16 Dec

BACK

Ајде да зборуваме за социјалната нееднаквост во борбата против брзата мода

Ајде да зборуваме за социјалната нееднаквост во борбата против брзата мода

Самата природа на брзата мода значи дека намалувањето на отпадот, плаќањето фер плата на работниците и гаранцијата дека во процесот не се уништува планетата се речиси невозможни подвизи. Тоа е бизнис модел изграден на брзина, а не на етички практики. Но, ако брзата мода не може да биде добра, тогаш се поставува прашањето: Дали ни треба воопшто? Дали е одговорност на компаниите да прават облека на фер начин или наша одговорност е да купуваме помалку?

Сакам да зборувам за модата, обожавам да зборувам за одржливоста. Сум пишувала многупати дека одржливите навики го опфаќаат нашето целокупно живеење, а не само нашите модни избори. Но, не можам и не сакам да бидам слепа пред фактот дека живееме во капиталистичко општество водено од консумеризам, општество во кое социјалните разлики на населението растат од ден во ден, а јазот во примањата се зголемува експоненцијално.

Сакам да бидам реална – нашата облека и каде ја купуваме – тоа отсекогаш било класно прашање. Облеката е симбол на богатство и статус и сè почесто прашањето на модните избори се меша со идеологијата. Кога ќе се пофали некој колку многу парчиња од брендови за брза мода купил за малку пари, всушност вели: „Имам други приоритети освен да трошам повеќе за одржливо изработени парчиња што би ми биле инвестиција“. Кога носиме етички и одржливо произведена облека како да носиме и етикета: „Се гордеам со мојата принципиелност и сакам луѓето да го знаат тоа“. Јазот се продлабочува, а решението се чини бега сè подалеку на хоризонтот.

Мода и сиромаштија

Брзата мода е непрекинато растечко присуство во земјите од првиот свет од 90-тите. На прв поглед, потрошувачите купуваат евтини и модерни облеки за мал дел од цената на врвните брендови. Но, под површината, сиромашните работници во земјите во развој се еден вид модерни робови кои работат во нестандардни и честопати опасни услови, за минимална плата. Овие синџири на снабдување покажуваат директна врска помеѓу брзата мода и сиромаштијата.

Многу компании за брза мода, како што се Forever 21 и H&M, добиваат нови пратки облека секој ден, додека Topshop нуди 400 стилови неделно. Овие брендови се способни да произведуваат облека со голема брзина, бидејќи тие не се во интеракција со производството, туку прават аутсорсинг на фирми во земјите во развој. Овие фирми потоа го склучуваат производството со поддоговори на нерегистрирани добавувачи кои работат без никакви владини регулативи. Ова значи дека брендовите не се законски обврзани да обезбедат безбедни работни услови. Овој процес ги искористува оние кои веќе се на дното на сиромаштија и токму поради тоа повеќе луѓе треба да бидат свесни за процесите зад нивните евтини парчиња облека од брзата мода.

За да ја илустрирам дополнително нееднаквата распределба на заработката во синџирот на брзата мода, главниот извршен директор на една голема модна компанија за само четири дена заработува исто онолку пари колку што една текстилна работничка во Бангладеш ќе заработи во целиот нејзин работен век.

Различни стартни позиции

На другиот крај на палетата е етичката мода, која се чини станува „помодерна“, а нејзините цени стануваат повисоки. Веќе зборував за тоа дали одржливата мода е навистина поскапа од брзата (и иако стојам зад тој текст, чувствувам дека е потребно да се прошири разговорот на таа тема. Етички произведената облека трае подолго, но ова е бескорисен аргумент за повеќето од нас кои не можат да си дозволат пар панталони од 100 евра (околу 6.000 денари).

Лесно е да се префрлите на поскапи, а поетички брендови кога разликата помеѓу кошула од 2.000 и 3.000 денари навистина не ви значи многу. Што се случува со оние кои, и покрај нивните напори да бидат повеќе еколошки свесни, едноставно не можат да си ги дозволат повеќето стилски етички брендови кои постојат како алтернативи на брзата мода? Повеќето луѓе од работничката класа кои купуваат од брендови за брза мода секако веќе ја носат таа облека долги години. Зарем тоа не е доволно?

