Тошо Филиповски: Работам за да имаме критичка младина - Europe House

6 Oct

BACK

Тошо Филиповски: Работам за да имаме критичка младина

Тошо Филиповски: Работам за да имаме критичка младина

Разговара: Наташа Атанасова

Сите што го знаат Тошо Филиповски, знаат со каква љубов, страст и упорност го работи тоа што го сака. А тоа што сака е – сè што е поврзано со македонската рокенрол музика. Интервјуво со Тошо го договаравме уште за време на Саемот на книгата на почетокот на мај, ама нè фати летната раздвиженост и дури сега успеавме да го направиме. Поводот, секако, беше и остана неговата одлична монографија „Мизар – откровенија 1981-2021“.

Морам да кажам дека многу ми е мило што монографијата за „Мизар“ веќе е распродадена, затоа што станува збор за значајно издание и за нашата музика и за нашата култура. Колку си задоволен од приемот на книгата кај публиката?

Книгата е речиси распродадена, иако имам уште неколку примероци кои ќе ги зачувам за пријатели за кои знам дека не земале, а веројатно ќе сакаат. И не се продаде така лесно, и покрај тоа што станува збор за мал тираж од 400 примероци, во кој ги печатев последните две книги, „Мизар“ и „Македонски рок времеплов“. „Македонска дискографија – винили (1958-2019)“ беше во 800, а од „Македонската рок енциклопедија (1963-2018)“ направив 2.000 примероци, кои сè уште се продаваат.

Чувството секако дека е убаво. Бидејќи одам на принцип на преднарачка, однапред можеш да видиш колку „фанови“ имаш, да го почувствуваш пулсот на публиката. И јас сум задоволен од тој момент, затоа што половина од тиражот оди на преднарачки и на некој начин уште од старт можеш да покриеш одреден квантум на финансии за печатењето. Сето тоа што се продава подоцна ми е хало-ефект на тие првични моменти, односно постепено дознаваат и други луѓе и сакаат да имаат примерок.

Човек кога ќе земе само да ја листа книгата, се зачудува од изобилството на фотографии, исечоци од весници, плакати итн. од просторите на цела Југославија, од четири децении. Кога си почнал да ги собираш и најмалите работи за „Мизар“, насетуваше ли дека денес ќе го направиш ова?

Собирам од раните детски денови, ама тогаш тоа беше фасцинација или страст кон музиката и неможност да бидеш директен учесник на таа сцена. Јас сум роден и одраснат во Кочани, што е 120 километри одовде, од Скопје, што и тогаш и сега е центарот на културните и музичките збиднувања. И како дете од провинција, она што максимум можеш да го правиш е да ги следиш списанијата кои тогаш ги имаше во поголем број, па си сечеш дома слики и си правиш албумчиња, собираш информации и знаеш на што си посветен.

Иако тогаш собирањето не беше со таква намера, годините си одеа и кога дојдов во Скопје кон крајот на 80-те, како клинец кој сака да биде дел од таа приказна, веднаш се вклучив во сцената како новинар. Е, тогаш веќе секоја информација ми се наоѓаше за телевизиските и радиоемисиите што ги правев.

И некаде при крајот на 90-те, кога Перо Јањатовиќ дојде за промоцијата на неговата „Екс ЈУ рок-енциклопедија“ во Скопје, на која имав среќа да му бидам модератор, му кажав: „Сето ова е супер, но ти недостасуваат македонски бендови. Ама си ми инспирација и еден убав ден, здравје, ќе направиме македонска рок енциклопедија за да ти покажам и тебе, и на македонската, и на југословенската јавност дека македонската сцена не се само два-три бенда, туку дека е многу поголема“. И оттогаш почнав интензивно да собирам материјали, веќе со јасна цел дека еден ден ќе завршат во енциклопедија. Дваесет години беа потребни за да созреат условите и во 2018 да ја направам „Македонската рок енциклопедија“. Имам поминато извонредно многу време во собирање материјали, и тие материјали постојано ги конципирам во одредени идеи за некои наредни книги, а и за да ги надополнувам недостатоците. Нормално, имам некомплетни и непроверени информации за одредени бендови, ама посветувајќи се на одредени теми за овие четири книги полека го подзатворам тој мозаик наречен македонска рокенрол сцена. Сепак, уште многу камчиња ми требаат и ги барам во меѓувреме.

