Europe House во соработка со Умно.мк ја креира рубриката „Надреден знак“ во која интелектуалци од одредена област пишуваат колумна на теми што нè засегаат.
Сите наидуваме на клише изреки кои ги кажуваме со потсмев и невистини, но всушност најчесто клишеата се жива вистина. Но кога станува збор за одговорност и преземање акција, нема поточна изрека од онаа во насловот на оваа колумна.
Да го ставиме ова во контекст на заштита на животната средина: индивидуална одговорност има секој од нас, цело време, секаде. И тоа без разлика дали станува збор за пазарење, седење по дома и гледање филмови, дружење со пријателите или, пак, фрлање ѓубре. Но зошто повеќето од нас немаат еколошки навики, свесно и одговорно секојдневно функционирање?
Е сега, морам малку да ја раширам темата за да дојдам до заклучокот на крај.
Со текот на времето научив дека подемот на масовното производство и „развојот на економијата“ се започнати со погрешни вредности, а тоа се парите и профитот. На почетокот на 20 век се порачуваат пропаганди кои ги мамат големите маси луѓе да веруваат дека одреден производ им е неопходен и дека ќе им го направи животот полесен и подобар, без многу етика и морал. Најпознат во тоа е Едвард Бернејс, внук на познатиот психолог Сигмунд Фројд, кој ја користи психологијата на човекот за да продаде производ. Се враќаме повторно на психологијата, односно зошто возам автомобил, а не велосипед, зошто не селектирам, зошто не пазарам рефус?
За да го сфатиме ова, треба да разбереме дека човечкиот мозок функционира на линија на помал отпор. Тоа е негов механизам за преживување, негова цел е да ја намали енергијата потребна да се реши некој проблем, а да ги зголеми наградите (уживањето).
Да го кажеме тоа понародски: завршуваш со работа, дома нема ручек, а не си стигнал навреме да испазариш на пазарче, па да зготвиш сам. Да се испланираат оброците, потребни се време и енергија за планирање. Додека, пак, пазарењето во супермаркет и нарачувањето храна е полесно, или некои милуваат да кажат – попрактично и бара помалку напор. Мозокот, барајќи да зачува енергија, те поттикнува кон полесната опција. Не е најстрашното тоа што немаш ручек. Но сите овие навики имаат многу негативно влијание врз животната средина: супермаркетите ја поттикнуваат масовната потрошувачка и се главен причинител за згаснување на локалните, микропроизводители на храна. Понатаму, освен што е економски неисплатливо, купувањето готова храна прави да имаме многу повеќе ѓубре во кантата, и тоа од пакување/кутии кои се за една употреба и не се рециклираат. Да, оние тенки пластики не се рециклираат и затоа ЕУ веќе ги забрани за секаква употреба. За крај, непланското пазарење храна резултира со поголеми количини отпад од храна.
Тука би сакала да потенцирам еден факт, дали знаете дека развиените земји имаат поголемо количество на отпад отколку неразвиените? Со други зборови, луѓето што имаат повеќе финансиски средства повеќе купуваат, а со тоа и повеќе одлагаат ѓубре. Во Германија едно лице во просек произведува, или фрла, 620 кг отпад. И тука спаѓа сѐ, и селектиран и неселектиран отпад. Додека, пак, кај нас, тоа изнесува 450 кг по жител.
Повторно ќе се навратам на навиките: студиите покажуваат дека на богатиот човек му е полесно да си купи нов фен за коса наместо да го поправи стариот. Помалку напор прави оној што сам си влегува во автомобил и оди на работа отколку секојдневно да се договара со комшијата или колегата кога да се чекаат и да одат заедно в град.
Промената започнува со освестување. Треба да бидеме свесни и ќе знаеме дека нашето пазарење нова облека секој месец во нискобуџетните продавници на долг рок нѐ чини многу повеќе (затоа што тие облеки не траат долго, се оштетуваат и се фрлаат), а со 3-4 квалитетни парчиња облека можеме и подобро да изгледаме, и повеќе време да имаме за други активности затоа што не шетаме по продавници. Дури тогаш ќе почнеме да размислуваме поинаку и ќе отвориме можност за стекнување нови еконавики.
Е тука за повеќето работи е клучен функционален систем. Досега зборував за одговорноста на индивидуите, но за да ја зачуваме планетата, мора да има симбиоза. Тоа најдобро функционира со освестени индивидуи кои придонесуваат за развој и добро функционирање на системот. Едноставно едно без друго не може. Под систем се подразбираат државата, градот и општините, јавните претпријатија и училиштата, но и системот кој го имаме и во најблиската околина, а тоа се нашите пријатели и семејство.
Лично мое мислење е дека нам сѐ уште ни се блиски одржливите навики, не треба да „измислуваме топла вода“, доволно е да погледнеме што прават нашите родители или баба и дедо, иако тоа го прават од економски причини, тоа се добри практики на одговорно однесување кон планетата. Баба ми правеше многу рецепти со дршки од зеленчуци – од пити до чорби. Другата баба цело време фрлаше ѓубре во една кеса која потоа ја миеше, а и кантата си ја миеше, за да не купува кеси и да заштеди некој денар. Дедо ми, пак, не се симна од велосипед, „Понито“ уште седи во подрум и може да се вози. Моите дома чуваат работи од кога бев мала затоа што „ќе се најде некогаш“. И ете, денес моите деца носат неколку маички и си играат со моите играчки.
Преку вакви практики, здружени може да влијаеме врз системот. Само ако има доволно велосипеди на улиците, градоначалниците ќе имаат приоритет да прават велопатеки, а не булевари. Клучното е да не се откажеме затоа што е тешко и нема услови за тоа. Да не дозволиме да го избереме полесниот начин. Туку да бидеме сигурни во нашите акции, во тоа што го правиме дека е правилно и одговорно. Понатаму, секој на свој начин да проба да го подобри системот – дали е тоа преку разговор со најблиските, политичка активност или можеби отворање некој бизнис за да се реши одреден проблем.
Затоа, пред да го обвиниме системот дека не работи, прво да се преиспитаме себеси. Или како што рекле старите: ако можеш да направиш добро, не прави лошо. Одговорноста е твоја да направиш напор бидејќи тоа е вистинската одлука. А времето е дојдено бидејќи ја прочита ова колумна докрај.
-Мила Јовановска, комуниколог, екоактивист