Вовед во фасадни реновации
Многу од зградите кај нас потекнуваат од минатиот век кога се градело брзо и евтино, како природните ресурси да се бесконечни, а бетонот да е вечен. Со првите пукнатини на нивните фасади дојдоа и првите сомнежи дека оваа прагматична архитектура можеби и не е толку трајна како што претходните генерации се надеваа.
Децении подоцна, во пикот на оваа еколошка и енергетска криза, веќе знаеме дека за да загрееме или оладиме еден неизолиран објект треба да потрошиме барем 20% повеќе енергија. Колку повеќе енергија трошиме, толку повеќе ја загадуваме планетата, но и толку повеќе растат нашите сметки.
Архитектурата треба се менуваат во тек со технологијата и развојот на општеството, па така зградите кои повеќе не се ефикасни треба или да ги срушиме или да ги поправиме.
За рушење на постоечките и градење на нови згради ни требаат многу повеќе пари, време, сурови ресурси и енергија. Дополнително процесот ќе ослободи толку многу јаглеродни емисии во воздухот што на новиот објект ќе му требаат децении да ја поврати штетата од неговото градење.
Реновацијата честопати е финансиски подостапна и позелена алтернатива, бидејќи прави големи заштеди преку рециклирање на елементите кои се уште се во добра состојба. Впрочем, ако сакаме да ја подобриме ефикасноста на една постоечка зграда потребно е да ја унапредиме само нејзината надворешна обвивка – фасадата, прозорците и кровот.
Нивоа на фасадни интервенции
Минимална енергетска реновација подразбираа барем инсталација на прозорци со двојно стакло и термална изолација на постоечките ѕидови и кровови. Овој слој ја дефинира енергетската ефикасност на објектот – колку подебела и поквалитетна изолација, толку се поголеми придобивките.
Сепак и овие реновации се сериозна финансиска инвестиција, но доколку гледаме на долгорочен план само со намалување на сметките за греење и струја обично успеваме да ги повратиме парите во период од 8 до 15 гoдини. Со новите покачени цени за греење, веројатно би си ја вратиле инвестицијата уште побрзо.
Но, кога веќе ги подигнуваме скелињата и ги инвестираме парите најисплатливо е да направиме колку што е можно повеќе во еден залак.
Ова може да значи инвестирање во поквалитени и потрајни материјали, кои ќе гарантираат подолг живот на новата фасада. Исто така можеме да се фокусираме на алтернативи кои се базираат на природни ресурси и лесно можат да се рециклираат, или пак да инвестираме во зелен кров или зелени ѕидови кои истовремено и изолираат и го прочистуваат воздухот.
Процесот на фасадна реконструкција е одлична прилика за унапредување на постоечката архитектура или додавање екстензии, кои можат и да ни помогнат во финансирањето на самиот проект. Со подигнување на квалитетот на живеењето во овие згради се зголемува и нивната вредност на маркетот при продавање или издавање.
Интересен пример се и станбените згради каде има можност за додавање на плус катови. Сопствениците можат да изградат нови, екстра станови, а со нивната продажба да си ја повратат оригиналната инвестиција за фасадната реновација.
Фази на фасадна реновација
- Анализа на постоечката состојба
Најпрвин правиме дијагноза на зградата. Дали таа има сериозни штети: пукнатини, знаци на влага, ’рѓа или присуство на азбест? Кои се можни решенија и колку се тие исплатливи? Кои материјали се достапни, колку се тие трајни и дали се штетни за околината?
- Демонтажа и чистење
Во оваа фаза целата фасада се соголува и демонтира. Ова значи вадење на сѐ: олуци, огради и подови на тераси, прагови, цигли или малтер. Останува носечката структура која се мие со млазови и се проценува колку таа е здрава и стабилна.
- Структурални репарации
Доколку структурата е многу стара или не е квалитетно изведена таа ќе има штети на плочите од терасите, надвратниците, гредите, или ѕидовите, во форма на пукнатини, ронење или влага на бетонот.
Поправка на бетон и арматура е една посебно комплицирана процедура за која е потребно големо техничко знаење. Но, во секоја ситуација или буџет можат да се изведат одредени интервенции и подобрувања.
- Хидро и термо изолација + прозорци
Откако структурата е поправена, таа мора целосно да се изолира за да биде отпорна на топлина и влага.
Водата е најголемиот непријател на бетонот, доколку навлезе во неговата структура предизвикува ’рѓа и распаѓање, што во краен случај штети и на статиката на тој носечки елемент. Затоа целата конструкција мора да се обвије со водоотпорна мембрана како ЕПДМ, битумена или други хидроизолации.
Потоа се поставува термалната изолација како континуирана обвивка без многу прекини или топлотни мостови. Треба да ги покриеме цели ѕидови и цели кровови, а на отворите да поставиме двослојни стакла меѓу кои има посебни гасови кои спречуваат загревање или ладење.
5. Зарвшен слој
Дури и при изборот на крајниот фасаден слој треба да размислуваме на одржливи, квалитетни и незапаливи материјали кои ќе ја гарантираат трајноста на целата градба. Тука имаме опција да бираме помеѓу малтер, дрво, метал, камен или различни композитни решенија.
Во ова фаза се изведуваат и сите останати фасадни елементи како огради, олуци, плочки на тераси и сл.
Овој завршен процес е многу важен бидејќи го дава крајниот естетски ефект на зградата, преку кој таа комуницира со урбаниот контекст и со своите корисници.
Автор: Ноеми Чаусидис, МАРХ