За „Мизар“, конкретно, колку време ти требаше да ги надополнуваш камчињата од нивната приказна?

Па не многу. Приказната за „Мизар“ ја знам ако не од самите почетоци, тогаш од нивното второ откровение во `86 година, кога почнаа да стануваат тоа што се. Но знаев и дека имам многу „дупки“, а сакав да ги забележам сите нивни концерти, сите снимки што ги направиле и на проби, песните што ги свиреле на концерти, сите можни луѓе, а тоа се повеќе од 50, кои поминале низ „Мизар“…

Сакав сето тоа до најмала ситница да биде заокружено и да најдам колку што е можно повеќе фотографии, знаејќи дека самите членови на бендот или неговото јадро, не се многу „марливи“ за да ги собираат и чуваат. Така што, во старт ја тргнав приказнава со собирање информации од југословенските простори, со контактирање луѓе за кои знаев или претпоставував дека биле во некаков контакт со „Мизар“ низ годините, како фанови, новинари, промотери, фотографи и дека е можно да имаат сочувано материјали по приватни фиоки. Ми беа потребни неколку месеци за да ги убедам луѓето да копаат по своите архиви и на крај резултатот се тие стотина фотографии, исечоци од списанија, плакати… кои никогаш досега не биле објавени. Сите дупки ги пополнив со информации, така што 95% сум сигурен дека монографијата на „Мизар“ е релевантна.

Какви беа реакциите од сите „Мизаровци“ кога ја видоа книгата?

Сите знаеја дека работам на тоа, затоа што на секого му се обратив за материјали и информации. Ама целосно ја видоа книгата дури на промоцијата. И мислам дека сите од нив беа задоволни, т.е. оние коишто дојдоа, затоа што некои се починати, некои во странство, некои од приватни причини не можеа да присуствуваат, но барем половината беа таму. И не гледам причина зошто да не бидат задоволни. Самата монографија, во принцип, е споменик за нечиј придонес во културата на едно општество, така што приказната за „Мизар“ и според мене, и според многумина пријатели е одличен споменик за едно време коешто за жал веќе не го живееме, ама оставило сериозна трага во формирањето на глобалната слика за македонската култура и македонскиот идентитет.

Во книгата објаснуваш дека 80-те, првата деценија на „Мизар“, се „години кои навестуваа промени во општеството, некое ново и креативно будење на прогресивната младина“. И, да, се јакне националната свест, Македонија станува самостојна, но тој силен спој на светските текови со исконски македонското оттогаш нема да го видиме пак на сличен начин во музиката. Зошто е тоа така?

Да, и особено оној поджанр на рокот, готик рок, дарк музика, што „Мизар“ во тоа време почнуваат да го воздигнуваат на овие простори, тоа ги прави уникатен бенд и на просторите на некогашна Југославија. Иако малку задоцнија во однос на светските текови, тие го фатија моментот на експанзија на тој готик и дарк звук во светот, кога беа актуелни „The Sisters of Mercy“, „The Mission“, „Bauhaus“. „Мизар“ се автентичен одговор на светскиот dark movement, а притоа не се копија. Она што го антиципираше во прашањето – тие се доволно автохтони за домашното поднебје, што ги направи интересни, компаративни и конкурентни на светскиот пазар. Друга е приказната зошто не успеаја на тој светски пазар – такви беа условите и вината не е најмногу кај нив, иако и кај нив е нормално, меѓутоа се тотално споредливи со кој било светски бенд во тоа време.

Такви се и реакциите на луѓето од страна, бендови, новинари, промотери кои успеале да ги видат ние тие неколку години – дека имаме светски производ. Toa што во основата го имаат православниот момент со византиското пеење, кој е доста автентичен, па баратањето со темите од минатото, од историјата, па фолклорниот момент – сето тоа во светски рамки му дава една поинаква, побогата слика на глобалниот дарк готик звук.

Ги прошируваат можностите на жанрот.

Ние сакаме така да гледаме, а веројатно и така е. Експертите што го проучуваат тој жанр во светски рамки велат дека подоцна имало такви обиди за имплементирање на локалното, на етно моментот во генералните постулати на дарк готик музиката, меѓутоа дека тоа не функционирало толку. Па, се испоставува дека православието и византискиот момент ја даваат таа длабочина, продуховеност, која не е постигната ни на просторите на Југославија со обидите да се направи сличен готик-производ со католичката традиција. Да не биде дека сум субјективен, и многу колеги новинари од некогашните југословенски простори велат дека само кај нашите „Мизар“ и „Падот на Византија“, па и кај „Тело-наука совршена“ и „Клеопатра“, тој момент совршено функционира.

