува во континуитет, да знаат дека без овој мал извор на уметност во центарот на Скопје, сегашноста ќе нема смисла.
Ти благодарам за сите работи што ги научивме, сега знаеме што е култура, а што естрада.
Уште да научат тие што треба.
Ти благодарам за сите прекрасни фестивали што го издржаа тестот на времето, тестот на политичките текови, тестот на незнаењето, игнорантноста, сервилноста, калкулациите, ужасот на простотилакот и површноста на „одлучувачките фактори”, ужасот на нивната празна ароганција. Еј, тука сме, твоите ѕидови издржале 50 – ќе издржат уште толку.
Ти благодарам за сите деца што израснаа овде, на кои МКЦ секогаш им е убав спомен. Ти благодарам што во твоето срце можеме да ги погледнеме и најдалечните ѕвезди, па за момент да се прашаме со најискрената детска љубопитност: „А, што е тоа таму?“
Ти благодарам за луѓето што работат тука и што успеваат да го издржат ова секојдневие, од која било причина. Реков – толку си голем што секој може да го најде своето место во тебе.
Ти благодарам што нè научи на фините работи во животот, што низ тебе протекоа илјадници луѓе од сите страни на светот, што си центар на нашата орбита. Ти благодарам што си место, платформа на која може секој да застане и да каже што има, да покаже што направил, да се гордее со себе и со својата уметност.
Ти благодарам што црташ, што пишуваш, што свириш, што танцуваш, што викаш, што правиш сè за инает на ветрот, што нема ден да помине, а да немаш некаков настан што го облагородува сивилото.
Ти благодарам, драг МКЦ, за љубовта кон сите, за љубовта кон животот. Ти си, веројатно повеќе од простор. Ти СИ.
А најмногу од сè, благодарам што од мене направи човек што се вљуби во тебе, искрено и наивно и детски, онака како што требаме сите од 7 до 77. Да знаеме да сакаме, да ја цениме уметноста, да го цениме сечиј подвиг за поубаво утре бидејќи токму тие се вистинските херои кои и покрај сè околу нас, сакаат да ни е убаво.
Драг МКЦ, на здравје!
– Маргарита Арсова