Како изгледа булингот од различни перспективи? И што се случува кога ќе ги смениме улогите и ќе се ставиме во позицијата на другиот?
По повод Светскиот ден на менталното здравје, средношколците во Europe House Велес преку интерактивната игра „Spectrum of Impact“ (Спектар на влијание) ги истражуваа различните улоги во ситуации на врсничко насилство.
Под водство на психолозите од Altera Kognicija, учениците од СОУ Гимназија „Кочо Рацин“ – Велес анализираа различни сценарија и разговараа за улогата на оној што врши насилство, за болката на оној што го трпи, но и за одговорноста на оние што набљудуваат.
„Она што ја направи оваа средба посебна беше енергијата на учениците, нивната отвореност, подготвеноста да размислуваат, да се стават во туѓа позиција и да согледаат дека зад секоја постапка стои човек, а зад секоја групна ситуација – односи, влијанија и избори“, истакна психологот Иле Махлијанов.
На младите учесници им поставивме едно прашање: „Што се крие зад булингот?“ Нивните кратки одговори потсетија дека булингот не е секогаш очигледен. Зад навидум безопасна шега, молчење или ситуација во која никој не реагира може да се крие туѓа болка што останува незабележана.
Работилницата потсети дека булингот не е проблем само на оној што го доживува, туку и предизвик за целата заедница. Молчењето на сведоците може да му овозможи на насилството да продолжи, додека еден глас на поддршка може да биде првиот чекор кон промена. Наместо да бидеме неми набљудувачи, можеме да избереме да го препознаеме насилството, да реагираме и да им дадеме поддршка на оние на кои им е потребна.
Серијата работилници ќе продолжи и во наредниот период, со вклучување различни групи ученици и организации. Преку нив, младите ќе добијат простор не само да разговараат за важни теми, туку и подобро да ги разберат туѓите чувства и перспективи, да поттикнат позитивна промена и да придонесат кон превенција на булингот.
Врсничкото насилство не се победува со молчење, туку со храброст, разбирање, емпатија и заедништво.