Во една изјава велиш дека луѓето што се занимавале со рок музика никогаш не те разочарале, дека се сè тоа добри луѓе. Рокот ги прави луѓето добри или добрите луѓе го прават рокот?

Таа изјава јас поинаку ја толкувам. Во суштина, ме разочарале и тоа како, особено луѓе кои потекнале од тоа рокенрол милје па заглавиле во политиката. Занимавањето со критичка култура во пубертетските денови, а рокенролот е тоа: критика на живеењето и тоа без табуа, космополитизам, согледување на нештата онакви какви што се реално и, пред сè, бунтовност којашто сметаме дека на секој млад човек треба да му е тука – сето тоа треба да те направи подобар човек. Да не зборувам за ред и дисциплина… Иако рокенролот генерално е бунт, во општества каде што сè е импровизација, за да имаш рокенрол бенд и да создаваш музика, мора да имаш ред кога се прават пробите, снимањата и да бидеш самодисциплиниран.

Со голем број луѓе со коишто сум разговарал сега, кои го живееле тој живот во 70-те, 80-те, па и 90-те, а кои денес имаат свои бизниси, работат на факултети и се општествено-одговорни луѓе, кажуваат дека тоа многу им помогнало подоцна за развивање на кариерата и дека ги направило подобри луѓе. Поинаку гледаат на нештата од денешна возрасна перспектива, подобро прават проценки, немаат табуа, стереотипи… А таа бунтовна енергија сметам дека секој млад човек треба да ја поседува. Ако сакаш подоцна да станеш личност со квалитети, мораш да го имаш тој критички однос, тоа критичко размислување. Не можеш да ги прифаќаш работите така како што ти се медиумски дадени без да имаш свој сопствен став кон тие нешта. Токму на тоа мислев кога ги поврзував рокерството и добрината. И оние што се во политиката, доколку би ги применувале тие постулати од нивниот рокенрол живот кој како млади го живееле, тогаш не би забранувале, би се потрудиле да овозможат слобода на говорот, слобода на медиуми, пристап на младите бунтовни деца до соодветна прогресивна содржина, ангажираност кон јавниот сервис и јавните медиуми за тие да продолжат да продуцираат не медиокритети, туку идни генерации со свест, со став кон нештата.

Каква е поврзаноста на музичката култура и културата во едно општество – каква била порано, а каква е сега кај нас?

Ова е, малтене, прашање за есеј. Ќе одговорам низ призма на мојот начин на живеење во 80-те и особено 90-те, кога интензивно ги живеев и учествував во создавањето на културниот музички живот во Скопје, особено во она што се нарекува андерграунд алтернативна сцена. Целата таа културна сфера, а со неа и музичката, која даваше некаква критика, влијаеше на подобар, подинамичен општествен живот во Македонија.

Сега го немаме тој медиумски простор на изразување и сè е сведено на некоординирани културни акции во коишто нема многу ангажираност, a и оној мал процент на ангажираност во тие културни изблици просто е намерно незабележан. Немаме специјализирани списанија, имаме дневни весници во кои културата е рубрика за да се учат новинари кои подоцна би биле политички новинари, со извинение кон оние малку што останаа и коишто со сето срце се грижат за следење на културниот живот, притоа давајќи некоја ангажирност или искажувајќи критичка мисла кон она што се прави на еден пософистициран начин, а не на бруталниот политички начин, кој се сведува на препукувања меѓу партиите и не е реална критичка опсервација на начинот на живеење. Културата го дава тоа префинето, софистицирано и убаво и оние што сакаат можат да ја сфатат поентата и да се потрудат да ги сменат нештата.

Затоа, сметам дека 90-тите беа подобри. Го имавме тој почетен ентузијазам, адреналинот и енергијата кај тие што ја создаваа културата и кај оние кои пишуваа за тој културен живот или го промовираа. И медиумите кои тогаш ја почнуваа својата приказна несвесно дозволија пробив на урбаниот културен момент во своите програми, за бргу потоа да сфатат дека е подобро тие работи да се остават на страна и да се занимаваат со политичко профитерство, комерцијализирање и не знам да го кажам финиот па ќе го кажам грубиот збор – со отапување на народот колку што е можно повеќе. Ќути си, трај си, прај си и не дигај галама – тоа станавме.

