31 Jul

BACK

Марко Пејчиновски, маратонец: Пливањето е еден од благословите во мојот живот!

Марко Пејчиновски, маратонец: Пливањето е еден од благословите во мојот живот!

Во денешно време повеќе од кога било имаме луѓе кои се борат со депресија или имаат анксиозност итн. и не мислам дека се обрнува доволно внимание на тоа. Имам почувствувано и знам колку е тоа сериозно – вели 16-годишниот охриѓанец, кој е дел од изложбата Future of Europe

На свои 12 години го направи првиот свој голем подвиг – исплива 25 км, тргнувајќи од Св. Наум Охридски до градското пристаниште во Охрид. Оттогаш не застана. Марко Пејчиновски (16) е инспирација за сите. Момче со челична волја на која многу повозрасни можат да му позавидат. Иако има некроза на едната нога, тој е неуморлив и секогаш е подготвен за нов предизвик – преку своите подвизи да ја крева свеста за многу наши маргинализирани граѓани, деца и возрасни. Неговиот последен предизвик беше четвртото препливување летово на релација Струга – Св.Наум (30 км), со времетраење од 9 часа и 26 минути.

Уживам во пливањето

Марко е дел од проектот „Европски младински цели“ и од изложбата Future of Europe, што се состои од портрети на 12 инспиративни млади луѓе кои се истакнуваат во одредена дејност. Нивните портрети што ги создаде уметникот Зоран Кардула и нивните куси приказни се изложени на изложбата во East Gate во Скопје.

Пливањето е повеќе од спорт за мене. Кога размислувам за работите што ме прават среќен, пливањето една од нив. Уживам во пливањето, уживам во самостојноста што ја имам кога пливам. Пливањето го гледам како еден од благословите во мојот живот! Се одлучив на долги патеки, бидејќи не можам да пливам со нозете, другите луѓе кои пливаат на кратки патеки се многу побрзи од мене и не можам да се натпреварувам со нив и затоа се одлучив на соло маратони – објаснува Марко, кој во новата учебна година ќе биде трета година во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“.

Да се обрне повеќе внимание на менталното здравје

Менталното здравје и благосостојбата се европските младински цели кои смета дека се најважни и најдобро го окарактеризираат.

Отсекогаш сум ја гледал психичката страна сериозно. Мислам дека во денешно време повеќе од кога било имаме луѓе кои се борат со депресија или имаат анксиозност итн. и не мислам дека се обрнува доволно внимание на тоа. Имам почувствувано и знам колку е тоа сериозно. Затоа верувам дека е време да се обрне повеќе внимание на менталното здравје.– вели големиот херој.

Се радува што е дел од проектот Future of Europe и посакува да има што повеќе такви во иднина.

На прашањето што би сакал да постигне со пливањето, вели дека најголема желба му е да ги преплива сите релации поврзани со Охридското Езеро и да биде најмлад меѓу пливачите што се обиделе.

Него го води следната мисла:

Без разлика колку е тешка ситуацијата во која се наоѓаш, секогаш постои светлина на крајот од тунелот. Се надевам дека ќе бидам една од личностите што може да донесе промена.

Subscribe To our newsletter!