Секој 30 април во годината е посветен на џез-музиката и се слави насекаде низ светот. Во енергичната синергија на глобалната музика, џезот се издвојува како звучен доказ за човечката креативност и истовремено како феномен на културната фузија. На овој ден, музичките обожаватели и музичари ширум светот се собираат за да го прослават Светскиот ден на џезот – најдинамичниот жанр во историјата на музиката.
Вкоренет во афроамериканската историја, џезот се појавува кон крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век. Инспириран од разновидните музички традиции на Њу Орлеанс, неговите рани музички манифестации се карактеризираат со синкопиран, односно скратен ритам и бараат значителна и постојана импровизација за време на музичкиот перформанс. Талентираниот џез-артист треба да умее да влегува во различни ритмички игри и импровизации за да создаде џез-песна.
Џезот е карактеристичен, пред сѐ, најмногу за афроамериканската историја, зашто им дал глас на маргинализираните заедници и предизвикал културна револуција на територијата на САД. Пионерите како Луис Армстронг, Дјук Елингтон и Џели Рол Мортон ги поставиле основите на џез-музиката, додека нивните иновативни композиции и виртуозни изведби не престануваат да ја воодушевуваат светската публика денес, повеќе од половина век подоцна од нивниот прв јавен перформанс.
Средината на дваесеттиот век е период познат како златната доба на џезот. Џез-фигурите како Мајлс Дејвис, Џон Колтрејн и Ела Фицџералд се заслужни за поместување на границите на жанрот. Џезот добивал свои варијации. Тука спаѓа и бибоп-револуцијата од четириесеттите, како и експерименталниот џез од шеесеттите, кога продолжил да се развива, инспирирајќи се од влијанијата од латино-музиката и африканската и азиската музика. Албумите како „Kind of Blue“ на Дејвис и „A Love Supreme“ на Колтрејн се дефинираат како синоним за уметничката експресија на модерното време. Нивната музика ги надминала културните бариери и послужила како инспирација за идната музичка џез-сцена.
Џезот во Европа
Проширувањето на џезот околу 1900 година на територијата на САД кај афроамериканската заедница за време на културните миграции довело до мошне брзо ширење и на други места во светот. Од 1918 до крајот на 1920 година во Европа зборот „џез“ бил непознат термин што означувал микстура, односно мешавина на различни видови музика. Подоцна, џезот станал вистинска мода во повеќето западноевропски земји. Еден од најважните аспекти на оваа „нова мода“ било тоа што допрела и до музичари од академските музички кругови, како што се Игор Стравински, Морис Равел и Жорж Орик во Франција, кои гледале на џезот како на инспиративен извор за нивната композиторска практика. Друг сличен пример со џез-експериментација доаѓа од австрискиот композитор Ернст Кренек и неговата композиција на „џез-опера“, со наслов „Jonny spielt auf“ од 1927 година.
Низ целиот свет, џез-музиката полека почнува да станува еден од најинтересните музички жанрови. Во Европа, градовите како Париз и Лондон станале културно жариште за развој на џез-музиката, привлекувајќи музичари од Америка, а истовремено негувајќи ја магијата на локалното творештво. Во меѓувоениот период, т.н. „џез-доба“ ја зафатила Европа, населувајќи се на сцените од ноќниот живот со заразниот џез-ритам. Фигури како Џанго Рајнхард и Стефан Грапели биле пионери на жанрот познат како џипси џез. Тие го основале Квинтетот на жешкиот клуб на Франција (Quintette du Hot Club de France) во 1934 година и групата опстанала сè до 1948 година. Нивниот експеримент ја комбинира традиционалната ромска музика со различни форми на џез-импровизација за да создаде уникатен европски звук.
Денес, џезот продолжува да се навраќа на глобалната сцена, во дослух со новите технологии. Од раздвижените улици на Рио де Жанеиро до интимните џез-клубови во Токио, љубителите на џезот се собираат за да го прослават Светскиот ден на џезот, потврдувајќи ја трајната привлечност на жанрот и универзалниот јазик на ритамот и мелодијата. Така и во нашата земја, Светскиот ден на џезот го прославуваме низ повеќе градови со низа работилници и интерактивни курсеви.
Студентска уметничка пролет
Последниот настан на Студентска уметничка пролет беше посветен токму на интернационалниот ден на џезот. Младите уметници читаа поезија додека во заднината свиреше традиционална џез-музика од посветени музичари на различна возраст. Оваа поетско-музичка вечер претставуваше интермедијална соработка помеѓу два факултета во Скопје – Факултетот за музичка уметност и Факултетот за драмски уметности. На Академска сцена на ФДУ бевме сведоци на џез-ентузијасти чии мелодии и импровизации одличнo се вклопија со поезијата на младите талентирани книжевни творци.
Велес во џезерска атмосфера
Europe House Велес го прослави Светскиот ден на џезот заедно со „Art Generator“, уникатен настан што секоја година продолжува да ги инспирира и да ги поврзува љубителите на музиката. Настанот побуди интересен преглед на историјата и развојот на музичките стилови преку изложба на џез-плочи на најголемите колекционери во Велес, а се организираше и интерактивна обука за нагодувањето грамофони предводена од Марјан Стојнев со акцент на аналогниот звук. Подоцна бевме сведоци на неверојатен соло-пијано концерт на Гордан Спасовски, чија изведба уште еднаш го потенцираше длабокото емотивно влијание на џез-музиката врз публиката.
Вечерта ја заокруживме со винил-забава со Бојан Петков-Шамба. Неговиот избор на плочи создаде прекрасна атмосфера, каде што настана хармонично испреплетување меѓу старото и новото. Видеомапингот, пак, овозможен од „Edit points“, го претвори просторот во посебно доживување, илустрирајќи го џезот не само како звук туку и како визуелна репрезентација.
Џез-работилница во Струмица
Europe House Струмица организираше интерактивна работилница со Филип Динев, кој беше придружен од младите гитаристи на професорот Васко Пиличев – „Ависта“. Учениците се запознаа со различни музички инструменти, особено со инструменти што најмногу се користат при џез-импровизации. Светскиот ден на џезот го прославивме во убава атмосфера преку гитарски курс, разменувајќи искуства, знаења и совети меѓу младите гитаристи.
Во Струга се слуша ЏЕЗ!
Во вторникот, на 30 април, Europe House Струга го одбележа интернационалниот ден на џезот на многу креативен начин. На повеќе локации во градот, учениците од средното музичко училиште „Тодор Скаловски“ од Струга и професионални музичари под водство на професорот Гоце Стојаноски свиреа џез-музика. Напладне, во зенитот на сонцето, пред мезе-барот „Кингстон“, машката плажа кај хотелот „Дрим“ и на шеталиштето спроти хотелот „Фреја“ одекнуваа звуците на препознатливите џез-песни.
Доротеа Огненовска