Можат ли „Мизар“ на денешните млади луѓе да им бидат тоа што ти биле тебе и на луѓето од твојата генерација, да го имаат истото влијание?

Не би сакал да бидам нешто критичен, меѓутоа зависи од периодот што ќе го слушнат. „Мизар“ низ тие четири децении минаа низ многу фази, иако генерално во основата го имаат тој дарк готик звук. Периодот што мене ми значел најмногу е оној со мистичноста, тајновитоста и длабочината од 80-те и 90-те години. 2000-те со Горан Трајковски и подоцна со повторното враќање на Горан Таневски се веќе нешто сосема друго. И денешниот состав се надевам дека ќе си има свој придонес. Сакам да верувам дека е така и сакам да го забележам тоа на терен. „Мизар“ за жал многу ретко настапуваат и во оваа постава и не знам колку од публиката којашто ќе дојде и ќе се пронајде во тие песни, бидејќи сега е друг изведувач. Не сум многу сигурен дека можат да направат такви „пореметувања“ какви што мене ми направиле во мозокот. Сега такви се околностите – прво, младите нема каде да ги слушнат, ќе мора од родителите да бараат цеде…

Ама ги имаат „Јутуб“, „Спотифај“. На интернет има сè, па кога ќе се навлечеш на некој бенд, можеш да потонеш во тоа море од информации и тоа целосно да те обземе. 

Е, јас не можам ни да замислам како би можело со гледање на „Јутуб“ да се предизвика револуција во главата. Дополнително, кој ќе те насочи таму? Иако за мене магијата биле телевизијата, грамофонот, касетофоните, би ја прифатил интернетот со „Јутјуб“ и „Спотифај“, ама мораме да имаме насоки. Затоа цело време инсистирам дека јавниот сервис мора да ги отвори своите врати за емисија што ќе ги сублимира нештата што се случуваат во државата. Јас зборувам за музиката и за рокенролот, а тоа би требало да е општо за културата и таа емисија на младите генерации да им ги дава насоките. А потоа, кога ја имаш основната информација, лесно е со интернетот.

Направи голема турнеја низ Македонија со монографијата за „Мизар“. Имаше ли можност да разговараш со млади луѓе низ другите градови?

Јас не сум задоволен од турнејата. Многу повеќе патував со „Рок енциклопедијата“, а со другите две книги фати короната и немав многу можности. Со „Енциклопедијата“ отидов до Белград, а сега со „Мизар“ до Загреб и Риека. Но, сакам приказната за рокенролот да стигне со секое, и најмало место во Македонија. Затоа, сега кога одев да ја промовирам „Мизар“, ги носев и сите други книги. Моите промоции се и некој вид трибини за ситуацијата во македонскиот рокенрол. Разговараме за тоа како можеме да ја подобриме ситуацијата и како да не биде сè централизирано. Ако јас и многу други луѓе сме морале да доаѓаме во Скопје за да ги консумираме убавините на културата и на музиката, можеме да се потрудиме барем во некои идни времиња да ја дисперзираме таа културна понуда и во внатрешност за да не се чувствуваат хендикепирани младите што растат таму и кои верувам дека имаат силен потенцијал културно да се изразуваат и сакаат да бидат поинакви личности, со поинакви видувања и сакаат оваа држава да ја направат подобра.

Сметам дека е недозволиво за градски средини, кои имаат културна инфраструктура – објекти и институции, да произведуваат и да нудат толку мала и толку слаба програма. Еден-два настана месечно во град со 30 или 50 илјади жители се множи со нула, еднакво е на статистичка грешка, а не на организирана културна понуда финансирана од државата. Затоа нашите сограѓани нема каде да излезат, па сè се сведува на „рекла-казала“ седење по кафулиња, кафеани и озборувања. Ниедна градска средина не заслужува таков начин на живот!

Институционално добиваш минимална, речиси никаква поддршка за твоите книги. Но затоа имаш огромна поддршка од луѓето околу тебе што неизмерно го ценат тоа што го правиш. Не велам дека треба да бидеме рамнодушни на рамнодушноста на институциите, но мило ми е што пријателите се тука секогаш да најдат начин квалитетот да види бел ден. Како го доживуваш ти ова?