Работниците во фабриките на брендовите за брза мода ја прават облеката по толку евтини цени бидејќи немаат алтернатива. Тие се од посиромашна демографија во споредба со привилегираниот свет и им требаат пари. Како активист за етичка мода, ги прозивам големите брендови барајќи одговор на прашањето #којјаправимојатаоблека? со намера да побарам транспарентност од нив за условите во кои работат овие работници. Но, што ако, кога купувам брза мода, го правам тоа затоа што тоа е она што можам да си го дозволам? Ако повеќето луѓе од работничката класа дознаат кој недоволно платен работник во некој регион во развој ја направил нивната облека, практичното прашање овде е: Кога и самите се едвај добро платени, што навистина можат да направат за да помогнат?

Целата премиса на брзата мода е да можете брзо да купите облека, да изгледате добро и да стекнете самодоверба додека трошите што е можно помалку. Сепак, секогаш кога разговараме за брзата мода, зборуваме за трендови и инфлуенсери и никогаш не го спомнуваме фактот дека најголемата причина зошто луѓето сè уште купуваат брза мода е врзана за големината на нивните џебови. Разговараме за економскиот диспаритет и за тоа колку луѓе ширум светот заработуваат под минималната плата. Сепак, не можеме да видиме дека патот од таму до купувањето евтина брза мода е прилично прав и непопречен.

Етичката дилема на одржливоста

Во одржливата модна заедница владее консензус дека добро, етички, одржливо, еколошки изработената облека е подобра. Па, зошто некој не би ја сакал? Дали помислуваме дека можеби причината е затоа што не можат да си ја дозволат? Дали станува форма на современ класизам? Ова е лесна замка во која паѓаат добронамерните луѓе. Треба да бидеме свесни дека за некои луѓе, сè што можат да си дозволат е брза мода и тоа е пропратен ефект од циклусот на сиромаштија и ниски приходи во светот денеска. Да погледнеме подалеку од онлајн активизмот и хаштазите на Instagram, и да согледаме дека постојат и други причини во реалниот свет поради кои луѓето можеби ќе сакаат да купат брза мода, освен следењето на модните трендови. Да го осознаеме фактот дека многу луѓе сè уште купуваат брза мода бидејќи не можат да си дозволат побавна мода. Да осознаеме дека не секој е финансиски способен да направи подобар избор. Сме зборувале за предностите на купувањето облека од втора рака како одржлива алтернатива, но не треба да забораваме дека во тие продавници ќе најдеме два типа на клиенти: луѓе кои можат да си дозволат нова облека и луѓе кои немаат избор. Првите или од сентиментални или еколошки причини купуваат од втора рака по избор, а вторите, токму затоа што немаат избор.

Ова ги изостава работниците од средната класа кои имаат избор, но се вртат кон брзата мода за да бидат стилски облечени, а сепак да поминат евтино. За овие луѓе за кои верувам дека го сочинуваат мнозинството купувачи на брза мода, ни требаат нови начини да ја пренесеме пораката. Можеби треба да ги охрабруваме луѓето да купуваат само работи што навистина ги сакаат и бидејќи знаат дека ќе ги носат многу, а не само бидејќи се евтини и достапни. Можеби треба повеќе да се фокусираме на важноста на рециклирањето на облеката и текстилот, како и разменување или донирање на веќе носената облека во добротворни цели.

Ова е важно, за да не продолжиме да ги игнорираме „мртвите агли“ во општеството во кое живееме и да бидеме поодговорни како членови на заедницата. Тоа често ќе значи соочување со фактот дека во некои (или повеќе) аспекти сме привилегирани, а колку е поголема привилегијата, толку се побројни тие „мртви агли“. Ако не ги разбираме целосно причините за купувањето брза мода, како можеме да се надеваме дека ќе им го покажеме подобриот пат на поголем број луѓе? За почеток, сметам дека треба да продолжиме да прашуваме #којјаправимојатаоблека? без разлика дали станува збор за парче од 200, 2.000 или 20.000 денари, бидејќи верувам дека поголемата транспарентност ќе помогне да се намали јазот и да се доближат стартните позиции.

Автор: Александра Спасеска

Илустрација: Моника Стојановска

Subscribe To our newsletter!