31 Mar

BACK

Бизарна семејна драма + префинет физички хорор = „Титан“

Бизарна семејна драма + префинет физички хорор = „Титан“

Како би изгледало кога луѓето би се однесувале како деструктивни машини? Кои се границите на сексуалната наклонетост и постојат ли јасно дефинирани родови улоги? До каде би одел еден родител за да не го изгуби своето дете? Жулија Докурно на бизарен, но многу вешт начин ги истражува овие прашања во филмот „Титан“, добитникот на Златна палма за 2021 година. По успехот на нејзиното првенче „Сирово“ од 2016, режисерката уште еднаш докажа дека е мајсторка за префинет физички хорор со оваа крајно необична приказна, што ако паднела во погрешни раце, резултатот лесно би можел да биде катастрофален.

Чудноста се насетува уште во првите сцени кога по сообраќајна несреќа, малата Алексија се здобива со тешка повреда на главата. Оттогаш таа е осудена на живот со плочка од титан во черепот и видлива лузна над увото – потсетник дека е различна и дека никогаш нема да живее нормално. Возрасната Алексија (Агат Русел) работи како танчарка на јавни изложби на моторни возила, а од нејзините изведби јасно се гледа дека нејзината врска со автомобилите е посебна. Толку посебна што може да има сексуални односи со нив, па дури и да остане бремена. Протагонистката повеќе се однесува како машина отколку како девојка и таа е целосно отуѓена од човештвото, се однесува деструктивно и механички, што евентуално доведува до низа непотребни убиства. Сега веќе позната како опасен сериски убиец, „титанката“ нема друг избор освен целосно да си го смени родовиот идентитет и да се претстави како одамна изгубениот син на капетанот на противпожарна станица, Винсент (Винсент Лондон).

Оттука па натаму дејството се претвора во нетипична семејна драма. „Нетипична“ зашто е проткаена со вознемирувачки сцени на физички хорор кои прикажуваат истекување црн исцедок од телото, прикривање на бременоста и женственоста со насилно обвивање завои, обид за абортус со остра шнола и слично. Семејната драма, пак, се состои во односот помеѓу Винсент и Алексија, која за него е позната како Адриен. Капетанот е подготвен да замижи пред сите очигледни знаци дека  неговиот „син“ е нешто сосема трето, само за да не го изгуби своето дете повторно. Иако неговата посесивност ја гуши антихероината, сепак успева да разбуди некаква емоција кај неа, па така и таа во него го пронаоѓа она што не ни знаела дека ѝ недостига: татковска фигура. Но неизбежноста да се обелодени вистината постојано расте и ескалира со провокативен танц, брутална смрт и раѓање нова надеж.

За да ја раскаже оваа уникатна идеја, Докурно изгледа се водела според принципот „тимот што победува, не се менува“, па ја одбрала генерално истата екипа со која работела на „Сирово“. Впечатливата кинематографија, збогатена со интензивни бои и крупни кадри од тело во агонија или во еротски занес, повторно е дело на Рубен Импенс. И Џим Вилијамс е едно од имињата што се повторуваат, па може да се забележи веќе познатиот пристап кон музиката и нејзиното отсликување на внатрешната состојба на ликовите. Краток, но забележителен настап има и актерката Гаранс Марилиер, која публиката исто така ја запозна во претходното филмско остварување на режисерката како канибалистката Жустин.

Сите овие испробани елементи придонесуваат за успешноста на финалниот продукт, но она што му обезбедува висока позиција меѓу филмовите од овој жанр е блескавото деби на Агат Русел. Нејзината глума е цврста и уверлива и умешно ја доловува суровата трансформација низ која поминува протагонистката. Винсент Лондон, пак, успева да постигне одличен баланс меѓу грубата и грижливата страна на неговиот лик, што му овозможува да се поврзе со гледачите и да ги освои нивните симпатии. Оваа актерска комбинација функционира солидно, иако на прв поглед предизвикува доза сомнеж.

„Титан“ дефинитивно не е филм за сечиј вкус. Може да биде предмет на потсмев, чудење и восхит истовремено, а може и да ги разгневи закоравените обожаватели на Кроненберговата естетика. Во секој случај, несомнено заслужува десетка за оригиналноста и за обидот да ги прошири хоризонтите што ги опфаќа овој озлогласен хорор поджанр.

Марија Лукаревска, Гледај.мк

Subscribe To our newsletter!