Ја сакам модата, затоа и се грижам за секој нејзин аспект во мојот живот. Ако стигнавте до овој прилог, сигурно и вие ја сакате модата и сакате да научите како таа да продолжи да биде сѐ она што претставува за вас – индивидуалност, убавина, креативност – без грижа на совест.
Се надевам дека не само што ќе се информираме за проблематичниот статус што модната индустрија го има моментално, туку исто така ќе ви понудам начини за збогатување на знаењето што е потребно за да процените дали една модна компанија или бренд навистина работи одржливо и етички.
Веројатно некогаш досега сте го слушнале или користеле терминот одржлива мода, но што значи тоа? Одржливата мода се однесува на облека што е дизајнирана, произведена, дистрибуирана и користена на начини што се еколошки.
Етичката мода, сроден поим, кој е исто така распространет во светот на освестените потрошувачи, се однесува на облеката направена на начини што ги ценат и вреднуваат социјалната заштита и работничките права. (Забелешка: За веганите, етичката мода може да се однесува и на избегнување кожа, влакна и други животински материјали во облеката.)
Бидејќи екологијата оди рака под рака со социјално правичните практики, сепак, етичката и одржливата мода се сложено поврзани.
Ако сте слушнале за одржлива и етичка мода, тогаш сигурно знаете и за движењето Fashion Revolution, во кое учествуваат повеќе од 80 земји од целиот свет, меѓу кои и нашата. Јас сум дел од македонскиот тим на Fashion Revolution кој се приклучува кон движењето што верува во модна индустрија што ги вреднува подеднакво луѓето, околината, креативноста и профитот. Модната револуција почна, придружете ѝ се!
Се менува пејзажот на модниот свет
Непопустливата желба за економски раст во модната индустрија е огромен фактор. Капитализмот го одржува моторот „во живот“. Од гледна точка на производството, модната индустрија им дава работа на многу луѓе ширум светот (квалитетот на работното место е она што е дискутабилно). На потрошувачите, пак, им се продава мотото „купувај, си заслужи“. И ние купуваме, ли купуваме.
На глобално ниво, купуваме 80 милијарди парчиња облека секоја година (400% повеќе од пред две децении). Ова е делумно пропорционално со експлозијата на растот на населението (повеќе луѓе =
повеќе облека). Но, тоа во голема мера се должи и на прекумерната потрошувачка и неодржливите навики за купување култивирани со брзата мода. Луѓето низ целиот свет се стремат кон нивоа на потрошувачка на развиените земји. Во просек, купувачите купуваат 60% повеќе облека секоја година, што трае само половина отколку што траеше пред 15 години. И овој бизнис модел за раст оперира без оглед на социјалните и еколошките импликации.
Проблемот со брзата мода е што стигнавме до таа точка кога едно тренди кафе чини повеќе од маичка купена од бренд за брза мода. А тоа е голем проблем. Брзата мода во суштина ги претвори четирите сезони во 52, по една за секоја недела од годината. И тие се толку евтино направени, што не треба да ве изненади ако ви се појави дупче на парчето облека по само едно перење.
Иако намалувањето на потрошувачката апсолутно е едно од солидните решенија, менувањето на шопинг навиките не се доволни за да се елиминира негламурозната мрачна страна на модата, која се крие под целиот сатен и светки. Потребно е да развиеме подлабока свест за одржливоста, а најдобар начин за тоа е да се едуцираме.
Одржливоста како начин на живот
Одржливото живеење е практика на намалување на побарувачката за природни ресурси со тоа што ќе го замените она што го користите најдобро што можете. Понекогаш тоа може да значи да не изберете да консумирате производ што е направен со практики што не промовираат одржливост, а понекогаш значи да промените како ги правите работите за да започнете да станувате повеќе активен дел од циклусот на живот.
Сите знаеме дека климатските промени, глобалното затоплување, осиромашувањето на озонската обвивка и намалувањето на ресурсите се вистински и нивното влијание врз животот на луѓето и животните може да биде поразително. Тоа е можност за луѓето да усвојат активности за одржливо живеење што може да им помогне да го намалат влијанието врз животната средина со промена на нивниот животен стил. Одржливо живеење значи да разбереме како нашите избори влијаат на светот околу нас и да придонесеме кон наоѓање начини сите да живеат подобро и полесно.
Зошто е важно да се биде дел од промената?
Повеќето луѓе не стануваат наутро со намера да ѝ наштетат на животната средина – ниту да ѝ помогнат. Луѓето стануваат и си го живеат животот, ги задоволуваат нивните потреби и аспирации. Количината на работи што луѓето ги поседуваат (голем дел од тоа отпаѓа на облека) се зголеми во некои делови од светот, додека во други области многумина се мачат да ги задоволат основните потреби. Нашата иднина сега зависи од нашето однесување и како ќе избереме да живееме, работиме и играме како глобални потрошувачи – како ги менаџираме нашите домови, каква храна јадеме, како се дружиме, како се релаксираме, што купуваме и како се грижиме за нашата планета.
Луѓето не го менуваат однесувањето врз основа на она што треба да го направат. Не реагираат на податоци и статистички факти, ниту на негативни идни сценарија. Луѓето дејствуваат за да ги задоволат своите потреби и аспирации. Носат одлуки засновани врз цената, пристапноста, ефективноста и дополнителните критериуми како благосостојба или трендови. Одржливоста често не е одлучувачки критериум. Дури и луѓето кои сакаат да живеат поодржливо често немаат информации и пристап до достапни и пожелни производи и услуги. Но, не смееме да заборавиме дека за да се постигне одржливост подобро е милиони луѓе да го прават тоа несовршено, отколку далеку помал број да го прават тоа 100% совршено.
Од суштинско значење е да придонесуваме кон модна индустрија која функционира на одржлив начин. Нема едно решение за сите проблеми во модната индустрија. Како индустрија и култура, која се протега низ целиот свет, ќе треба да гледаме на намалувањето на потрошувачката како на првиот чекор кон одржливост. А за тоа, повеќе во следниот прилог.
Автор: Александра Спасеска
Илустрации: Моника Стојановска