Кај мене битката е точно во таа насока. Од почетокот, за да стигнам до „Енциклопедијата“, 5-6 години работев на барање средства за истражување и за објавување. Со години упорно бев одбиван, за во 2018 година да добијам финансиска поддршка од Министерството за култура. Кога ја завршив книгата, мислев дека мојата работа е препознаена и дека постојано ќе бидам поддржуван за да продуцирам барем по една книга годишно. Арно ама, секоја година одново ги имам истите породилни болки. Или енормно ќе го скратат буџетот и ќе добијам средства колку за една збирка поезија или, како лани, нема да добијам никакви средства.

Од друга страна, пак, да, објавувањето на „Енциклопедијата“ ми ја зголеми довербата кај пријателите, кај луѓето кои ги споменав на почетокот на муабетот: доктори, директори, професори на факултети, сериозни луѓе со свои професии, за кои сметам дека занимавањето со рокенрол ги направило квалитетни луѓе. Тие не заборавиле на рокенрол приказната и ми ја даваат нивната поддршка.

Ама, иако за секоја нова книга и моралната и финансиската поддршка од нивна страна се сè поголеми, јас сè уште сметам дека зад вакви дела мора, ама мора да стои Министерството за култура, односно печатот на мојата држава. Овие книги не се белетристика и не ги правам за да заработувам. Овие книги се траен влог за културниот идентитет на оваа држава, за генерациите што ќе доаѓаат, тие се белег на едно време и белег на 5-6 децении континуирано создавање на рок-музика во Македонија. И инает сум. Иако ме одбија од Министерството, сега повторно ќе конкурирам и повторно инсистирам на нивната поддршка на оваа приказна. Сите нови министри и министерки мора да сфатат дека самите се минливи и дека треба да им биде гордост ако стават едно камче во мозаикот на културата и на тој начин да бидат запаметени, а не да извадат три камчиња и уште малку да ја осакатат и онака растурената слика на македонската култура. Нека се да ги средат институциите да си ја работат работата, да продуцираат квалитетни настани и нека не нè приморуваат секоја година да се молиме за трошка од буџетот кој сите го полниме.

Хроничарот и борецот во тебе очигледно не спијат 😊. Што да очекуваме од тебе во иднина?

Мене многу работи во однос на рокенролот ме интересираат, не е само пишувањето. Во последниве години се занимавам со издаваштво на винили, со цел аудиодокументирање на македонската музичка рокенрол историја. Имам издадено 7 винили, од кои  голем дел се компилации од снимки од различни бендови кои никогаш не се нашле на носач на звук. Тука е Macedonian dark wave 1985-1989, со снимки од 9 македонски готик бендови, па компилацијата Колку гласно морам да викнам за да ме чујат, со актуелно ангажирани бендови кои имаат нешто гласно да кажат.

И, и понатаму собирам сè што е поврзано со македонската музика: флаери од концерти, плакати, маички, снимки, сè што се може… Сето тоа е за да ми користи во процесот на истражување за некои следни книги, меѓу кои е и биографијата на Горан Трајковски, на која работам во моментов, но и за во блиска иднина да ја реализирам мојата поголема идеја – музеј, архив или центар за истражување и дигитализација на македонската рокенрол музика. Тоа е нешто на што сериозно работам и сметам дека оваа држава треба да има таква институција, онака како што ја има Кинотека или Институтот за фолклор.

Догодина се заокружуваат шест децении од почетокот на рокенролот во Македонија и тоа огромно аудиобогатство мора да биде институционално згрижено. Засега е згрижено само она што е официјално објавено, ама тоа е само 0,1% од вкупното аудиобогатство што е реализирано во Македонија. Сите артефакти, постери, официјални изданија, облеки, гардероби, гитари… од сето тоа сакам да направам музеј што секој турист што доаѓа во земјава ќе може да го посети. Во моментов мојата куќа во Кочани веќе е мал музеј со сите мои работи што сум ги собирал низ годиниве. И затоа сакам тој музеј да биде во Кочани, каде што ќе се чува соодветно сè што е хартиено и нема да стравуваме дека ќе се уништи и дека за век и веков нема да имаме примерок од нештата.

Фотографии: Наташа Атанасова

Subscribe To our newsletter!