ДЕН НА ЗЕЛЕНА ДОСТАВА - Europe House

22 Сеп

BACK

ДЕН НА ЗЕЛЕНА ДОСТАВА

ДЕН НА ЗЕЛЕНА ДОСТАВА

Во текот на Европската недела на мобилност (16-22 септември), покрај настаните посветени на спортот, се одржа една акција наречена „Ден на зелена достава“. Главната цел на оваа иницијатива е преку воведување на еколошки начини за достава на поштенски пратки да се намали штетното влијание на издувните гасови врз животната средина. Всушност, зелената достава е настан поддржан од Делегацијата на Европската унија, Europe House и Агенцијата за македонски пошти. Активностите се одржаа на 19 септември (четврток), под мотото „Ден на зелена достава“, а иницијативата е насочена кон поддршка на одржлива урбана мобилност и заштита на животната средина. Поштарите користеа велосипед, електричен тротинет или одеа пеш и на тој начин активно придонесуваа во намалувањето на јаглеродниот отпечаток, а во поширока смисла помогнаа во креирањето на „зелени навики“ за иднината. Во свет што постојано се соочува со предизвици поврзани со климатските промени, важно е да се најдат иновативни решенија што ќе го намалат штетното влијание врз животната средина. Преку оваа акција, поштарите поминаа неколку километри со велосипед или пеш, носејќи пакети и пратки до домовите, без речиси никакво негативно влијание врз екосистемот. Ова значи помалку издувни гасови во воздухот и намален сообраќаен метеж. Токму оваа иницијатива е добар пример за заедничка одговорност кон природата што придонесува за почист воздух и подобра животна средина.

Како функционира зелената достава?

Зелената достава функционира преку едноставен, но многу ефективен начин – наместо користење возила што загадуваат, доставувачите ги користат своите велосипеди или одат пеш, особено во урбаните средини каде што сообраќајот е густ и загадувањето на воздухот е сериозен проблем. Велосипедот е многу ефикасно средство за транспорт, бидејќи не емитува штетни гасови и овозможува брза и флексибилна достава на пакети во градските средини. Истовремено, пешачката достава е идеална за кратки растојанија, особено во централните делови на градовите, каде што сообраќајот е ограничен или непристапен. Оваа акција беше спроведена низ пет града, и тоа во рамките на Еurope Нouse Скопје, Europe House Струмица, Europe House Битола, Europe House Тетово и Europe House Струга.

Покрај мрежата на Europe House, Националниот давател на универзалната услуга АД Пошта на Северна Македонија, како и седум лиценцирани даватели на поштенски услуги: Карго Експрес ДООЕЛ увоз извоз Битола, ДХЛ Експрес Македонија ДООЕЛ Скопје, ИН ТИМЕ МК БПС ДОО Скопје (UPS), ТПЛ Тотал Пост Логистик ДООЕЛ Скопје, ИН ПОШТА РАДЕСКИ ДООЕЛ Скопје, ЕКО ЛОГИСТИК СЕРВИС ДОО Скопје и ВИА ПОСТ ДООЕЛ Скопје, ја поддржаа оваа иницијатива преку употреба на еколошки транспортни средства (велосипеди, електрични тротинети итн.) за достава на поштенските пратки до граѓаните.

Предности на зелената достава 

Зелената достава носи значителни придобивки за иднината на урбаните средини на нашата земја. Со користење велосипеди и пешачки методи за достава се избегнуваат емисиите на штетни гасови, како CO2, кои, инаку, се испуштаат од моторните возила. Ова директно влијае врз намалувањето на вкупното количество јаглерод диоксид во атмосферата и игра клучна улога во борбата против глобалното затоплување и климатските промени. Понатаму, зелената достава помага во подобрување на урбаната средина. Намалувањето на употребата на автомобили значи помал сообраќаен метеж во градовите, што води до побрза и поефикасна достава на пакети. Ова го олеснува секојдневието на поштарите и го подобрува квалитетот на живот во урбаните средини. Градовите стануваат помирни и попријатни за живеење, со помалку врева и загадување од моторните возила.

Покрај еколошките и урбанистичките придобивки, зелената достава има и позитивно влијание врз здравјето на поштарите. Велосипедизмот и пешачењето се одлични начини за одржување на здрав начин на живот. Овие активности ја промовираат физичката активност кај луѓето кои секојдневно се ангажирани во процесот на достава и поттикнуваат здрави навики во заедницата. Конечно, зелената достава нуди флексибилност во доставата, бидејќи велосипедите можат да стигнат до места каде што автомобилите имаат ограничен пристап. Ова е особено корисно во тесните улици и пешачките зони, каде што конвенционалните возила не можат да влезат или имаат многу ограничен пристап. Така, зелената достава овозможува побрза и поефикасна испорака на пакети, особено во густи урбани области каде што автомобилскиот сообраќај е целосно замрен.

Благодарение на овие придобивки, зелената достава придонесува кон заштита на животната средина и кон подобрување на градската мобилност. Еколошкиот идентитет на зелената достава ја прави оваа иницијатива пример за тоа како модерните технологии и традиционалните методи, како пешачењето и велосипедизмот, можат да се комбинираат за постигнување на природна и градска одржливост. Преку ваквите активности, покрај тоа што се намалува загадувањето и емисијата на штетни гасови, исто така се зголемува и свесноста кај граѓаните за важноста на климатските промени. Зелената достава претставува клучен чекор во изградбата на еден поеколошки и поодржлив урбан простор, каде што приоритет се дава на здравјето на луѓето и заштитата на природата. Оваа акција, поддржана од Europe House и Агенцијата за пошти, е доказ дека соработка на институциите и граѓаните може да доведе до позитивни промени. Со секој доставен пакет се испраќа порака за потребата од еколошки свесно живеење и заштита на планетата. Секоја година, сѐ повеќе градови се приклучуваат кон оваа иницијатива, што има огромен медиумски интерес и е препознаена како двигател на одржливата урбана мобилност не само во Европа туку и пошироко во светот.

Доротеа Огненовска

Subscribe To our newsletter!